Фото: Игор Бансколиев

Она со што земјава треба да се соочи како предизвик, покрај претседавањето со ОБСЕ, е водење на надворешната политика на начин на кој ќе бидат остварени стратегиските државни интереси, пред сè во делот на евроинтеграциите, интензивирање на регионалната соработка, засилување на стратегиските партнерства со САД и со Турција, поголема полза од членувањето во меѓународните иницијативи, поставување на договорите со соседите исклучиво на принципите на меѓународното право, како и поголема грижа за македонското малцинство во соседните земји

Анализа: Предлог-решенија за предизвиците во доменот на надворешната политика (2)

Македонија годината ја започна како претседавач со Организацијата за европска безбедност и соработка, огромен предизвик во време кога сериозно е нарушена безбедносната структура врз која почива мирот во Европа и во време кога Стариот Континент се соочува со економски и енергетски кризи што имаат импакт врз животот на обичните луѓе.
Но она со што земјава треба да се соочи како предизвик, покрај претседавањето со ОБСЕ, е водење на надворешната политика на начин на кој ќе бидат истакнати и реализирани главните државни интереси, во делот на евроинтеграциите, регионалната соработка, зајакнување на стратегиските партнерства со САД и со Турција, поголема полза од членувањето во меѓународните иницијативи, допрецизирање на договорите со Грција и со Бугарија во согласност со меѓународното право, како и поголема грижа за македонското малцинство во соседните земји.

Евроинтеграции со почит и признавање на македонската посебност, а не со уцени

Евроинтегративниот процес е исклучително важен сегмент во делот на надворешната политика како стратегиска определба на државата уште од нејзината независност. Членството во НАТО е реализирано, така што следна цел е финиширање на процесот на зачленување во Европската Унија.
Правецот во кој треба да се движи надворешната политика во делот на евроинтеграциите, како што предлагаат познавачите на состојбите во сегментот надворешна политика, подразбира засилено инсистирање од македонска страна на европските критериуми, оцена на достигнувањата во согласност со Копенхашките критериуми.
Моменталниот услов за отворање на преговарачките поглавја по пат на уцени и условувања може да се надмине преку лобирање кај земјите-членки во ЕУ, но и преку отворен дијалог со Бугарија, преговарачкиот процес да продолжи на рамноправна основа и неоптоварен од ништо. На тој начин ќе се тргне едно тешко бреме што лошо се одразува врз македонско-бугарските односи, а го нарушува и кредибилитетот на самата Унија
– Наместо ние да чекаме од Европа, треба да ја бомбардираме истата таа Европа со предлози и со остварувања. Треба да направиме една внатрешна наша процена, ако треба и со надворешни консултанти, за што би се ангажирале и врвни професионалци што работеле за ЕУ, меѓутоа и врвни политички фигури од ЕУ, поранешни претседатели на ЕК, поранешни комесари, потпретседатели, видни членови на Европскиот парламент, за самите ние да си направиме еден скрининг и оценување на состојбите кај нас во сите подрачја на дејствување. Сите резултати од таму, на сите ѕвона треба да се разгласи и да се прикаже пред Брисел, во смисла да покажеме до каде сме. Сметам дека ние имаме многу повеќе да покажеме, дури и од земјите што веќе преговараат – вели Ивица Боцевски, одличен познавач на состојбите во надворешнополитичката сфера.

Отворен Балкан и другите иницијативи како предворје на патот кон ЕУ

Евроинтеграциите во најголем дел се поврзани со регионалните и пошироките иницијативи, кои на некој начин се еден вид предворје пред зачленувањето во Европската Унија.
Затоа, македонската надворешна политика во годината што е пред неа треба да се фокусира кон зајакнување на својата улога во овие регионални иницијативи, почнувајќи од Отворен Балкан, Централноевропската иницијатива, Берлинскиот процес, Јадранско-јонската иницијатива, Процесот на соработка во Југоисточна Европа, Регионална иницијатива за миграција, азил и бегалци –МАРРИ, Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како и Фондот за Западен Балкан.
Во секоја иницијатива Македонија треба да ги изнесува сопствените позиции и да работи во насока на нивно остварување во согласност со националните интереси.
Поранешниот вицепремиер Ивица Боцевски се согласува со констатацијата дека евроинтеграциите нема да бидат поединечен процес и дека поради тоа ќе биде клучна соработката.
– Мислам дека Македонија мора да ги оживее и на политичко и на професионално ниво регионалните интеграции. Во та смисла мислам дека иницијативата Отворен Балкан е добра затоа што е самоникната и потекнува од тука. Таа има еден политички проблем и некои земји имаат некаква задршка дека таа е за решавање на српското и албанското прашање на Балканот. Мислам дека една јасна декларација од Еди Рама и од Александар Вучиќ тоа може да го реши, а потоа Македонија да биде еден мост што ќе појде во Приштина, во Подгорица и во Сараево и што ќе успее да го врзе целиот регион во оваа нова иницијатива – смета Боцевски.
Според него, нашата надворешна политика треба да ги насочи напорите кон оваа иницијатива така што наместо да се измислува ново законодавство за соработка што би функционирало меѓу овие земји што се дел од Отворен Балкан, би се применило постојното европско законодавство.
– Веднаш да се применат сите директиви на ЕУ врзани за заедничкиот пазар, со преодни и завршни одредби во кои се вели дека ова што сега се однесува на Отворен Балкан, во подоцнежна фаза ќе се однесува на ЕУ, европскиот економски простор и Швајцарија. На тој начин повторно ќе вршиме притисок кон Брисел да пристапи кон европските интеграции за целиот Балкан – прецизира Боцевски.
Тој уште додава дека во рамките на Отворен Балкан може да се поведат иницијативи за склучување договори за слободна трговија со оние зони каде што ги немавме воспоставено како членки на ЦЕФТА, а ЕУ ги има, на пример со Меркосур, АСЕАН, како и со разни африкански економски заедници.
– Не може тие на европскиот пазар да имаат еден режим, а тука да имаат друг режим. Тоа во делот на надворешната политика треба да се направи веднаш – истакнува Боцевски.

