Што сѐ ќе згасне со згаснувањето на американската агенција за меѓународен развој

  • Падот на УСАИД, кој означува и премин на американската надворешна (и внатрешна) политика, е извонредна можност да се нападне сериозно Преспанскиот договор, за кој постојат индиции дека е постигнат на коруптивен начин, со сериозни притисоци и поткупени политичари и медиуми. Меѓутоа, сериозно истражување треба да ги издигне индициите, односно основите на сомневање, на повисоко процедурално ниво
  • За потсетување, Виенската конвенција за договорното право вели дека секој договор постигнат на таков начин е невалиден. Ако тој е невалиден, тогаш и државата што е реобликувана и уставно со тој договор станува невалидна токму по основите што се постигнати со тој договор

За да зборуваме за значењето за падот на УСАИД, американската агенција за странска помош, мора да кажеме нешто за милјето во Македонија што постои многу години. Ова особено се однесува за медиумскиот простор, каде што „летаа глави“ за слободно изразена мисла. Обичниот свет не го знае тоа, не бил заинтересиран, оти секоја планина си има своја тежина, а Македонија, нели, со многу планини.

Вистинска случка како вовед…

На еден утрински брифинг на група новинари со тогашниот ЕУ-амбасадор во Скопје, Самуел Жбогар, сркајќи кафенце разговаравме за „високи“ теми…, всушност што ќе зборуваме искрено кога сме заглавени на патот кон ЕУ, но нештата понекогаш мора и да се одглумат. Демек нека одат работите. На среде разговор директно го прашав словенечкиот кариерен дипломат – зошто ЕУ не финансира и десничарски медиуми, кои мака мачат со финансирањето и со својот опстанок, оти очигледно е дека „само леви опции добиваат од европскиот мед“. Верувајте, многу непријатна е ситуацијата кога ќе видите како еден искусен дипломат ве гледа молчешкум во очи и ништо не коментира. Штама… Но тие заборавија на балансот, на медиумските слободи и на тоа дека светот не е црно-бел.
И така се доаѓа до една од поентите. Навистина е многу убава позиција да си главен уредник на медиум што однапред за една година има обезбедено финансии за плати, за развој, истражувања, па и за добри награди, патувања, студиски и секакви. Колегиум со среќни уредници и растрчани новинари по своите теми. А во еден куп други редакции крпен живот. Нема пари, а се има волја да се трага по вистината. Па, дури им се укинуваат и реклами како главен извор на финансирање, им се подметнуваат пазарни трикови, отежната дистрибуција, само за да не успеат. Нивните новинарски и политички ставови на колумнистите не им се допаѓаат. И сега на ова место неизбежно е да се почне приказната за крунскиот сведок на македонскиот медиумски масакр што траеше барем две децении – УСАИД.

МЕД ВО БУРЕ ОД 40 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Приказната за оваа агенција за меѓународен развој ја почнува претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди, во 1961 година со една благородна мисија да му помага на светот. Тоа е еден од начините како да се извезат американскиот импреријализам и нивните вредности, во политичката мисла наречен и „мека моќ“. Еден од клучните проблеми настанува кога проектите на таа агенција почнуваат сериозно да удираат врз темелите на христијанството и тоа е потврдено и со декрет потпишан лично од Кенеди. Се наметнуваат нови вредности, кои за 70-80 години ќе добијат димензија на епидемија, а тоа е идејата дека сите сме еднакви и дека треба да се прифати ЛГБТ-заедницата. Ова прашање во 21 век станува доминантно во западните демократии, боите на виножитото се појавуваат секаде, па и на американските амбасади, а се вее, мора да се вее знамето со виножитото. Прашањата за трансродовоста влегоа во сите пори на општеството, а во некои станаа и клучен принцип за напредок во кариерата или за вработување.
УСАИД лани стигнал со буџет од 40 милијарди долари, што само по себе е предизвик за рацете да зафатат подлабоко во медот. Тоа е проблем за американските граѓани, а задачата да направи вистинска истрага за можни коруптивни дејанија ја има Илон Маск. Првите резултати од инспекцијата се видливи – вчера не работеше интернет-страницата на агенцијата, ниту, пак, страницата на агенцијата во Македонија. Бела страница. УСАИД ја нема во кибернетскиот простор, таа се гаси за најверојатно да се реинкарнира во нова форма во рамките на Стејт департментот. Затоа што Америка била светски донатор број еден и веруваме дека и администрацијата на Доналд Трамп ќе сака на светот да му го претстави вистинското дарежливо лице на Американецот. Но секоја помош треба да се заслужи и да биде употребена за вистински цели. Во случајот со оваа агенција, веќе и со првите инспекции се покажа дека не било така. И во Македонија не било така, иако од многу страни се предупредуваше на тоа.
Бидејќи внатрешната ревизија е чист американски интерес е јасно, а за нас е важно да видиме дека ова што Трамп го направи во првите недели на мандатот е сериозен идеолошки судир со американското наследство во политиката – неолиберализмот во сите негови бои и варијанти. Трамп со својот тим и над стотината извршни наредби и уредби ја враќа Америка на своите стари и добро познати позиции на традиционалните вредности. Има и ново, а новото се вика примена на новите технологии за кои сигурно ќе слушнеме наскоро на Минхенската безбедносна конференција.

