Разговор со д-р Оливер Зафировски по повод 12 ноември – Светскиот ден за борба против пневмонијата
- За жал, мислам дека многу луѓе не сфаќаат доволно колку честа и сериозна може да биде пневмонијата. Лично ценам дека, како во светот така и во Македонија, сите треба повеќе да работиме на издигање на свеста за тежината на заболувањето од пневмонија и на оние што се изложени на ризик од пневмонија да им укажуваме да разговараат со здравствен работник во врска со пневмококна вакцинација, вели во разговор за „Нова Македонија“ д-р Оливер Зафировски, медицински стручњак со европско реноме, кој заедно со своите колеги многу придонесува и во успешната борба против оваа болест, која е особено изразена кај децата
На 12 ноември се одбележува Светскиот ден за борба против пневмонијата, масовна и потенцијално заразна болест, која претставува воспаление на белите дробови, најчесто предизвикана од бактерии или од вируси. Акутните долни респираторни инфекции, меѓу кои спаѓа и пневмонијата, се вбројуваат меѓу најчестите и најсмртоносни инфекции на денешницата, при што во 2021 година беа петта водечка причина за смрт во светот со повеќе од два и пол милиони смртни исходи. Генерално, инфекциите на долниот респираторен тракт, во кои спаѓа и пневмонијата, предизвикуваат 6,1 отсто од смртните случаи на глобално ниво, при што се проценува дека секоја година од пневмонија заболуваат стотици милиони луѓе. Светскиот ден за борба против пневмонија првпат е востановен во 2009 година, со цел издигање на свесноста за сериозноста на ова заболување.
Се смета дека речиси секое трето дете за кое има сомнение дека има воспаление на белите дробови не добива соодветна здравствена грижа, а поголем е бројот на децата што се изложени на ова воспаление поради малиот обем на вакцинација. А стапките на пневмонија се високи и како последица од загадувањето на воздухот, но и од неисхранетост.
За пневмонијата разговараме со доктор Оливер Зафировски, медицински стручњак со европско реноме и врвни стручни достигнувања. Тој е специјалист пулмоалерголог со 36-годишно искуство. Мошне се забележителни неговата работа и придонес во ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај деца – Козле каде што работеше неколку децении (11 години како генерален директор и четири како заменик-генерален директор…) и последниве 16 месеци како медицински директор на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија. Тој е коавтор на четири книги за климатските промени и влијанието врз здравјето на луѓето. Многу години е истакнат член како на Македонското респираторно здружение така и на Македонското здружение за алергологија и клиничка пулмологија. Една од неговите специјалности е педијатријата (основач е на Македонската и Балканската школа за педијатрија). Заедно со своите колеги многу придонесува и во успешната борба против болеста пневмонија, која е особено изразена кај децата, и е мошне компетентен соговорник.
– За жал, мислам дека многу луѓе не сфаќаат доволно колку честа и сериозна може да биде пневмонијата. Лично ценам дека, како во светот така и во Македонија, сите треба повеќе да работиме на издигање на свеста за тежината на заболувањето од пневмонија и на оние што се изложени на ризик од пневмонија да им укажуваме да разговараат со здравствен работник во врска со пневмококна вакцинација. Пожелно е, секако, со практикување на непишаното правило од индивидуална процена на пациентот, докторите, а особено (суп)специјалистите, да ги советуваат сите лица што се изложени на поголем ризик од пневмококна болест да примат вакцина против пневмококна пневмонија – вели др Оливер Зафировски во разговор за „Нова Македонија“.
Тој додава дека пневмонијата може да биде сериозна, честопати бара хоспитализација, при што, за жал, може да биде и смртоносна.
– Во суштина пневмонијата може лесно да се преброди, но во приближно од пет до десет проценти од случаите таа може, но не мора, да биде придружена и со тешки компликации. Во најголемиот број случаи, пневмонијата е резултат на бактериски инфекции, чиј најчест причинител е бактеријата пневмокок, која е еден од најголемите „убијци“ на светот. Бактериската пневмонија има тенденција да биде потешка и ненадејна во споредба со симптомите на вирусна пневмонија. Забележливи се следните видови бактериска пневмонија: во најголемиот број случаи е стекната во заедницата, во помалку случаи е стекната додека или откако лицето престојува(ло) во болница, поврзана со вентилатор, која се развива два дена откако пациентот почнал да дише со помош на вентилатор или интубација, или стекната во други видови здравствени установи (амбуланти, домови за стари лица, центри за дијализа, центри за хемотерапија…) во рок од три месеци од посетата – подвлекува д-р Оливер Зафировски.
Тој се осврнува на причинителите на пневмонија.
