Фото: Игор Бансколиев

ПОВОД: НАЈАВИТЕ НА АЛБАНСКИТЕ ПАРТИИ ЗА НОВА ИНТЕРВЕНЦИЈА ВО НАЈВИСОКИОТ ПРАВЕН АКТ

Голем број држави во светот со децении, па и векови не ги чепкаат своите устави, додека кај нас стана лоша практика, за сѐ и сешто, постојано да се интервенира во највисокиот правен акт. Како да ѝ се застане на патот на ваквата непродуктивна и лоша политичка практика

Како што расте притисокот, претежно од некои центри од надвор, за промена на Уставот и внесување на Бугарите во највисокиот правен акт на државата, Албанците во земјава повторно ја користат секоја пригода преку уцени да испорачаат нови барања, кои речиси без исклучок секогаш се за некакво дополнување на нивните права на кои не им се гледа крајот.

Од друга страна, според оцените на сите релевантни европски институции, Македонија целосно ги исполнила, дури и далеку ги надминала правата што ги уживаат сите малцински етнички заедници во земјава.

Имено, некои од претставниците на опозицискиот албански политички блок во земјава најавија дека ќе ги поддржат уставните измени што веќе се најавуваат само доколку им се угоди за нивното ново барање, за кое барем засега не соопштуваат никакви детали.

Нема никаква дилема дека етничките заедници во земјата треба да разговараат за своите потреби и преку една општествена дебата да се бараат решенија за одредени прашања. Убаво е и да нудат проекти што ќе им бидат од полза на сите во државата, но неодговорно е нивното прифаќање да се условува со гласање по ова или она прашање или, пак, со некакви нови уставни отстапки. Мора да стане јасно дека Уставот на државата не е средство за политичко пазарење, уцени или ултиматуми. Голем број држави во светот со децении, па и векови не ги чепкаат своите устави, додека кај нас стана лоша практика, за сѐ и сешто, постојано да се интервенира во највисокиот правен акт.

Пред нешто помалку од 10 години, кога тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше уставно да го дефинира бракот како заедница единствено меѓу еден маж и една жена, тогашниот нивен коалициски партнер ДУИ, како и втората албанска партија ДПА, ја условија поддршката барајќи суштински измени на Уставот, пред сè во делот на рамноправност на албанскиот со македонскиот јазик, расчистување на дилемите за бинационална држава, дводомен парламент, дефинирање на Уставниот суд, поделбата на најважните функции во државата, како и пропорционална распределба на буџетот.

Двотретинското мнозинство за уставните амандмани беше неизвесно и пред почнување на пленарната седница на парламентот на која со нивно изгласување требаше да се заокружи имплементацијата на Преспанскиот договор. И тогаш некои од албанските политички партии условуваа и бараа унапредување на нивниот статус преку интервенции во преамбулата, по што власта притеснета мораше да им го испорача она што го побараа.

Сега повторно кога се очекува интервенција во Уставот, Албанците во земјава излегуваат со нови условувања и барања, што говори за една лицемерна уценувачка политика што се темели само на задоволување исклучиво на нивните потреби, без да се води сметка дали им се повредуваат чувствата на другите граѓани и етнички заедници и воопшто дали со тоа се нарушуваат државните национални интереси.

Тоа себично однесување со години предизвикува револт кај македонската јавност, која со право се прашува до кога малцинство преку уцени ќе управува со државата и ќе креира политики што се спротивни на волјата на мнозинскиот македонски народ, но генерално и на волјата на другите заедници.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека клучно е оваа држава да има стратегија, за да престанат постојаните пазарења со работи за кои не треба да има пазар, особено не кога ќе се спомене отворање на Уставот.
– Ние како држава немаме стратегија за ништо, ниту за политички, ниту за државни, ниту, пак, за економски прашања, па затоа секој, ама баш секој, го користи тој момент за да добие нешто и затоа условува – вели Пекевски.

Негово мислење е дека треба да се постават вистински црвени линии до каде може да се оди и ниту една влада од тоа да не отстапува, а барањата ќе престанат во овој момент кога Македонија ќе стане вистинска граѓанска држава, наместо вака поделена на етнички табори.
– Треба еднаш засекогаш да ги поставиме црвените линии, да развиеме и усвоиме стратегија и конечно да станеме граѓанско општество, не етничко, не партиско, туку само граѓанско општество и држава – констатира Пекевски.

Тој смета дека секое отворање на Уставот, албанската етничка заедница го користи како средство за преговарање, односно да си обезбеди реализација на она што си го зацртала.
– Тоа што тие го прават пред секое потенцијално отворање на Уставот јас не би го дефинирал како уцена, туку како способност за преговарање. Тие си креираат позиции за преговори и исполнување на она што го замислиле. Кога на сето тоа од другата страна имате слаби политичари, тогаш крахот е неизбежен – заклучува Пекевски.