Со Бугарија само се вртиме во круг, а единствено решение сметам дека е укинување на ветото како начин на одлучување во Унијата. Не само во надворешната, туку и во внатрешната политика, зашто ЕУ има често проблеми со одредени вета на земјите. За укинувањето почна да се говори во Унијата, но тоа е долг процес, изјави поранешниот амбасадор Јован Теговски, кој учествува како гостин и предавач на 20. Меѓународна младинска конференција што се одржува во Крушево со млади од 24 земји под наслов „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“.
– Излезот е во менување на правилата на ЕУ и укинување на ветото како начин на одлучување. Само тогаш кога земјите членки не ќе може да поставуваат вето на прашањата и одлуките на надворешната политика, може да се очекува решение. Да не заборавиме дека во последните недели канцеларот Шолц и францускиот претседател Макрон веќе отворено зборуваат на таа тема, за потребата ветото да се укине. Но, да не се залажуваме, тоа е долг процес, рече Теговски.
Тој потсети и дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен за време на својот настап пред Европскиот парламент во Стразбур, рече дека е дојдено време да се свика европска конвенција како прв чекор како договор за евентуално менување на договорите од Лисабон, а една од основните причини за тоа е ветото.
– И не само ветото во однос на прашањето за надворешната политика, туку и ветото внатре во Унијата. Се знае дека Унгарија, Полска поставуваа разни препреки и го користеа правото на вето во внатрешните политики на ЕУ, додаде Теговски.
Тој оцени и дека „францускиот предлог“, со сите мани и добри страни, како што рече, е само основа конечно да започне процесот на преговори.
– Но, тоа е само прв и мал чекор. Ни преостанува поголемиот залак да го проголтаме во Собранието, а ќе видиме тоа како ќе се реализира. Јас сум вечен оптимист. Долги години поминав во Брисел, оптимист сум дека еден ден ќе бидеме членки на ЕУ, но неизвесно е кога и по која цена, изјави Теговски.
Теговски се осврна на „загубените“ години во процесот, со „грешките од двете страни“.
– Европа водеше политика која многу години се потпираше само на ветување. Нивното објаснување е дека не сме ги правеле доволно реформите, а ако се земе предвид дека досега сме имале 17 препораки е во контрадикторност со нивните тврдења. Кај нас пак, за неисполнетите реформи е тоа дека преовлада партиократијата и секоја партија која доаѓаше на власт, приоритетот го ставаше на тоа да опстои на власт, а не на реформите, изјави поранешниот амбасадор Јован Теговски.