Илустрација: „Нова Македонија“

ДУИ се радикализира и се заканува со принципот „победник со победник“, продолжувајќи во насока на неповратна поделба на државата по етничка линија

Иако т.н. флоскула „победник со победник“ за формирање влада не е наведена ниту во Уставот ниту во некој закон ниту во друг позитивноправен акт (дури ни во Охридскиот договор), а воопшто не е својствена, ниту е позната во демократските држави, ДУИ не се откажува од идејата за нејзино операционализирање. Во таа насока, ДУИ оди со двојна формула: и со закани за радикализација и со некакви обиди за озаконување, иако веќе еднаш ДУИ го прекрши „правилото“, токму додека истото тоа со т.н. „мајски договор“ функционираше како „непишано правило“. На состанокот во Гостивар, ДУИ донесе и три резолуции, и тоа: за легитимитетот, Охридскиот, Преспанскиот, Договорот за добрососедство и за измени на Уставот, како и за дејствувањето на партијата

Дваесет и три години по потпишувањето на Охридскиот договор, откако веројатно се исцрпени сите опции за толкување на постојната верзија (вградена и во Уставот), партијата ДУИ, на чело со лидерот Али Ахмети, тргнува во потрага и договор по досега непознатиот автор (за македонската јавност) на овој документ – за да го „пренапише“ (?!). На собирот на Демократската унија за интеграција, одржан минатиот викенд во Гостивар, претседателот на партијата, Ахмети, откри дека Aмериканецот Пол Вилијамс, еден од авторите на рамковниот договор, е ангажиран за дефинирање законски или уставни измени за спроведување на т.н. мајски договор, односно барањето на оваа партија за озаконување на принципот на коалицирање победник со победник. Откако по последните парламентарни избори, оваа партија, односно коалицијата што ја предводеше, не беше земена предвид за коалицирање во извршната власт, настојува на различни начини да го доведе во прашање легитимитетот на актуелната влада, наведувајќи дека нема „етнички легитимитет“, затоа што не коалицирала со ДУИ, која се смета себеси за победник меѓу албанските гласачи. Иако таквиот принцип „победник со победник“ за формирање влада не е наведен ниту во Уставот, ниту во некој закон (дури ни во Охридскиот договор), а воопшто не е својствен, ниту познат во демократските држави, ДУИ не се откажува од идејата за негово озаконување, иако веќе еднаш самата го прекрши, додека т.н. „мајски договор“ функционираше како „непишано правило“. На состанокот во Гостивар, ДУИ донесе и три резолуции, и тоа: за легитимитетот, Охридскиот, Преспанскиот, Договорот за добрососедство и за измени на Уставот, како и за дејствувањето на партијата.

Постојат ли правни основи за озаконување на принципот „победник со победник“

Идејата за озаконување на принципот „победник со победник“ при формирање влада, во ДУИ ја аргументираат со „неправилно читање“ на политичките субјекти во актуелната влада на Охридскиот рамковен договор. Токму затоа го ангажирале американскиот адвокат Пол Вилијамс да направел платформа за законско решение. Но по 23 години се поставува прашањето дали остана нешто од рамковниот договор што остана неспроведено и што дава каква било правна основа за нови законски решенија?
– Македонија целосно го има испочитувано Охридскиот договор, го има вградено во Уставот, па дури ја има и надминато и проширено во многу случаи неговата рамка. Примената на алатките, (несвојствени за демократиите) „бадентер“ и „балансер“, далеку ги надмина проекциите на Охридскиот договор, а особено Законот за употреба на јазиците. Сега за озаконување на т.н. принцип „победник со победник“ при формирање влада, повторно се бара основа во Охридскиот договор, а ако ја нема, ДУИ тргнува во потрага по некој ирелевантен американски адвокат, прогласувајќи го за автор на рамковниот договор, веројатно за да им го толкува или да го допише тоа што го замислиле. Навистина, нас нѐ очекуваат многу преиспитувања на тој план, меѓу кој и на спроведувањето на Охридскиот договор, но не во насока како што замислува ДУИ. Во ниту една демократија не постои таков принцип „победник со победник“ за формирање влада. Партијата што победила е слободна да избира партнери за коалиција. Најактуелен пример се изборите во Франција, каде што партијата што практично беше победник во првиот круг, по коалицирањето на различни политички субјекти, по вториот круг беше на третото место. Во нашиов случај, ДУИ го злоупотребува Охридскиот договор, а иницијативата за озаконување на принципот „победник со победник“ е неиздржана – и правно, и демократски, и антиевропски – вели универзитетската професорка Солза Грчева.

