Фото: ЕПА

Преокупиран од зајакнување на глобалниот ред, Макрон заборави на од него предизвиканиот локален неред

  • Меѓународните претставници добро знаат дека аргументите и поплаките што ги изнесуваат македонските политичари при нивните настапи на разни форуми, самити, обраќања во ОН и слично се точни и издржани, но таквите аргументи во време кога владее законот на посилниот едноставно никој не ги зема предвид. Дури и на највисока научна основа да им се објаснуваат сите наши аргументи на Макрон, на Фон дер Лајен, на Кошта, на Мерц, сето тоа ќе биде попусто потрошено време бидејќи тие се водат од некои попрагматични работи и затоа постојано повторуваат да се направат уставните измени. Што да се направи и „да се насочи водата кон нашата воденица“?

Главна улога на политичарите, особено оние што се на чело на државата, е секогаш да работат во интерес на земјата и граѓаните што ги претставуваат, па затоа и очекувањата се тие да дејствуваат во таа насока дури и тогаш кога крајната цел се чини недостижна.
Имено, последните три години македонската јавност сведочи на многубројни посети на меѓународни претставници, кои упорно повторуваат дека земјава треба да ги направи уставните измени бидејќи презела таква обврска. Многу веројатно в понеделник иста таква порака ќе упати и претседателот на Парламентарното собрание на Совет на Европа, Теодорос Русопулос, чие доаѓање се совпаѓа со периодот кога македонската влада интензивно бара од Софија спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права, но и не може да ја разбере одлуката на Стразбур да се укине мониторингот врз Бугарија во ситуација на јасно дискриминирање на малцинските права во оваа држава.
Идентичната реторика што доаѓа од меѓународните претставници околу уставните измени упатува само на едно, дека кај нив не влијаат говорите од типот на „погазено меѓународно право, онеправданост, неосновани барања“ и слично, туку се оди на принципот „земи или остави“, без многу филозофирање и држење лекции.

Дури и на највисока научна основа да им се објаснуваат сите наши аргументи на Макрон, Фон дер Лајен, Кошта…, сето тоа ќе биде попусто потрошено време… потребен е нов пристап

Токму затоа македонската политичка елита мора да се адаптира на ваквиот начин на функционирање во услови кога меѓународното право секаде во светот е суспендирано на неодредено, а одлуките се носат врз основа на способноста на убедување.
Имено, американскиот претседател Доналд Трамп, водејќи се исклучиво од американските интереси, успеа да убеди многу земји да се согласат на новите тарифни правила. Покрај тоа, својата моќ на убедување ја користи и за превенирање на повеќе потенцијални безбедносни жаришта, кои во последно време почнаа да никнуваат како печурки по дожд. Тука нема правила, нема договори, нема анекси, туку на средби лице в лице се говори отворено, ова бидува, ова не. Тоа е денешниот пристап, суров за малите и послаби земји, но од реалноста не може да се побегне.
Затоа и македонските политичари мора да го променат курсот кога се работи за уставните измени бидејќи ако земјата ја водеа интелигентни, остроумни и проникливи луѓе, промената на името немаше да се случи или, во најмала рака, ќе се избоксуваше двојната формула, со што на некој начин ќе беа превенирани опасностите од идентитетскиот инженеринг што сега ни се случува.
Меѓународните претставници добро знаат дека аргументите и поплаките што ги изнесуваат македонските политичари при многубројните нивни настапи на разни форуми, самити, обраќања во ОН и слично се точни и издржани, но таквите аргументи во време кога владее законот на посилниот едноставно никој не ги зема предвид. Дури и на највисока научна основа да им се објаснуваат сите наши аргументи на Макрон, на Фон дер Лајен, на Кошта, на Мерц, сето тоа ќе биде попусто потрошено време бидејќи тие се водат од некои попрагматични работи и затоа постојано повторуваат да се направат уставните измени.
Затоа е потребна промена на тактиката од македонската влада, но тоа треба да кореспондира со сите јавни настапи на водечките политичари од земјава, односно да се изнесува унисон став, кој ќе вклучува идеи, можни решенија, рационален излез од ќор-сокакот наречен „уставни измени“.

