Помош за компаниите во потрагата по ресурси, доверливи доставувачи, при воведување иновации, но и други значајни сегменти за развој на компаниите се само дел од придобивките до кои можат да дојдат компаниите преку дигиталните хабови. Какви придобивки може да очекуваат компаниите што сакаат да се трансформираат кон дигитализацијата од услугите што ги нуди ДИХ „Пиемонт“ посочува Франческо Моска, директор на дигиталниот иновациски хаб „Пиемонт“ (Digital Innovation Hub Piemonte) од Торино, Италија.
– Огромно мнозинство италијански компании се мали и средни претпријатија и немаат ресурси за стратегиски да се справат со иновациите на нивните процеси и организација. Следење на изворите на информации, проучување на технологиите, разбирање која од нив и во која деловна област би донела најголем економски поврат и конкурентност, а потоа планирање на инвестицијата, наоѓање ресурси, наоѓање доверливи доставувачи и проект-менаџер и така натаму, до моментот во кој иновацијата станува актуелен менаџмент… сето тоа за претприемачот на МСП е комплексен и тежок пат, кој може да доведе до откажување. И тоа не е само проблем на ресурси туку е проблем и на јазикот – нагласува Моска за „Нова Македонија“.
Нашиот соговорник посочува дека токму овде е улогата на центарот за дигитални иновации „Пиемонт“ (и на сите центри за дигитални иновации како што се замислени, и на национално и на европско ниво, вклучувајќи го нашиот „ДигитМАК“ – DigitMAK).
– Нашата мисија е да ги стимулираме кај малите и средните претпријатија интересот и довербата за дигиталните иновации (без разлика дали станува збор за производ, процес или организациски) и потоа да ги придружуваме на патот кон стратегиско дефинирање и воведување нови технологии. Оваа патека ја нарековме DIHP FLOW (што звучи како длабок тек (deep flow), игра со зборови). Тоа е тек што започнува со фаза на процена на дигиталната зрелост за да се разјасни ситуацијата AS-IS, проследена со предлог zа стратегиска патека, за фокусирање на опциите TO-BE, а потоа изборот на акции, поддршката за финансирање, усогласувањето со доставувачите, надградба на работниците, вклучувајќи го и управувањето со проектот доколку е потребно – објаснува Моска.
Тој дополнува дека други комплементарни услуги им помагаат на малите и средните претпријатија да се соочат со иновациите на структуриран начин: пристап до фабрики во кои може да се учи преку примери, до локални компании во кои можете да ги набљудувате технолошките решенија што се веќе оперативни, подготвеност за воведување ИСО (ISO), поддршка на компанијата во одлуката дали има потреба за сертифицирање на нејзиниот процес (квалитет, одржливост, сајбер-безбедност, управување со иновации…).
• Сето тоа, се разбира, го правиме во партнерство со другите играчи во регионалниот и националниот иновативен екосистем. Италијанските компании историски се потпираа на престижот на „Направено во Италија“ (Made in Italy), кој всушност е главниот конкурентен лост на нашиот индустриски систем. Сепак, на глобалниот пазар, уште помалку „благородните“ аспекти како што се точноста и јасноста во комерцијалните односи, сертификацијата на производите, услугите по продажбата, сè уште се од суштинско значење за да се добие задоволството на клиентите. Дури и во смисла на комерцијална експанзија и маркетинг, каналите што традиционално ги користат италијанските компании може да бидат казнети во глобален контекст. Исто така, постои огромна област на дигитализација на производи/услуги што може да им овозможи на италијанските компании да го задржат своето традиционално „произведено во Италија“ во првите редови на глобалната конкуренција – нагласува Моска и додава дека токму во овие области го наоѓаме фокусот на повеќето стратегиски патокази што произлегуваат од нашите процени за дигитална подготвеност: за среќа, систематски привлекувајќи ги вниманието и посветеноста на претприемачите.
Моска посочува и како дигитализацијата го подобрила работењето во една фирма, кои аспекти од организацијата се подобрени.
– Италијанските производствени компании отсекогаш биле во првите редови во усвојување системи за автоматизација во фабриките и тоа го олеснува воведувањето на IoT системи за производство: компаниите ги разбираат и ги прифаќаат (релативно) природно. Помалку распространета, особено кај микро и малите бизниси, е употребата на софтвер за управување како ERP, MES, CRM, WMS, а помалку е свесноста за позитивното влијание што овие алатки го имаат врз работењето на компанијата. Фронтот на дигитализацијата на организациските процеси е оној каде што ги добиваме најголемите резултати – истакнува Моска.

