Ин мемориам

Збогување со доајенот на македонското сликарство Родољуб Анастасов

 

Доајенот на македонското сликарство и еден од најважните автори во современата македонска уметност, Родољуб Анастасов, почина во неделата во Скопје. Фондацијата „Родољуб и Јустина Анастасов“ соопшти дека тој починал во 91. година од својот живот.
– Почина големиот професор, сликар и бескраен трагач по одговорите за човекот, времето и просторот – Родољуб Анастасов – објави фондацијата.
Анастасов е еден од најважните сликари во современата македонска уметност и професор од првата генерација професори на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ). Тој бил ученик на Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Васил Коџоман, а во 1962 г. дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1980 година до пензионирањето беше професор на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје. Во 2011 година, Анастасов му подари на Музејот на Град Скопје збирка од вкупно 389 дела, a музејот именуваше една од галериите „Јустина и Родољуб Анастасов“, каде што секоја година се отвора поставка со дела од колекцијата и која често и самиот ја посетувал. Последната изложба на Анастасов со нови дела беше во Музејот на Град Скопје, во јули 2023, насловена „Визии – глава полна со луѓе“, со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022.
Сликар, професор, пред сѐ човек, кој е вброен во 500-те најголеми генијалци во светот за 21 век од страната на Американскиот биографски институт. На уметноста гледаше како на духовно воздигнување и бескрајното трагање по одговорот на темите што ги засегаат – времето, просторот, човекот… и „нештото“ помеѓу. Создаваше циклуси во кои се гледа потрага по одговор, потрага по изгубениот простор, потрага по место, но за кого? Огромни простори и виулици од луѓе помеѓу, димензии што посегнуваат по големината и надвор од платната на кои се насликани или по суштинската димензија на предметите.

Преживеал две и пол години на Голи Оток и не дозволил да му го скршат духот, туку напротив, неговото сликарство добило нова длабочина. По враќањето во Скопје почнал да работи на полето на нефигуративната уметност. Од 1980 до пензионирањето беше професор на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје.
Неговото наследство е такво што дури и внукот на Клод Моне ќе каже дека Анастасов е најпсихолошкиот автор на сите времиња. Човек, кој не само што оставил трага во македонската уметност туку и на светско ниво дава ново значење на уметноста што преминува во вечност.
Последната изложба на Анастасов со нови дела беше во Музејот на Град Скопје во јули 2023 г., насловена „Визии – глава полна со луѓе“ со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022 година. Лани во февруари, во чест на неговиот 90. роденден, беше отворена изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, со дела на 42 уметници што биле студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000).

– Анастасов ѝ подари на својата Македонија речиси 500 дела од целокупниот свој бесценет сликарски опус, што е одраз на неговото големо родољубие, а уште поголемо родољубие, и тоа што самиот Анастасов го смета за свој најголем придонес кон општеството, е што тој со својот спокоен и ненаметлив сензибилитет, затскриен зад навидум намќорестата молчалива физиономија, но, исполнет со бескрајна љубов и грижа за „другиот“, успеа да си обезбеди трајно место во срцата на своите ученици и студенти од Училиштето за применета уметност (1968) и Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје (1980-2000), каде што предавал цртање и сликање на додипломски и постдипломски студии – рекоа тогаш авторите на изложбата, Јасминка Намичева и Екатерина Намичева-Тодоровска. В.Д.