Илустрација: „Нова Македонија“

Претседателката на Европската комисија најави амбициозен проект за земјава, но ќе смисли ли нешто за блокираните евроинтеграции?

Вниманието на регионалната јавност деновиве го привлече мини-турнејата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, низ земјите од Западен Балкан, во чии рамки денеска треба да престојува во Македонија. Во пресрет на посетата, таа во понеделникот од Тирана најави дека ЕУ планира да гради фабрика за вештачка интелигенција (ВИ) во Македонија, со што јасно стави до знаење дека фокусот на нејзината посета ќе биде на соработката во делот на дигиталните технологии и ВИ, што во некои домашни кругови се протолкува како планирано избегнување да се соочи со главниот проблем – блокираните македонски евроинтеграции.

Дигитална симбиоза со ЕУ

Претседателката на ЕК во генералните констатации досега не спомена ништо во врска со македонските евроинтеграции, но самата најава дека Унијата има намера да гради фабрика за вештачка интелигенција во Македонија говори дека ЕУ се фокусира само на она што е во нејзин интерес.
– Ќе започнеме со две антени во С. Македонија и Србија, со што воведуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион и им овозможуваме на компаниите од сите шест партнери да се поврзат со европските фабрики за вештачка интелигенција – изјави Фон дер Лајен во своето обраќање на Инвестицискиот форум на ЕУ и Западен Балкан во Тирана.
Инаку, оваа иницијатива е дел од поширокиот акциски план на Европа за вештачка интелигенција, чија цел е создавање интегрирана инфраструктура што ќе овозможи развој и примена на најсовремените технологии во сите земји што се дел од европското дигитално семејство. Преку фабриките и нивните локални антени, европските компании, истражувачки центри и универзитети ќе добијат пристап до напредни модели на вештачка интелигенција, суперкомпјутери и дигитални ресурси без потреба од големи индивидуални вложувања.
Европската комисија во своето соопштение уште нагласува дека овој потег има симболична и стратешка вредност: го приближува регионот кон европската дигитална економија и создава предуслови Западен Балкан да стане дел од „европскиот технолошки екосистем“.

Македонските евроинтеграции да не излезат од фокусот на Брисел

Без оглед колку звучи примамливо најавата за изградба на фабрика за вештачка интелигенција и на некој начин ја зајакнува европската перспектива на земјава, сепак не треба да се допушта шанса да исплива дилемата „дали сето ова е некаков вид на утешна награда за Македонија во немоќ или немање желба на официјален Брисел да ја надмине блокадата на македонските евроинтеграции“.
Од она што можеше да се слушне досега во јавниот дискурс, повеќе од очигледно е дека претседателката на ЕК едноставно не сака да ја разбере суштината на проблематиката што доведе до надворешна блокада на македонските евроинтеграции, а уште помалку чувствителноста што таа тема ја предизвикува кај македонскиот народ, па затоа не ѝ дава голем приоритет.
Ако мисијата на нејзината турнеја е да ги мотивира земјите да ги забрзаат реформите за побрзо да станат дел од ЕУ, тоа е на некој начин во ред, но проблемот е што ниту една реформа нема да биде доволна бидејќи Македонија сѐ уште не е уверена да го промени Уставот (отворајќи го патот за целосно идентитетско обезличување), без никакви гаранции дека повторно нема да биде блокирана.
Токму затоа посетата на Фон дер Лајен треба да се искористи подобро да ѝ се објаснат македонските позиции, грижи и стравувања (соговорниците велат, ако треба, со помош и на вештачката интелегенција), дека не станува збор за класична инаетливост или суета да не се спроведува она што го прифатила претходната влада, туку за прагматичен пристап преку кој македонскиот народ ќе добие јасна потврда дека нема повторно да биде изигран, понижен и, што е уште пострашно, да биде предмет на отворена асимилација токму поради европската непринципиелност.
Ако до пред извесно време позициите на ЕУ беа дека уставните измени мора да се направат по секоја цена доколку земјава сака да почне со отворањето на преговарачките поглавја, веќе некое време се актуализираат барањата од повеќе земји членки на земјава да ѝ се обезбеди некаква предвидливост во пристапниот процес, односно да не биде повторно изманипулирана и блокирана на тој пат ако ги направи уставните измени.
Таквите предупредувања дојдоа од повеќе земји што се свесни дека билатералните условувања ќе продолжат и во иднина, а најдобра потврда дека е така е неодамнешното категорично одбивање од страна на Грција и Бугарија да се прифати предлогот за одлучување со квалификувано мнозинство кога станува збор за процесот на проширување. Тоа јасно говори дека ветото за овие земји и натаму е клучната алатка за блокирање на земјите кандидати.