Студенти подготвени за работа
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој е еден од најпрестижните и најбарани факултети во Македонија, со својата модерна инфраструктура, иновативни студиски програми и блиска соработка со индустријата, претставува идеален избор за сите што сакаат да изградат успешна кариера во областа на информатичките технологии. Но, што точно го прави ФИНКИ толку привлечен за студентите и кои се неговите главни придобивки разговаравме со Боро Јакимовски, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
– ФИНКИ е најголемиот технички факултет во регионот, кој нуди широк спектар на студиски програми приспособени на најновите технолошки трендови. Со програмите како што се Софтверско инженерство, Компјутерски науки, Интернет-мрежи и безбедност, студентите добиваат темелно знаење во областа на информатичките технологии. Покрај тоа, факултетот нуди над 170 изборни предмети, кои им овозможуваат на студентите да го приспособат своето образование според личните интереси и професионалните цели – нагласува деканот Јакимовски.
Тој додава дека една од најголемите бенефиции на студирањето на ФИНКИ е близината на факултетот со ИКТ-индустријата. Таа соработка, меѓу другото, вклучува голем број гостински предавања, учество во вежбите, како и задолжителната пракса од најмалку еден месец по студиска година започнувајќи од втора година. Главна цел е овозможување на студентите да стекнат практично искуство и да се запознаат со реалниот свет на технологијата уште пред да дипломираат. ФИНКИ соработува со некои од најголемите технолошки компании, при што се овозможува пристап до голем бројни алатки и ресурси како „Мајкрософт“ (Microsoft), „Амазон“ (Amazon), „Оракл“ (Oracle), ЦИСКО (CISCO), „Енвидија“ (NVIDIA), „Џетбрејнс“ (JetBrains) и „Гугл“ (Google), што дополнително го зголемува потенцијалот за вработување на дипломираните студенти.
– ФИНКИ располага со најсовремени лаборатории и истражувачки центри во областа на вештачката интелигенција, софтверското инженерство, пресметувањето во облак, сајбер-безбедноста, роботиката и интернетот на нештата. Ова значи дека студентите имаат пристап до најновата технологија и можност за експериментирање со реални проекти. Оваа инфраструктура не само што го подобрува процесот на учење туку и ги мотивира студентите да истражуваат, развиваат и иновираат – укажува деканот.
Потоа тој додава дека студентите на ФИНКИ се подготвени за некои од најбрзорастечките професии во светот на информатиката. Професии како што се софтверски инженер (Software Engineer), научник за податоци (Data Scientist), инженер за сајбер-безбедност (Cybersecurity Engineer) и инженер за машинско учење (Machine Learning Engineer) се меѓу најбараните, а студентите од ФИНКИ имаат можност да се стекнат со вештини што се високоценети на пазарот на трудот. Според истражувањата, платите во ИТ-секторот се меѓу највисоките во државата, што дополнително го прави овој факултет одличен избор за младите што сакаат сигурна иднина.
– ФИНКИ не само што ги подготвува студентите за вработување туку им нуди и поддршка за основање сопствени стартапи и компании. Многу успешни македонски ИТ-компании се основани од поранешни студенти на ФИНКИ, а факултетот активно работи на поттикнување на претприемачкиот дух. Оваа поддршка е клучна за студентите што сакаат да ги реализираат своите идеи и да создадат нешто ново и иновативно – потенцира Јакимовски.
Деканот укажува дека студирањето на ФИНКИ нуди многу придобивки – од квалитетно образование и практична работа до можности за вработување и претприемаштво. Со својата модерна инфраструктура, иновативни студиски програми и блиска поврзаност со индустријата, ФИНКИ е вистинскиот избор за сите што сакаат да изградат успешна кариера во ИТ-секторот.
– Ако барате факултет што ќе ви обезбеди знаење, искуство и можности за професионален развој, тогаш ФИНКИ е местото за вас. ФИНКИ си е ФИНКИ – потенцира деканот.
„ДигитМАК“ развива иновативни решенија што ја зголемуваат продуктивноста на бизнисите
Дигиталниот иновациски хаб „ДигитМАК“ претставува клучен двигател на дигиталната трансформација во македонската економија. Како дигитален иновациски хаб, тој има улога да им помогне на компаниите, особено на малите и средните претпријатија, да пристапат до современи технологии, експертиза и ресурси што ќе го унапредат нивното работење и ќе ја зголемат нивната конкурентност на глобалниот пазар.