– Во причинители на бактериска пневмонија спаѓаат бактериите како што се пред сѐ стрептокока пнеумониае, но и стафилокока ауреус, хемофилус инфлуенца и други, при што така добиената пневмонија се нарекува типична пневмонија. Поретки бактерии, како што се мукоплазма пнеумониае, легионела и хламидија пситаки можат да предизвикаат атипична пневмонија. Од вирусите како причина за пневмонија би ги споменал респираторниот синцицијален вирус (РСВ) кај малите деца, а понекогаш и грипот – посочува д-р Зафировски.
Нашиот соговорник ги опишува и најчестите симптоми и уште препорачува како да се превенираат опасностите од добивање пневмонија.
– Најчестите симптоми вклучуваат: треска, кашлица што понекогаш е придружена со секрет при што најопасен индикатор е слузот со зелена боја, отежнато дишење, краток – или со недостаток – здив, болка (боцкање) во градите, замор, општо чувство на слабост – омалаксаност, болки во мускулите, губење на апетитот, забрзана работа на срцето (особено при бактериска пневмонија), потење… Покрај овие симптоми, кај децата мошне изразени се уште висока температура и треска, нервоза и раздразливост, дехидрација и повраќање предизвикано од кашлање – напоменува д-р Зафировски.
Превенцијата против пневмонија претставува спој на повеќе фактори, според д-р Зафировски.
– Превенцијата против пневмонија е збир на многу фактори, од кои би ги издвоил следните, при што колку повеќе фактори се применуваат, толку е помала опасноста од добивање пневмонија, особено тешка пневмонија. Потребни се прошетки, по можност во или близу зелени или водни површини или други, макар и повремени, физички активности. Да не се консумираат алкохол и цигари и да се избегнуваат, а ако се консумираат, тоа да биде во мали количества. Потребна е имунизација со дел од следните вакцини, кои се дел од редовниот календар за имунизација во Македонија – против: пневмокок, грип, ажурирана вакцинација против ковид-19.
Секако, практикување добри хигиенски практики како што се миење раце и дезинфекција на површини што често се допираат. Практикување и привикнување кон што е можно повеќе, поздрава исхрана… Погореспоменатата вакцина против пневмококна пневмонија е препорачлива и значајна, уште во принцип позитивно дејствува особено за: децата во предучилишна возраст, а пред сѐ за бебињата и децата до две години, лицата на возраст од 65 години и повеќе, лицата со намалена имунолошка способност, хронично болните лица. Во оние земји каде што многу години се применува вакцинацијата против пневмокок, забележани се за околу 70 отсто помалку регистрирани случаи на пневмонија добиена од бактериски инфекции. Симптомите можат да варираат во сериозноста. Здравјето и возраста на лицето и изворот на инфекцијата можат да влијаат на сериозноста на нивните симптоми. Земјите со пониски медицински стандарди и пониски приходи најчесто имаат повисоки стапки на смртност отколку земјите со повисоки приходи и повисоки медицински стандарди – заклучува д-р Зафировски.
Раната дијагноза и третман се важни за сериозни пневмококни инфекции
Стапката на смртност е најголема кај возрасните на возраст од 65 години и постари. Раната дијагноза и третман се важни кај сериозните пневмококни инфекции меѓу кои е и пневмонијата. Ова дотолку повеќе што, за разлика од сезонските респираторни инфекции како грип, пневмококната пневмонија може да се случи во кое било време од годината, па затоа е важно оние што се изложени на поголем ризик да бидат заштитени. Вакцините помагаат во спречување пневмонија и заштита од пневмококна болест. Пневмококната вакцинација се препорачува особено за мали деца, постари возрасни лица и за лица со одредени хронични здравствени состојби или други фактори на ризик, вели д-р Зафировски. Ж.З.
Најризични групи се децата помали од две години и лицата постари од 65 години
Доктор Оливер Зафировски потврдува дека секој може да се разболи од пневмонија, но некои луѓе се изложени на поголем ризик.
– Најголем ризик да добијат пневмонија имаат децата до две години (особено предвремено родените бебиња) и лицата постари од 65 години. Голем е ризикот и кај лицата со одредени хронични здравствени состојби, заболувања на црн дроб, срце, бубрези, астма, дијабетес, српеста анемија, цистична фиброза…, или со болести што го ослабуваат имунолошкиот систем, ХИВ, лица со трансплантиран/и орган/и или коскена срцевина и одредени видови рак. Тука спаѓаат и тие што користат стероидни лекови, потоа бремените жени, оние што доживеале мозочен удар, пушачите, тие што консумираат – и тоа често – многу алкохол, кои вдишуваат, особено во големите градови, загаден воздух… Децата до две години се соочуваат со зголемен ризик од пневмонија бидејќи нивниот имунолошки систем сè уште се развива. Имунолошкиот систем има тенденција да ослабува со возраста, а луѓето на возраст од 65 години и постари имаат поголема веројатност да имаат други здравствени состојби што го зголемуваат нивниот ризик, објаснува д-р Зафировски.
Живко Здравкоски

































