Берово
Ви Берово во тек е изградба на велосипедска патека, со должина од околу 22 километра, проект во рамките на програмата „Интеррег VI-А IPP Бугарија – Македонија 2021-2027“.
– Постојната трасирана патека е една од најатрактивни локации за планински велосипедизам како туристичка понуда, со старт од меѓународниот асфалтен пат во туристичката населба Беровско Езеро, преку месноста Кукута и месноста Бреза, а завршува на граничниот премин Клепало, каде што се поврзува со асфалтен пат. Проектот предвидува изградба на место за одмор и рекреација – летниковец од дрвен материјал на соодветна локација во месноста Кукута, соодветна сигнализација по целата велосипедска патека, со обележување на сите локации. Исто така се предвидени и вграден сервис за брза поправка на велосипеди, поставен на бетонска подлога, и место за одмор, опремено со тоалет и со канти за отпадок. Ќе бидат изработени две големи информативни табли од дрвен материјал. Партнери на Општина Берово во проектот се: Општина Струмица и Туристичкиот сојуз од Струмица од Македонија, како и Општина Петрич, Општина Струмјани и бизнис-информацискиот и консултантски центар „Сандански“ од Бугарија. Водечки партнер во проектот е Општина Петрич. Овој проект спаѓа во првите осум проекти од Приоритетот 3, „Интегриран развој на прекуграничниот регион“, на програмата „Интеррег VI-А IPP Бугарија–Македонија 2021-2027“, раководени од Министерството за регионален развој и подобрување со цел развој на туризмот – потенцираат од Општина Берово.
Со одобрување на првите проекти се поставува почетокот на реалната имплементација на интегрираната територијална стратегија од програмата, преку развој на атрактивен целосезонски туристички производ. Имплементацијата на територијалната стратегија има за цел да се создаде посилно и поангажирано локално учество, при што прекуграничните заедници даваат приоритет и идентификување. Покрај продолжувањето и зајакнувањето на соработката, се очекува да се постигнат поголема одржливост, иновација и конкурентност во регионот преку подобрување на мобилноста и поврзувањето, брендирање и маркетинг на прекуграничните туристички производи и зајакнување на врските. Предвидени се исто така и мерки за намалување на ранливоста на туристичките услуги, што е важен чекор кон стабилноста на секторот.
Надлежните посочуваат уште еден значаен сообраќаен проект во градот. Имено, ќе се гради паркинг-простор со бехатон-плочки, во вкупна површина од 600 квадратни метри. Предвидено е поставување рабници и соодветно одводнување на предвидениот простор. Со тоа Општина Берово добива нов паркинг-простор за паркирање на 30 возила, обезбедувајќи уредено и безбедно место за паркирање.
– Во паркингот, во согласност со урбанистичкиот план и сообраќајните услови, ќе се влегува преку ул. Неретва. Жителите од комплекс зградите на ул. Партизанска, ламела 1, 2 и 3, добиваат нов уреден простор за паркирање, со што ќе се регулира сообраќајот во овој дел од градот. Изградбата на паркингот ќе чини 1.491.259,00 денари, пари обезбедени во рамките на објавениот јавен повик на Владата на РСМ, за финансирање инфраструктурни проекти од Програмата АА-Инфраструктурни проекти во општините, на Министерството за локална самоуправа, во согласност со измените и дополнувањата на буџетот на РСМ, капитални проекти од областа на транспортот за 2024 година – велат од Општина Берово, потенцирајќи дека вложуваат во подобри сообраќајни решенија за граѓаните.