– Неговата главна мисија е да ги поттикне македонските компании да ги искористат можностите на новите дигитални решенија и да овозможи побрза и поефикасна дигитализација во сите индустрии. Тоа се постигнува преку обезбедување знаење, обуки и едукација за тимови што сакаат да се подготват за иднината, како и преку олеснување на пристапот до финансиски средства за дигитални проекти. Покрај тоа, „ДигитМАК“ помага во развивањето иновативни решенија што ќе ја зголемат продуктивноста на бизнисите и ќе го поттикнат нивниот раст – нагласува деканот.
Јакимовски дополнува дека една од најзначајните услуги што ги нуди центарот е процена на иновациските потреби на компаниите, со што им помага да го изберат најсоодветниот пат за дигитализација. Освен тоа, тој им овозможува на компаниите да ги тестираат дигиталните решенија пред да ги имплементираат во своето работење, со што се минимизираат ризиците и се оптимизираат инвестициите. Исто така, „ДигитМАК“ нуди поддршка во пристапот до финансии и грантови, што е клучно за многу бизниси што сакаат да ја модернизираат својата работа, но немаат доволно ресурси за тоа.
– Во суштина, „ДигитМАК“ не нуди готови дигитални решенија, туку ја насочува и поддржува дигиталната трансформација на компаниите преку индивидуален пристап, анализа на нивните потреби и поврзување со најдобрите сервиси и експерти. Тој не само што ги модернизира постојните бизниси туку и создава нови можности за иновации, што е од суштинско значење за иднината на македонската економија – потенцира Јакимовски.
Поддршка и ресурси за засилување на конкурентноста на бизнисите
Акцелераторот УКИМ е првиот бизнис-технолошки акцелератор во Македонија што е основан во соработка помеѓу академската заедница и приватниот сектор (УКИМ, Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“), основан во 2018 година, и е посветен на растот на перспективните технолошки решенија преку финансирање и приспособени програми за поддршка на бизнисот.
– Акцелераторот УКИМ управува со инвестициски фонд во висина од 533.000 евра, кои ги инвестираше во десет компании. Во изминатиов период БАУ го процени бизнис-потенцијалот на над 400 технолошки засновани идеи и обезбедува адаптирани бизнис-програми за над сто тима – објаснува Александар Стамболиев, коосновач и извршен директор на Акцелераторот УКИМ, за „Нова Македонија“.
Стамболиев појаснува дека бизнис-акцелераторот УКИМ стана ЕИТ РИС хаб во 2023 година за Македонија со цел да обезбеди поддршка преку ЕИТ-повиците за финансирање и да поддржи проекти што поттикнуваат развој на иновативни продукти и решенија, влез на нови пазари, проширување на производствената линија и соработка со стартапи и академијата.
– ЕИТ хаб во Македонија е посветен на негување на иновациите за поддршка на економскиот просперитет и општествената благосостојба. Тој служи како катализатор за локалните иноватори, нудејќи поддршка и ресурси за засилување на конкурентноста на бизнисите и привлекување инвестиции и поддршка на проектни апликации – објаснува Стамболиев.
Тој дополнува дека Европскиот институт за иновации и технологија е тело при Европската Унија и е основан во 2008 година со цел да го поддржи образованието на следната генерација претприемачи, иноватори и креатори на промени, обезбедувајќи специјализирана поддршка за претприемачи и капитални инвестиции, и финансира иновативни истражувачки проекти засновани на мултидисциплинарен пристап кон реагирање на пазарните и социјалните трендови за заедничко креирање нови вредности.

– Заедниците на знаење на ЕИТ (EIT Knowledge Innovation Communities) се фокусирани во девет области: (1) Климатски промени, (2) Дигитализација, (3) Енергија, (4) Здравство, (5) Суровини, (6) Храна, (7) Производство, (8) Урбана мобилност и (9) Култура и креативност, а годишно објавуваат над сто повици и финансираат проекти во вкупна вредност од над половина милијарда евра. Повиците се отворени за академската средина и индустријата токму поради фактот дека спојот на знаење и пазарни вештини единствено може да креира нови вредности – укажува Стамболиев.