Уставните измени се исклучиво внатрешна работа и наше е (к)ако (ќе) ги направиме

Поранешни дипломати со богато дипломатско искуство истакнуваат дека во вакви турбулентни моменти на светската политичка сцена, успех може да имаат искусни, снаодливи, остроумни, вешти политичари, а тие особини треба да го красат секој државен врв, вклучително и македонскиот.
– Формулата до која ние сега се држиме е легализмот. И тоа е во ред. Но гледаме дека тоа не проаѓа, односно постојано ни се удира од глава. Ако веќе наша стратешка цел е членството во ЕУ, а пречка на патот ни се уставните измени, резонски постојат две насоки: Или да се откажеме од стратешката цел поради превисоката цена или, пак, да ја исполниме обврската за уставни измени. Трето нема. Очигледно расположението на мнозинството граѓани е патот кон ЕУ и тука нема никаква дилема. Затоа политичарите во врвот треба да почнат да работат како да ја остварат оваа цел, да бараат решение за уставните измени што ќе биде во наша полза и да не инсистираме на предавања за тоа што е спротивно на правото, што има во договорите, а што не, очекувајќи некој да покаже согласност или емпатија кон нас. Тоа нема да се случи – велат дипломатите, додавајќи дека треба да рафинираме нов политички (не правнички) пристап за надминување на наметнатиот проблем, при што притисокот за уставни измени ќе го амортизираме со прифаќање на истите тие, но според концепт прифатлив за нас и каде што со измените во Уставот би направиле исчекор кон теркот на повеќето устави на членките на ЕУ. Носител на државноста да биде еден (македонскиот народ), а другите да бидат малцинства.
Според дипломатите, соговорници, наш проблем е создадениот „дефицит на лидери“ што беше генериран од „либералниот концепт, кој ни беше наметнуван во последните години“, а кој направи „релативизација на артикулирањето на вистинските македонски интереси“ и од Уставот, законите и доскорешните носители на власта направи „аморфна маса“, која либералните европски елити ја обликуваа онака како што одговараше.
– Брисел правеше експерименти во регионов. Нам ни ги смени правилата за игра откако го сменивме името, а кога ја прифативме новата методологија, дојде блокадата од Бугарија. Нашите политичари, по сите овие неславни епизоди што ни се случија, мора да се свесни за пораките што доаѓаат од меѓународната заедница. Сега на ред е барањето за промена на Уставот, така што политичка умешност е при задоволувањето на тој услов да се исполнат нашите цели, односно да се истакне улогата на македонскиот народ како државотворен и носечки, на македонскиот јазик како прв официјален, на симболите, на сите оние атрибути што значат независна и суверена држава. Умешен политичар тоа треба да им го објасни на странците, културно, уверливо, компаративно со европските демократски начела, да покаже дека измените што ние би ги направиле поради наши внатрешни потреби се компатабилни со низа европски устави, кои веќе се во промет во рамките на ЕУ. Таа позиција треба да се изнесе и промовира. Политичарите мора да бидат снаодливи, да се приспособуваат на новите реалности и преку политичка умешност да ја протнат нашата идеја. За неа секако треба да се бараат и сојузници што ќе застанат зад нас и ќе потенцираат дека Македонија ги прифатила уставните измени, ЕУ порачала дека топката е во нашиот двор, а ние сме ја вратиле назад според европските правила на игра. Тоа значи дека Европа не смее да става забелешки на измените на нашиот устав ако тие се пресликани од европските устави, вклучително и од националните устави на одредени земји членки. Тоа нашите политичари треба да го објаснат и да го подготват теренот за таков исход по евентуалните уставни измени, наместо да повторуваат дека не можело вака или така – констатираат дипломатите.


Остроумни и снаодливи политичари можат да парираат на „политиките на двоен колосек“ на Брисел

Кога веќе говориме за таквата политичка умешност, постарите дипломати што биле дел од поранешната југословенска дипломатска мрежа, го посочуваат примерот со поранешниот лидер на СФРЈ Југославија, Јосип Броз Тито.
– Настрана односот на политичките неистомисленици во земјава на политиките на Броз, но во пракса во меѓународни рамки тој успеваше да го добие она што беше важно за тогашната држава. Југославија беше задолжена, но повторно благодарение на неговата умешност, се добиваа поволни кредити, инвестиции, имаше енергенти, нашите компании работеа на светските пазари, земјата беше безбедносно незагрозена од обата воени пакта, се протурка трета алтернатива во проектот за неврзаните, каде што таа држава повторно профитираше. Тој не одеше да се жали наоколу, дека нема правдина, да држи предавања некому, туку имаше моќ на убедување, харизма, или како што нашиот народ вели, „моќ да ги пренесе жедни преку вода“.
– Политичарот мора да биде како јагула, да ги протнува нашите идеи и онаму каде што најмалку се надеваме дека ќе поминат. Мора да ги придобие соговорниците на свој начин, да им објасни зошто нашите аргументи околу уставните измени по наш терк држат вода, односно да ги убеди дека со таквото решение сите се задоволни. Да порачаат дека ќе го смениме Уставот, но во согласност со нашето суверено право и во согласност со европските практики кај уставните решенија. Вин-вин ситуација за сите. Тоа политичарите треба да им го продадат на странците. Треба да бидеме итри, снаодливи, убедливи, проактивни, да покажеме дека сакаме решение со кое се потврдуваат европските начела, а Брисел тоа нема да може да го одбие, па затоа улогата на политичарите е умешно да го спакуваат и да го продадат тоа – истакнуваат дипломатите. С.Т.