Да започне беспоштедна заедничка борба на институциите и на граѓаните за поквалитетен воздух и чиста околина
Урбаните средини во државава, односно градовите во Македонија се „мека за загадувањето на воздухот“, кое како хроничен проблем се регистрира секоја година, сѐ повеќе се нагласува и е во пораст. Според извештаите на Министерството за животна средина, освен главниот град Скопје, рамо до рамо со „метрополата“ се и Тетово, Кичево, Охрид, Струмица…
Граѓаните очајно бараат решение за аерозагадувањето
Пред сѐ главниот град е оној што „води на листата на загадувањето на воздухот по сите основи пред другите македонски урбани средини“. Второ, во ова време на годината, нашиот главен град, без исклучок, секојпат е и при врвот на табелата на светските најзагадени градови! Се разбира дека во Скопје, за разлика од другите македонски градови, има најголема концентрација на домови и жители, најголем дневен прилив и одлив на возила и граѓани, дека е стопански најразвиен регион, а со тоа и индустријата и аероемисиите се највисоки, вклучувајќи ги и емисиите на чад и честички од системите за затоплување на граѓаните… и сето тоа придонесува загадувањето на воздухот да се провлекува како тежок и нерешлив проблем со години, при што сѐ уште не е најдено ефикасно и долгорочно решение за него.
Деновиве, поради барањата на повеќе стотини граѓани, некои од тие барања и со јавувања и дописи до редакцијата, ќе се обидеме темата со загадувањето на воздухот што подолго да ја задржиме во фокусот на јавноста, образложувајќи зошто таа тема заслужува да се најде на толку високо место на скалилото на јавниот интерес, а од друга страна да побараме и решенија што драстично ќе влијаат на намалување на загадувањето и ќе го подобрат квалитетот на воздухот во урбаните средини.
Институтот за јавно здравје потврдува со научноистражувачки аргументи за екстремната опасност од загадениот воздух
Институтот за јавно здравје ја информира јавноста дека од сите луѓе што починале, за 20 отсто од морталитетот причина бил загадениот воздух. Тоа се во просек околу 4.000 животи годишно (!?). Факт што стравотно ги загрижи граѓаните.
Доктор Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје, врвна експертка од областа на аерозагадувањето, преку своето обемно истражување за аерозагадувањето и смртноста во земјава, во нејзината последна извонредно темелна студија, за перидот 2019-2021 година, информира и заклучува дека проценетата смртност од загадувањето на амбиенталниот воздух во земјава се движи од 3.828 до 4.175 животи. Во студијата се констатира дека во последниве три години има мал пад на загадувањето со честички ПМ 2,5, кои ги категоризира како многу опасни. Во аргументацијата се додава и дека со појавата на вирусот ковид и пандемијата, тие две работи интерферираа (загадувањето и вирусот), при што придонесоа за раст на смртноста на македонското население. Ситните ПМ-честички, особено оние под 2,5 микрони, лесно стигнуваат во човечката т.н. системска циркулација, правејќи значајна штета на внатрешните ткива и органи. Докторката Димовска предупредува на долгорочните штети на здравјето на луѓето, кои се многу подлабоки и позагрижувачки. А загадениот воздух, според истражувањето, најмногу ги засега ранливите групи граѓани: Најпрвин децата, старите лица, бремените жени… Докторката Димовска го издвојува заклучокот дека во урбаните средини, градовите, студијата идентификува дека многу почесто децата и младите се разболуваат од нивните врсници што живеат во чиста средина.
– Податоците се застрашувачки. Се забележуваат преку зголемување на смртноста од циркулаторни заболувања, мозочни удари и инфаркти, периферни тромбози, оштетувања на периферни крвни садови, дијабетесот 2 е асоциран со изложеност на загаден воздух – набројува докторката Мирјана Димовска.
Во едни вакви околности, според повеќе наши соговорници, „одговорноста и на институциите, но и на самите граѓани, треба значително да порасне! Односот на институциите и на самите граѓани (и како форми на различни колективитети –партии, НВО, граѓански здруженија…, а и како индивидуи) кон прашањето за аерозагадувањето треба да добие сосема нова димензија, сосема различна од досега“. Медиумите прават дополнителни напори со своите укажувања кон надлежните да се направат вонредни напори (вложувања, инвестиции, нови и иновативни методи, кампањи кај граѓаните и сл.) за да се дојде до поповолна состојба, бидејќи здравјето и квалитетот на животот на нацијата се во прашање.
– Конкретни реакции на властите во текот на последниот бран на загаден воздух зимава постојат, резултатите ќе ги следиме во идниот период, со надеж дека тој ќе биде пократок – велат експертите со кои се консултиравме. Н.М.
Нашиот главен град на шесто место на светската листа за амбиентална загаденост
Скопје вчераутро се најде на шестото место по загаденост на амбиенталниот воздух во светот, со индекс на загадување од 158. Табелата е составена според најновите информации собрани и презентирани на платформата „Ај-кју-ер“. Како главен загадувач се наведени честичките ПМ 2,5, чија концентрација е 60,2 микрограми на кубен метар, додека честичките ПМ 10 се со концентрација од 73,2 микрограми на кубен метар.
На врвот на листата на најзагадени градови се наоѓа Њу Делхи во Индија, со највисок степен на загаденост. Второто место го зазема градот Каиро, Египет. Од Балканот, Сараево, главниот град на БиХ, е на четвртото место, а главниот град на Србија, Белград, е на 10-то место.
Соговорниците за деновиве апелираат граѓаните на Скопје да ја ограничат физичката активност на отворено и да избегнуваат подолги изложувања на воздухот, особено лицата од ранливите категории, лицата со респираторни и срцеви проблеми, децата и постарите лица. Поради ваквите состојби властите продолжуваат со преземање мерки за намалување на емисиите и подобрување на јавниот транспорт, како и за зголемување на свеста за последиците од загадениот воздух. Н.М.
Вознемирувачки резултати и од студијата на УНИЦЕФ
Студијата на УНИЦЕФ (од 2019 година) покажа дека кај децата токму загадувањето на воздухот носи до раст на стапката на аутизам и синдромот на дефицит од влијание, а кај повозрасните – до раст на лица со Алцхајмерова или Паркинсонова болест.
Од Институтот за јавно здравје статистиките во врска со загадувањето и влијанието на човековото здравје се испраќаат до Министерството за животна средина, а до нив пристап имаат сите институции, и македонски и странски. Н.М.