Владини мерки против ценовен шок
Владата на вчерашната вонредна седница усвои пакет мерки со кои треба да се ублажи евентуален нагол раст на цените на горивата на домашниот пазар. По состанокот, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека приоритет е зачувување на животниот стандард, во услови кога глобалните пазари се под притисок поради случувањата на Блискиот Исток.
Клучната мерка предвидува намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 10 проценти. Со тоа, според Владата, цената на бензините би се задржала на сегашното ниво, додека дизелот би поскапел умерено – за околу 3 до 3,5 денари по литар, наместо за над 10 денари, колку што се очекувало според берзанските движења.
Премиерот посочи дека актуелните трендови на светските пазари укажувале на потенцијално поскапување од околу 6,5 денари за бензините од 95 и 98 октани, а кај дизелот дури и до 10,5 денари по литар.
– Очекуваме цената на бензините од 86,5 и 88,5 денари да се зголеми на 93 и 95 денари, а дизелот од 92 на 102,5 денари по литар – посочи Мицкоски.
Паралелно се водат разговори со компанијата „Окта“ за дополнително зголемување на попустот што го одобрува за трговците, што би можело да влијае врз дополнително намалување на малопродажните цени.
– Доколку се постигне договор, очекуваме цените да бидат и до 3 денари пониски од максималните утврдени од Регулаторната комисија – рече Мицкоски.
Според процените на Владата, со овие чекори граѓаните би заштедиле околу 200.000 евра дневно, односно близу 1,5 милион евра на неделно ниво, земајќи ја предвид просечната потрошувачка.
– Ова е одлука со која директно го штитиме стандардот на граѓаните во услови на глобална енергетска криза – додаде премиерот.
Тој оцени дека земјава во моментов има едни од најниските цени на горивата во регионот и дека намалувањето на ДДВ е најефикасниот механизам за брза интервенција.
– Во време на криза никој нема прави да прави профит на грбот на граѓаните – рече Мицкоски, најавувајќи санкции за евентуални злоупотреби.
Објаснувајќи ја одлуката да се интервенира преку ДДВ, наместо преку акцизата, премиерот нагласи дека станува збор за пофлексибилен инструмент, кој овозможува побрз ефект врз цените.
– Акцизата е фиксна категорија регулирана со закон и нејзиното менување во услови на ваква брза криза е покомплексен процес. Од друга страна, ДДВ е варијабилно и со неговото намалување на 10 отсто, а понатаму и на 5 отсто доколку има потреба, директно го амортизираме ценовниот шок без да ја загрозиме фискалната стабилност на подолг рок – истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека Владата се определува за мерки што веднаш ќе имаат ефект на бензинските пумпи наместо за решенија што би се заглавиле во долги административни процедури.
Наедно, институциите внимателно ги следат движењата на меѓународните пазари, состојбата со резервите, како и безбедносните ризици поврзани со кризата на Блискиот Исток, за навремена реакција.
– Имаме повеќе алатки на располагање – акцизи, маржи, државни интервенции. Но суштината е дека реагираме навреме за да не дозволиме шокови како во минатото – нагласи премиерот.
Дополнителен притисок врз домашниот пазар, според него, создава и зголемената побарувачка од странски државјани, која достигнува до 150.000 литри дневно, односно околу 9-10 проценти од вкупната потрошувачка.
И покрај тоа, Мицкоски оцени дека енергетската состојба е стабилна, но дека Владата останува подготвена за нови интервенции доколку дојде до нови ценовни шокови.
– Не сме реактивни, туку проактивни. Ги предвидуваме ризиците и преземаме мерки навреме – порача Мицкоски. С.Т.

