Договори со соседите базирани исклучиво на принципите на меѓународното право

Преспанската спогодба и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија се клучни во одредувањето на понатамошните чекори во евроинтеграциите, а со тоа се и највисок приоритет во надворешната политика.
Експертите од областа на меѓународното право сметаат дека процесот на нивно раскинување во овој момент би бил контрапродуктивен за земјава, па задача на надворешната политика е да ги намали негативните ефекти од овие договори врз Македонија. Најдобар начин тоа да се направи е ако надворешната политика се држи исклучиво до постулатите на меѓународното право и во таа насока да се бараат заеднички решенија за сите спорни точки од овие два договора, кои несомнено стегаат како јамка околу вратот на Македонија.
– Договорите се потпишани и враќање назад нема. Она што треба да се направи во делот на надворешната политика, тоа е како да се амортизираат штетите и да се врати довербата меѓу соседните народи. Во двата случаја понижени се само македонските граѓани. Клучно е Македонија да се држи до меѓународното право и да се обиде на надворешен план да ги усогласи двата договора во согласност со тоа меѓународно право и да инсистира на приспособување на сите точки каде што тоа право е прекршено – велат нашите соговорници.
За Боцевски, по потпишувањето на двата договора, клучна е димензијата на помирување што треба да се иницира и со Грција, но и со Бугарија.
– Преспанскиот договор беше направен на многу лош начин што остави големи лузни. Нам ни е потребен сега еден сеопфатен дијалог со Грција. Ние сме повредени, ние сме понижени и тоа не е основа за добри македонско-грчки односи. Сметам дека и на Грција би ѝ било од интерес да има на север сосед што не се чувствува понижен и во тој контекст можеме со Грција да отвориме еден поширок дијалог што ќе го води прво МНР, а потоа ќе преземе самото општество – нагласува Боцевски.
Според него, случајот со Бугарија е малку поинаков и надворешната политика треба да биде во функција на смирување на топката.
– Во делот со Бугарија и договорот што го потпишавме со Софија, потребна е прво една голема детанта на односите. Нема потреба да се брза со некакви комисии, со притисоци и слично, туку малку да се оладат работите, а потоа да следува еден ангажман, но на рамноправна основа. Без разлика што тие се во ЕУ, ние не сме, сепак не е нормално Македонија и Бугарија вака да комуницираат, едноставно не смее нивото на комуникација меѓу двете земји да биде вакво – истакнува Боцевски.

Засилување на стратегиските партнерства со САД и со Турција

Македонија има потпишано договори за стратегиски партнерства со САД и со Турција, кои во следниот период, особено имајќи ги предвид новите геостратегиски предизвици, мора да се подигнат на едно повисоко ниво.
Тоа подразбира ангажирање сериозни тимови што ќе работат на можностите за дополнително продлабочување на односите со овие две земји во сите сфери.
– Стратегиските партнерства мора да се задржат и не само тоа, туку треба и дополнително да се зајакнуваат. Мислам дека Македонија мора да ја чува таа врска и со Турција и со САД по сите можни основи – вели Боцевски.
Негово мислење е дека во однос на партнерството со САД, треба да соработуваме и во многу други сфери.
– Во САД имаме голема наша дијаспора и Америка сè уште е посакувана дестинација за нашите граѓани, нивните деца таму да учат и да се образоваат. Во тој контекст, ангажманот може да оди во насока на отворање на центри за македонски студии на неколку универзитети во САД, кои ние би ги финансирале, зборувам за врвни универзитети. Потребно е нашиот амбасадор повеќе да се ангажира и во делот на економска соработка, во делот на културна, образовна и секаква друга соработка – констатира Боцевски.
Сепак, тој главниот фокус на стратегиското партнерство со САД го насочува во делот на безбедноста.
– Сметам дека армијата, полициските служби треба да бидат поагресивни во делот на соработката со САД и образованието на нашите безбедносни кадри таму, а тоа произлегува и од обврските што ги имаме во НАТО – додава Боцевски.
Коментирајќи што треба да биде приоритет во надворешната политика, тој е на ставот дека треба да се посвети поголемо внимание и на односите со Турција, посебно сега кога станува јасно дека оваа земја веќе е глобален голем играч на геостратегиската сцена.