Али Ахмети откри дека Пол Вилијамс е ангажиран со цел за спроведување на т.н. мајски договор – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Рамковниот договор од долготрајна (зло)употреба станува извор на неправо

Она што создава извесна тензија во општеството по состанокот на ДУИ е најавата дека „интегративците“ ќе чекаат наредба од Ахмети кога да почнат со акцијата за одбрана на легитимитетот, односно дека од септември ќе почне спроведувањето на нивната стратегија. А таа подразбира и организирање протести пред Собрание, пред Владата и пред други институции… Најавата за протести од моноетничка позиција секогаш навестува затегнување на меѓуетничките односи или ризичен „танц по жица“ на градењето мултиетничко општество и стабилноста на унитарната држава.

Професорката Грчева, во контекст на најавите за можни протести во организација на ДУИ за „одбрана на легитимитетот“, како ризик за меѓуетничките односи во Македонија, смета дека тие се повеќе израз на паника бидејќи се во опозиција и обид за бегство од судски процеси. Грчева цени дека дури и според инсистирањето на ДУИ за легитимитет на победник во албанскиот етнички блок, коалицијата на албански партии што е застапена во Владата го има соодветниот легитимитет да ги застапува етничките албански гласови во Македонија.
– Од ДУИ секогаш функционирале со заплашувања и закани за меѓуетнички тензии. Но сега ја немаат „моќта на легитимитетот“ за реализација на таквите заплашувања. Албанската етничка заедница има легитимни претставници во Владата, а ДУИ реагираат во паника од опозициската улога – вели професорката Грчева.

Додека во контекст на рамковниот договор, како правна основа за резолуциите на ДУИ, универзитетската професорка Мирјана Најчевска има кажано дека тој бил за еднократна употреба, а состојбите поради кои е донесен одамна се надминати.
– Рамковниот договор беше еднократен договор за мир, чии одлуки беа вградени во Уставот. Но во Македонија ваквите еднократни решенија стануваат институции, кои продолжуваат да имаат свој посебен живот, дури и кога се надминати состојбите поради кои се донесени и стануваат извор на неправо. Кога продолжуваат да опстојуваат овие решенија за еднократна употреба, стануваат рак-рана на општеството. По завршувањето на нивната улога, тие треба да отидат на полиците на историјата, а не да бидат извор на право. Изворот на правото се Уставот и законите! – вели професорката Мирјана Најчевска.


Кој е Пол Вилијамс?

Името на американскиот адвокат Пол Вилијамс и „тезата“ дека тој е авторот на Охридскиот договор почнаа да се пласираат во македонската јавност од поранешниот вицепремиер Артан Груби, при одбележувањето на 20-годишнината од рамковниот договор. Претходно, во македонската јавноста немаше многу сознанија за учеството на Вилијамс во подготовката на рамковниот договор, но и по одбележувањето на дведеценискиот јубилеј, тој податок повторно беше заборавен. Во 2001 година, своевидни „истурени играчи“ за рамковниот договор беа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и на ПДП: Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Арбен Џафери и Имер Имери, под покровителство на тогашниот претседател на државата, Борис Трајковски, како и меѓународните олеснувачи Џејмс Пердју и Франсоа Леотар.

Што се однесува до Вилијамс, на интернет може да се најдат информации дека е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет во Вашингтон. Во биографијата на „Википедија“ е запишано дека Вилијамс им помогнал на дваесетина држави и субјекти во големи меѓународни преговори за мир, изготвување на законодавството и за планирање политики. Како што се наведува, тој учествувал како претставник во преговорите за Дејтонскиот договор (Босна и Херцеговина), Договорот од Рамбуе и преговорите во Париз (Косово), преговорите за Охридскиот договор (Македонија) и преговорите Подгорица – Белград. Исто така, се посочува дека Вилијамс советувал десетина влади и партии во Африка, Азија и во Европа. Ј.П.