И додека Словенија доследно се држи до она што значат вистински европски заложби, Бугарија го прави сосема спротивното. Токму бугарската влада, на чело со Кирил Петков, беше таа што спонзорираше отворање бугарски културни клубови во Македонија што величаа лик и дело на соработници на фашистичкиот режим, едниот во Битола наречен по Ванчо Михајов, другиот во Охрид именуван по царот Борис Трети
Два различни односа на членки на ЕУ кон
феномените „фашизам“ и „неофашизам“
Членството во Европската Унија ги обврзува земјите членки да се држат до највисоките европски стандарди, почнувајќи од владеење на правото, демократија, малцински права, но и на категорично отфрлање секакви штетни рецидиви од минатото, како величање на фашизмот, нацизмот и на други радикални идеи што се појавуваа низ историјата.
Впрочем, секоја земја членка при ратификацијата на пристапниот договор со ЕУ се обврзува дека нема да дозволи повторно оживување на сеништата од минатото, особено оние што се однесуваат на најтемниот дел на европската историја.
Повеќе од извесно е дека ваквите радикални сили што нескриено се повикуваат на наследството на фашизмот и нацизмот добиваат на сила низ Европа, така што веќе почнуваат да стануваат закана за демократските процеси.
Словенија забранува, Бугарија стимулира отворање клубови со фашистичка иконографија
Словенија неодамна покажа дека нема да дозволи контаминација на словенечкото општество со такви анахрони и погубни идеи, без оглед што таквите деструктивни проблесоци на словенечко тло се увезуваат од други соседни држави.
Имено, Словенија донесе закон што забранува величање на нацизмот и фашизмот. Законот се однесува на историски држави, организации и групи поврзани со тие идеологии, вклучувајќи ги Независната Држава Хрватска и усташите. Предвидените казни за прекршителите се од 500 до 1.000 евра. Законот го дополни постојниот Закон за јавен ред и мир и воведува забрана за користење симболи поврзани со нацизмот и фашизмот, како што се знамиња, ознаки, песни и униформи, како и однесување што, паралелно со користење на тие симболи, вознемирува други граѓани.
– Забраната се однесува на земји, организации и групи, т.е. знамиња, симболи, песни, униформи, дури и однесување што би сугерирало глорификација на нацизмот и фашизмот – пишуваат словенечките медиуми.
Следствено, во листата на забранети биле вклучени и четниците, заедно со словенечките соработници на фашистичките сили.
И додека Словенија доследно се држи до она што значат вистински европски заложби, Бугарија го прави сосема спротивното. Токму бугарската влада, на чело со Кирил Петков, беше таа што спонзорираше отворање бугарски културни клубови во Македонија што ги величаа ликот и делото на соработници на фашистичкиот режим, едниот во Битола наречен по Ванчо Михајов, другиот во Охрид именуван по царот Борис Трети.
На ваквите подмолни бугарски активности жестоко реагираше македонското општество, кое ја прозре бугарската намера, односно бугарското темно петно од Втората светска војна и соработката со фашистичкиот окупатор да се пресели на македонска територија. Протестите во земјава кон вака именуваните бугарски клубови официјална Софија се обиде да ги сврти во сопствена полза, жалејќи се пред ЕУ дека станува збор за нетрпение кон бугарското малцинство во земјава и за ширење говор на омраза од македонска страна.
На таа позиција официјалните бугарски власти се останати и ден-денес бидејќи немаат ниту еден разумен аргумент за да го објаснат ветото за македонските евроинтеграции.
Дополнително, веќе трета политичка сила во Бугарија е партијата Преродба, која има радикални идеи блиски до оние од времето на фашизмот и нацизмот, што говори за фактот дека одредени структури во Бугарија тешко се одрекуваат од наследството на царот Борис Трети и неговата соработка со нацистите.
Она што го демонстрира Словенија, очигледно Бугарија нема никогаш да го демонстрира, односно да забрани каква било артикулација на нацизмот и фашизмот на своја, но и да не работи на промоција на вакви идеи на туѓа територија. Напротив, нејзината намера е сопственото фашистичко минато од Втората светска војна да го префрли врз Македонија, па затоа постојано притискаше да се брише терминот „бугарски фашистички окупатор“ од спомениците низ земјава.