МАКЕДОНСКА БЕЛА КНИГА

Рековме дека интернет-страницата на УСАИД е бела. Она што сега ѝ треба на Македонија е да изготви своја бела книга за дејностите на оваа агенција во нашата земја. За ова мора да има податоци, оти домашните закони го налагаат тоа и обврзуваат на тоа. Ако американското општество сега е пред предизвикот да се соочи со своите политики на селективно и добро избрано финансирање, зошто и македонското општество да не го искористи моментот и да направи сериозно скенирање на финансирањето однадвор. Што финансирала, како финансирала, за кои цели, каде отишле милиони долари и дали морало да отидат таму? Дали Македонија скапо ја плати таа помош?
Експерти ја поддржуваат идејата да се формира еден специјален меѓувладин тим „таск форс“ за да утврди што се случувало со американската помош, дали таа била според паролата од народ за народ или, пак, се делела според паролата од народ за „избрани поединци од народот“?

ПРОМЕНА НА АМЕРИКАНСКАТА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА?

Во светските центри на моќ на големо се дебатира дали по првите потези на Трамп (примирје во Газа, падот на Асад, Панама, Гренланд, истраги во Пентагон, ФБИ, гасење на УСАИД, разговори со Путин…) ќе се менува американската надворешна политика. Светските стратези сметаат дека по ваквите потези јасно е дека Америка мора да се менува и да оди напред. Кога сега падна митот дека американското општество има едвај нула корупција, на сите им е јасно дека по УСАИД многу веројатно е дека уште една Пандорина кутија може да го преплави светот со сензационални вести, а тоа е секако Пентагон. Сите внатрешни ревизии покажаа дека тоа е дупка без дно, носач на авиони каде што исчезнувале милијарди долари, но никој не успеа да го реши тој буџетски проблем.
Во моментов се чини од силниот ветер на американските промени најмногу страхува Европската Унија, која со децении се влече како приврзок зад Америка. Нејзината зависност од Вашингтон и идентитетски проблеми, како и политиката на двојни стандарди продавана како „морков ии стап“, сега мора да се соочи со реалноста, да најде решенија. Во македонскиот случај тоа не го направи, за жал, ниту, пак покажа волја да слушне што имаат да кажат Македонците како рамноправна нација во Европа и во светот.


Македонија мора да го најде својот пат во новата геополитика

За Македонија е важно да го препознае моментот и смело да тргне кон расчистување на големиот политички отпад оставен од претходните носители на извршната власт. Се изначитавме телеграми објавени на Викиликс за тоа како се кроела судбината на Македонија. Има и повеќе од индиции како се подготвувала „шарената револуција“ од која жртвите плаќаат со своите животи. Тоа, сепак, е превисока цена за која било држава, па и за Македонија.
Оттука предлогот на експерти да се формира таа специјална група за да ги испита сите замешателства финансирани со американски, но и со европски пари, е сериозен предлог што треба да се прими на радарите на македонската влада. Отворените канали на комуникација на „сегашното државно македонско лидерство со американското раководство“ е извонредна можност да се спакува македонска вистинска приказна, за која не смее да се дозволи да има трагичен крај. Падот на УСАИД, кој означува и премин на американската надворешна (и внатрешна) политика, е извонредна можност да се нападне сериозно Преспанскиот договор, за кој постојат индиции (и факти) дека е постигнат на коруптивен начин, со сериозни притисоци и поткупени медиуми и политичари. Виенската конвенција за договорното право вели дека секој договор постигнат на таков начин е невалиден. Ако е тој невалиден, тогаш и државата што е реобликувана и уставно со тој договор станува невалидна токму по основите што се постигнати со тој договор. Х.И.