Фон дер Лајен активно да се вклучи во наоѓањето решение

Некои од домашните аналитичари, анализирајќи ги изјавите на претседателката Фон дер Лајен дадени при посетите на Албанија и Црна Гора, констатираат дека таа говори за европска иднина онаму каде што нема отворени прашања, додека таму каде што има застој и проблеми, како во случајот со македонските евроинтеграции, приоритетите ги става на инвестиции, кои е прашање дали ќе се реализираат, само колку да се задржи европската перспектива.
– Кога во Скопје дојде претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, тој се интересираше исклучиво за проблемот меѓу Македонија и Бугарија. Тој беше сериозно запознаен со македонската позиција и стравувања и истото тоа го изнесе и во Софија без никаква задршка. Тој кажа дека на земјава ѝ требаат гаранции дека нема да биде изиграна и во тој дел беше доследен. Затоа и на претседателката на ЕК треба да ѝ се презентира македонската позиција, зошто е отпорот кон уставните измени, како може да се најде излезот без да бидат загрозени нечии интереси. Впрочем, ЕУ со ништо нема да отстапи од сопствените принципи доколку се држи до исполнувањето на Копенхашките критериуми при проширувањето, кои се прецизни и јасни и кои не оставаат простор за никаква друга блокада ниту од Бугарија ниту од Франција ниту од која било друга земја. Тоа е она што македонските граѓани го бараат од претседателката на ЕК, принципиелен и фер однос, ние да си ги исполнуваме реформите, без притоа нашиот идентитет, јазик, историја и култура да бидат предмет на нечие оспорување и причина за блокади – констатираат аналитичарите.
Според нив, отворањето фабрика за вештачка интелигенција треба да биде поздравено, но фокусот да биде на одблокирањето на македонската евроинтеграција.
– Не треба да се задоволуваме со утешни награди, туку со упорност да ги презентираме нашите аргументи. Мора да бараме проактивност и од претседателката на ЕК кога станува збор за македонските евроинтеграции, наместо само да инсистира на уставни измени, да биде отворена и за резервите кај македонскиот народ и да најде начин тие што поскоро да ги нема. Постојано има иницијативи од некои земји членки, има разни предлози, така што Фон дер Лајен ако сака може да биде дел од решението што ќе значи запазување на македонските црвени линии, односно почитување и на македонските интереси, кои не се на ничија друга штета, за разлика од некои туѓи интереси, кои директно задираат во македонското национално ткиво. Тоа треба да го увиди и да го осознае Фон дер Лајен за време на посетата на Скопје – заклучуваат соговорниците.


Вештачката интелегенција (ВИ) во функција на заштита на нашиот интегритет и суверенитет

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера објави дека нашата држава го добива првиот национален центар за вештачка интелигенција „Везилка: Национална ВИ фабрика и антена“ (AI Antenna Factory), кој се реализира со поддршка на Министерството и со финансиска помош од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата ЕуроХПЦ. Според него, тоа е „капитален проект со историско и национално значење и нова страница во дигиталниот развој на Македонија во која Владата, универзитетите, индустријата, заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција“. Носител на овој проект е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ во Скопје, со силна институционална поддршка од Министерството за дигитална трансформација и Владата. Проектот „Везилка“ е избран за финансирање преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата ЕуроХПЦ, а вкупната вредност изнесува нешто помалку од шест милиони евра. Финансиран е од ЕУ, со кофинансирање од страна на Министерството, Владата и ФИНКИ. И според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ЕУ препозна дека капацитетот на моќ на суперкомпјутерите и инфраструктурата за вештачка интелигенција е фундаментален предуслов за технолошка автономија и конкурентност. Во таа насока беше нејзината изјава, дадена при турнејата низ балканските земји, дека „овие фабрики за вештачка интелигенција ќе се отворат и за Западен Балкан, вклучително и со антени и во Македонија и во Србија“. Македонската „Везилка“ е планирано да функционира како придружен центар на Европската фабрика за вештачка интелигенција (ФАРОС), со седиште во Грција. Ова партнерство ќе овозможи директен пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори,што ќе биде достапно за јавни институции, стартапи, компании и истражувачи. Но, за издвојување е дека во името на Владата како најзначајно пред сѐ и над сѐ, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во јавноста ја издвои целта на овој проект: Дигитална заштита на македонското културното наследство (јазик, култура, образование и други проекти), но и апликативна примена на вештачката интелигенција во здравството, енергетиката, јавната администрација и земјоделството. Во тек е собирањето доволно македонски текстови, тие како содржина да се дигитализираат и понатаму да се направат една добра база и квалитетен дата-сет што ќе служи за градење добар таканаречен „јазичен модел“. Со тој јазичен модел „ќе го задржиме нивото на суверенитет“. Н.М.


Што најави претходно, а што е сработено од проектите на Фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и во својот прв мандат најави проекти уште за време на нејзината посета во октомври 2022 година, кога беа ветени 80 милиони евра за земјава како непосредна буџетска поддршка за да се справи со енергетската криза. Средствата беа дел од поширок пакет за енергетскиот план, кој вклучува инвестиции во енергетски врски, обновлива енергија, енергетска ефикасност итн.
Во февруари 2023 Фон дер Лајен предложи европска поддршка до 100 милиони евра за Македонија, со цел да ѝ помогне со финансиските предизвици поради скокот на цените на енергијата и енергетската зависност.
Тука секако е и планот за раст за земјите од Западен Балкан тежок шест милијарди евра, од кој претседателката на ЕК за Македонија вети дел ако се исполнат реформските обврски. Во тоа спаѓаат и 52 милиони евра, кои би се добиле до крајот на годината како почетна фаза.
ЕК уште ветуваше и инвестиции во обновлива енергија и транспортна инфраструктура, како изградба на соларни централи (Осломеј, Битола) и ветерниот парк во Богданци.
Потоа европска помош беше најавена и за железничкиот коридор 8 (со поврзување со Бугарија и Албанија) и коридор 10 (од Грција преку Македонија кон Централна Европа) за подобрена транспортна поврзаност.
Од сето ова засега се изградени ветерната централа во Богданци и соларната централа Осломеј, донесени се неколку еколошки автобуси за јавниот превоз во Скопје, ЕУ и ЕИБ потпишаа грант за изградба на прочистителна станица за отпадни води во Скопје, проект што е во тек на реализација. Реализирана е и прочистителната станица за отпадни води во Радовиш. Тоа е она што е најавено или поддржано од Урсула фон дер Лајен досега во земјава. С.Т.