Многу поголема грижа за македонското малцинство секаде во светот

Надворешната политика на секоја земја подразбира грижа за сопствените малцинствата каде и да се наоѓаат, во согласност со меѓународните конвенции за малцински права. Македонија во домашната легислатива е пред многу европски и светски земји во поглед на исполнувањето на малцинските права, но сега приоритет на надворешната политика мора да биде грижата за македонското малцинство во соседните земји.
Тоа може да се направи на начин така што земјава ќе ги искористи сите алатки што ѝ стојат на располагање да побара почитување на правата на македонското малцинство во согласност со меѓународните конвенции. Дополнително, со земјите во кои има македонско малцинство, треба да се продлабочи соработката во насока на подобрување на условите на луѓето што живеат таму, без да се навлегуваа во нечии внатрешни работи.
– Малцинствата не смееме да ги заборавиме никако и како држава мора на надворешнополитички план и кон нив да посветиме сериозно внимание. Тоа ќе го направиме така што ќе бараме сите земји да ги почитуваат тие меѓународни конвенции за малцински права и да се држиме до тоа – вели Боцевски.
Дел од поранешните дипломати се согласуваат дека Македонија мора да инсистира на почитувањето на тие конвенции и да се повикува на реципроцитет.
– Ако Бугарија бара малцински права за Бугарите во Македонија, истите да ги даде и за Македонците во Бугарија. Во Грција имаше некакви мали придвижувања на овој план, но уште македонското малцинство таму не може да ги оствари своите права загарантирани малцински права. Треба да се отвори дијалог со двете земји и да се посочи дека малцинските права се обврска на секоја земја и во никој случај тоа не е мешање во нечии внатрешни работи – нагласуваат нашите соговорници.


Воспоставување контакти и поврзување со целиот свет

Македонија веќе претседава со ОБСЕ, организација што има безбедносни, но и други ингеренции во Европа. Истовремено, земјава е членка на Советот на Европа, како и на Обединетите нации, така што на располагање ѝ стојат сите меѓународни правни механизми да се бори за подобро позиционирање на надворешен план, во согласност со нејзините интереси.
Затоа надворешната политика во периодот што следува мора да биде поставена така што ќе може да ги ползува сите овие организации за да ги исполни сопствените цели. За да се постигне таков ефект, потребно е максимално зајакнување на дипломатската мрежа и насочување на надворешната политика и кон други простори.
– Треба да се зајакне дипломатската мрежа, во смисла да имаме наша амбасада во сите земји-членки на Г20, потоа да имаме амбасади во дел од центрите на регионалните иницијативи, да имаме конзулати во сите алфа градови, но и треба да имаме мали флексибилни амбасади во некои европски земји и во НАТО – предлага Боцевски.
Тој нотира дека во делот на мултилатералата Македонија никаде ја нема и затоа апелира да се испратат амбасадори во некои глобални центри.
– Важно е да имаме амбасадор во УНЕСКО што ќе работи од нашата амбасада во Париз, можеме да имаме амбасадор во СТО што ќе работи од нашата мисија во Женева, можеме во Виена да имаме амбасадор и во ЕУ и во ОН. Потребно е да се зајакнат мисиите и во Женева, Виена и Њујорк и да почне Македонија да има перманентен фонд при МНР за процесирање на кандидатури и на дипломати, но и на луѓе од општеството на позиции во мултилатералните, но и регионалните организации – потенцира Боцевски.
Според него, надворешната политика во следниот период мора да бара начини како Македонија да воспостави соработка и со други моќни земји.
– Треба да се воспостават врски со Бразил, со Индија, со Кина, да развиваме економски, културни и друг тип врски и конечно да отвориме амбасада во Јужноафриканската Република, а можеме да бидеме далеку поагресивни на Блискиот Исток, каде што сите наши соседи имаат далеку поразгранета мрежа и далеку се поприсутни таму. Овие врски мора да ги разиграме и да ги користиме. Нема европската дипломатија да го бере нашето гајле, туку мора сами да се избориме за нашите надворешнополитички позиции – заклучува Боцевски.