Ракописот го пишувал јеромонахот Висарион Слепченски, околу 1544-1550 година. Во содржината на овој зборник се наоѓа дел од,,Богословието“ на Св. Јован Дамаскин (познато и под имињата „Небеса“ и „Предание за православната вера“), Послание на Св. Јован Дамаскин до Св. Козма Мајумски, Климентовите „Предели“ и полемички трактати на Григориј Палама против Латините и варлаамитската ерес. Кон основниот текст често се додадени схолии и илустративни цртежи. Овој зборник со филозофско-богословски трактати, слепченскиот монах Висарион го напишал за потребите на охридскиот соборен храм „Св. Богородица“
Од богатиот и славен Слепченски скрипториум на Охридската архиепископија потекнува и Слепченскиот зборник со филозофско-богословски трактати од 16 век. Денес овој ракопис повторно се наоѓа во библиотеката при манастирот „Св. Јован Претеча“, а Одделот на сестринството за ракописното наследство на Слепченскиот манастир, раководено од академикот Ѓорѓи Поп-Атанасов, пристапи кон расчитување и истражување на ракописот.
Ракописот го пишувал јеромонахот Висарион Слепченски, околу 1544-1550 година. Во содржината на овој зборник се наоѓа дел од,,Богословието“ на Св. Јован Дамаскин (познато и под имињата „Небеса“ и „Предание за православната вера“), Послание на Св. Јован Дамаскин до Св. Козма Мајумски, Климентовите „Предели“ и полемички трактати на Григориј Палама против Латините и варлаамитската ерес. Кон основниот текст често се додадени схолии и илустративни цртежи. Овој зборник со филозофско-богословски трактати, слепченскиот монах Висарион го напишал за потребите на охридскиот соборен храм „Св. Богородица“.
Во споменатиот ракописот може да се прочита и следното: „Оваа божествена и света книга е ‘Богословието’ и ‘За православната вера’ на светиот отец наш Јован Дамаскин. Впрочем, никој да не се охрабри да ја изнесе од светиот манастир под закана на непростливо афоресување и вечна анатема. Први март 1691 година. Китиски и попечител Охридски Козма“.
Негови карактеристики: хартија 304 л, 315 х 215 мм, писмо – среден правилен полуустав и ситен полукурзив, правопис ресавски, недоследен. Орнаментиката се состои од мултиколорни плетени заставици од балкански тип со флорални елементи, плетен иницијал и вињетка, а повезот е од штици во орнаментирана кожа.
Од Македонија првин е однесен во софискиот археолошки музеј, од каде што подоцна е пренесен во Архивот на Бугарската академија на науките. Денес во Научниот архив на Бугарската академија овој македонски ракопис го носи бројот 82.
По возобновувањето на духовниот живот во Слепченскиот манастир „Св. Јован Претеча“, биле пронајдени одредени старопечатени книги. Тука припаѓал и Слепченскиот скрипториум, односно дејствувања на монаси што препишувале и создавале книги, како: минеи, пролози четвороевангелија, апостоли, од кои најстариот зачуван е ракописен Апостол од 11 век, но и делата на слепченските монаси што составувале богословски зборници и трактати. Преку овие почетни траги се појавила желба кај сестринството на манастирот да се испитаат наводите што постоеле, односно кратки реченици срочени во тие збирки – ракописи што постоеја во Македонската академија на науките и уметностите.
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) укажа дека постоела огромна библиотека со збирка на ракописи во манастирот „Слепче“, која во претходните столетија била однесена од многубројни патописци и личности што биле задолжени за пронаоѓање такви ракописи по целото православие. Од тоа произлезе дека денес мноштвото ракописи се наоѓаат во универзитетски библиотеки, народни библиотеки, потоа во академиите во Бугарија, Србија, Украина, Русија, Хрватска и уште на многу други места.
Изминативе години се пристапи по трагање на тие ракописи и нивно враќање во дигитална форма во манастирот, за возобновување на манастирската библиотека. Врз основа на тие сознанија за важноста на тој препишувачки центар во слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“, се појавила голема желба сите тие ракописи што се создавале во 11, 12, 13 век да се проучуваат и дешифрираат од страна на секцијата при сестринството на манастирот под раководство на академикот Ѓорги Поп-Атанасов.