Во пресрет на 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев
На 4 февруари ќе се одбележат 153 години од раѓањето на најголемиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, за што веќе се најавени пригодни манифестации и одбележувања во земјава.
И додека Македонија се подготвува за одбележување на овој важен датум, покана за заедничко чествување пристигна и од страна на Бугарија.
Имено, под покровителство на бугарскиот претседател Радев, фондацијата „Гоце Делчев“ ги кани владите и пратениците од Македонија и Бугарија на заедничко чествување на 153-от роденден на револуционерот.
Во поканата се наведува дека по тој повод ќе се одржи свечен концерт со класична музика и поезија, на 4 февруари во училиштето каде што учел Делчев, сегашната воена академија „Георги Раковски“ во Софија.
Претседателот на фондацијата, Христо Христов, кој е внук на Гоце Делчев, во изјава за Канал 5 појасни дека преку културата треба да продолжи и политичката комуникација, особено кога се работи за голем револуционер.
– Сега ја отвораме можноста да се сретнат пратеници од двете држави, независно од кои политички партии и да можат да си разговараат на една многу позитивна основа. И солистите и поезијата е од двете држави, има по 50-100 и од Македонија и од Бугарија, така што се надеваме дека ќе биде нешто многу позитивно. Се разбира очекувам, има различни луѓе, но очекувам да дојдат – истакна Христо Христов од фондацијата „Гоце Делчев“.
Македонија никогаш не одби каква било иницијатива што е во насока на подобрување на меѓусебните односи и соработката во делот на културата покажа дека кога политиката не се меша, тогаш нема никакви пречки и несогласувања меѓу двата блиски народа. Впрочем, неодамна и македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да се сретне со својот бугарски колега Желјазков, за да изнајдат начини за деблокада на македонските евроинтеграции.
Клучната дилема што се поставува е зошто сиве овие години бугарскиот претседател Румен Радев не се јави во улога на покровител на еден бугарско-македонски форум, на кој би учествувале пратеници, министри, стопанственици, научна фела, невладин сектор и сите други клучни фактори во обете земји, на кој би се подготвила една стратегија и патоказ како обете земји меѓусебно да си помагаат. Бугарија, како членка на ЕУ, можеше да ѝ биде ментор на Македонија и главен лобист земјава што поскоро да стане членка на Унијата, наместо преку блокади да се кочи нејзиниот пат и да се креира непријателска клима меѓу двете земји.
Со активната бугарска блокада врз македонскиот евроинтегративен процес, произлегува дека Бугарија е кооперативна само за работи што нејзе ѝ се битни, како на пример историјата, а за сѐ друго наметнува блокади.
– Бугарија гледа да си го истера тоа што нејзе ѝ одговара. Сега некој да одбие од македонска страна, ќе кажат дека ете тие подаваат рака, сакаат да ни помогнат, но ние одбиваме, не сакаме да присуствуваме на настанот. Оние од Западот немаат поим за историската заднина и ќе речат дека Бугарите сакаат соработка, но Македонија одбива. Но вината е само наша затоа што прифативме формирање историски комисии и со тоа се заглавивме многу. Ние самите покажуваме дека имаме проблем. Тоа не ни требаше, си имаме своја историја и ќе си ја тераме како што досега сме ја учеле – вели професорот и историчар Тодор Чепреганов. С.Т.