Бугарија уште го организира Луковиот марш
Од друга страна, Македонија не е членка на ЕУ, но нејзината државност изникна токму во борбата против фашизмот и нејзиното постоење се заснова врз темелите на Илинденското востание, АСНОМ и референдумот за независност во 1991 година. Со други зборови, нејзиното постоење се темели врз највисоките европски вредности, борбата за слобода, еднаквост, демократија и највисоки права на сите малцинства.
Затоа, наместо Бугарија да ја кочи Македонија и да бара редефинирање на македонската историја, доблесно би било да се извини за темната епизода од сопствената историја за време на Втората светска војна и не само да забрани употреба на фашистички и нацистички симболи туку да прокламира спротивни политики што ќе значат признавање на грешките од минатото во насока тие никогаш да не се повторат на ничие тло.
Историчарот Тодор Чепреганов не очекува Бугарија да го следи словенечкиот пример и да донесе некаков закон за забрана на фашистичките симболи, туку, напротив, продолжува и натаму да велича одредени личности од својата темна историја.
– Мислам дека Бугарија никогаш нема да донесе закон со кој ќе го осуди фашизмот или ќе бидат забранети такви личности и симболи. Да не го забораваме фактот дека тие уште ја одржуваат манифестацијата Луков марш. Зошто секоја година одбележуваат настан со кој се велича еден нацист, и тоа со дефиле низ центарот на Софија? Сега последниве години под притисок на ЕУ се намалува интензитетот на одбележувањето, но и натаму се одржува. Со симболи на нацизмот секоја година многу луѓе парадираат низ улиците на главниот бугарски град – вели Чепреганов.
Според него, намерата на Бугарија е да ги избрише сите негативни епизоди и да изгради историски наратив ослободен од темните петна.
– Бугарите бегаат од фактот дека беа соучесници во холокаустот на Евреите од Македонија. Тие едноставно се обидуваат да го избришат од својата меморија и самиот факт дека до ден-денес ниту еден од нив не нашол за потребно да се извини за таа окупација што ја направија врз Македонија кога беа на страната на Хитлеровата коалиција. Тие дури се обидуваат да го заборават и периодот на комунизмот од 1945 до 1991 година, како тие да се разбудиле тогаш од сон, како да не постоел, не сакаат воопшто да споменат дека живееле во систем на комунизам, односно социјализам и сакаат тоа да го наметнат во своите учебници. Едноставно, она што не им се допаѓа го бришат, а за она за што сакаат да добијат позитивни оцени го декларираат како такво и го истакнуваат – појаснува професорот Чепреганов.
Тој смета и дека постои одредена намера од бугарска страна кај нас во Македонија да се воскреснуваат историски личности што биле на страната на фашизмот и нацизмот.
– Друго прашање е зошто кај нас инсталираат личности што биле на страната на фашизмот и нацизмот. Но треба да имаме предвид дека тие личности за Бугарите се национални херои, ги земале во историјата како личности што се бореле за бугарската кауза, за обединување на бугарските територии. Тие имаат причина зошто го прават тоа – посочува Чепреганов.
Затоа тој е скептичен дека Бугарија ќе покаже демократски капацитет како Словенија, имајќи предвид дека е примена во ЕУ со политичка одлука, а не според исполнетите критериуми.
– Станува збор за политичка одлука од стратегиски интерес на ЕУ и НАТО и затоа таа земја влезе во Унијата, а не поради нејзините демократски капацитети. Бугарија има така поставено политика што тешко ќе ја промени. Самиот факт што тие се наметнаа во ЕУ со тоа билатерално прашање во однос на Македонија го покажува токму тоа. А со самото тоа што ЕУ ги прифаќа бугарските аргументи и притиска Македонија да ги исполни бугарските барања, значи дека Европа не си ги почитува сопствените принципи – заклучува Чепреганов.