Тој наедно посочи дека ги охрабрува универзитетите и македонските компании да ги разгледаат повиците од областите што се и дефинирани во усвоената стратегија за паметна специјализација: (1) Паметно земјоделство и преработка на храна со повисока додадена вредност, (2) Сектор за информатички и комуникациски технологии (ИКТ), (3) Паметни/одржливи згради и материјали, и (4) Електрична опрема и делови за машини, со цел да се обезбеди зголемен ефект со пристапот до локалните и повиците на ЕИТ за финансирање на вашите иновации.
– Ве охрабруваме да нѐ контактирате во канцеларијата на ЕИТ хабот, која се наоѓа во просториите на ФИНКИ, и да нѐ следите на социјалните медиуми, каде што редовно ги споделуваме актуелните повици – укажува Стамболиев.
Циркуларната економија е една од главните теми за кои се залага ЕИТ РИС, а една од деветте заедници на знаење е и урбана мобилност (Urban Mobility).
– Циркуларната економија е клучен аспект во стратегијата за одржлив раст и развој, особено во контекстот на климатските промени и еколошките предизвици. Европскиот институт за иновации и технологии (ЕИТ) ја стави циркуларната економија како приоритет во своите повици, бидејќи таа создава нови можности за иновации и економски раст, а не само што придонесува за намалување на отпадот – посочува Стамболиев.
Тој дополнува дека ЕИТ активно ја поддржува оваа стратегија, а една од деветте заедници на знаење, урбана мобилност (Urban Mobility), е тесно поврзана со принципите на циркуларната економија. Во контекст на урбаниот транспорт, спроведување на циркуларните решенија може да ја подобри ефикасноста на ресурсите, да ги намали емисиите на јаглерод и да овозможи повторно користење материјали и компоненти во транспортниот сектор, што е клучно за идниот развој на одржливи урбана мобилност (Urban Mobility).
– Во тие рамки сме особено горди што заедно со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го спроведуваме пилот-проектот на ЕИТ за рециклирање на текстилниот отпад и креирање нови производи и суровини. Моментално го започнуваме експериментирањето каде што со механичка и термичка обработка на текстилниот отпад ќе се креираат нови производи и суровини за надворешна употреба. Се надеваме дека во тесна соработка со раководството на избраниот град на културата за 2028 година, кој е всушност Скопје, да ги привлечеме не само иноваторите туку и уметниците што токму со рециклиран текстилен отпад ќе му понудат нови урбани решенија на нашиот главен град, но тоа што треба вие да го сторите е да ги утврдите предностите на вашето производство и да сонувате големо и одржливо – нагласува Стамболиев.
Тој посочува дека овој период се отворени четири повици за урбана мобилност (Urban Mobility). Од нив, еден е за иновативни проекти на тема одржлива мобилност во градовите, а другите три се за стартапи, со финансирање што оди до 90.000 евра. (линк)
– Македонското општество го поседува иновацискиот потенцијал и само со заедничка соработка со европските партнери можеме да обезбедиме дигитална трансформација на нашата економија, која ќе го зема предвид токму концептот на одржлив развој и циркуларна економија. Можностите на ЕИТ се неограничени, погледнете, контактирајте и аплицирајте – нагласува Стамболиев. Е.Р.
Италијански дизајн за подобар живот – урбан дизајн, иновации и технологија меѓу темите на конференцијата на ФИНКИ
Бизнис-акцелераторот УКИМ (БАУ) во рамките на Деновите на италијанскиот дизајн 2025, во соработка со Италијанската амбасада во Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), организира конференција на тема „Нееднаквости: Италијанскиот дизајн за подобар живот“. Настанот ќе се одржи на 21 февруари 2025 (петок), 12-14 часот, на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Конференцијата ќе ја отвори деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Боро Јакимовски, заедно со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија.
На конференцијата ќе бидат презентирани некои од најдобрите примери на италијански урбан дизајн што се справува со нееднаквостите, урбаните иновации, урбаната технологија и одржливоста, развиени и лично претставени од Кјара Лукини, менаџерка за регионален развој на „Торино урбан лаб“, Франческо Моска, директорот на хабот за дигитална трансформација „Пиемонт“ (Digital innovation hub Piemonte), потоа Родолфо Пинто, млад италијански претприемач од Бергамо во областа на технологијата за урбанизам и клима (urban tech и climate tech) и експерт на тема одржлива урбана иновативност, сопственик и извршен директор на „Суперурбанити“ (SuperUrbanity), и Џовани Ботини, претседател и извршен директор на „Систематика“ (Systematica), кој ќе презентира иновативни, инклузивни и одржливи решенија за урбана мобилност.