Фото: „Нова Македонија“

Очекувам да има драматично намалување на цените на оние производи што вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со производи за хигиена и бебешка храна, а опфатено е речиси сѐ од тоа што го користат граѓаните, изјави премиерот Христијан Мицкоски

Мерката на Владата за десетпроцентно ограничување на маржите во трговијата ќе опфати над сто групи производи

Oдлуката за десетпроцентно ограничување на маржите во трговијата на мало и големо, чие усвојување беше предвидено на вчерашна владина седница, ќе опфаќа над сто групи производи и ќе важи до 30 април. Покрај основните прехранбени производи, како што информира Владата, ќе вклучува и средства за хигиена, бебешка храна и непрехранбени производи што имаат многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
– Очекувам да има драматично намалување на цените на оние производи што вистински ги користат граѓаните. Тие се проширени со производи за хигиена и бебешка храна, а опфатено е речиси сѐ од тоа што го користат граѓаните – изјави претходно премиерот Христијан Мицкоски.
Одлуката е донесена врз основа на извештајот од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало е утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците дистрибутери се евидентирани повисоки маржи, кои одат дури и до 50 отсто. До денеска е предвидено да се изврши контрола кај производители на млеко, месо, млечни и месни производи.
На претходна владина седница бил донесен заклучок министерот за економија и труд да свика работна средба и координација со сите институции, како Комисијата за заштита на конкурентноста и Државниот пазарен инспекторат, и да излезе повторно на терен да ја прошират акцијата и на други трговски хипермаркети во делот на белата техника. Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши наскоро очекува средба помеѓу ресорните министерства и претставници на институции и да се дојде долгорочното решение за стабилни цени.

По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти што беа организирани во изминатите две недели, Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за десетпроцентно ограничување на маржата во трговијата на мало и за 10 проценти во трговијата на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи што беа во претходните кошници, но таа да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите тие се дел од основните потреби на граѓаните.
Препорака на Владата е маркетите да започнат постапка за транспарентно објавување на цените на нивните производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа. Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април, а ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна. Министерството за економија ќе разгледува дали покрај оваа мерка, ќе има потреба да се носат и дополнителни кошници. Н.М.


Комората на трговци побара итна средба со Владата

Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Како што соопшти Комората, одлуката што предвидува десетпроцентно ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите. Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4.700 вработени. Од Комората напоменуваат и дека опстојувањето на трговците е оптоварено со други давачки, како цената на електричната енергија. Н.М.