Разговорите во Брисел како повод: Интересите на државата не смее
да ги врамиме во една единствена (бриселска) рамка
- Во актуелната констелација на релациите меѓу Скопје и Брисел, државата не смее да губи време и енергија убедувајќи ги бриселските бирократи за исправноста на македонските позиции, туку напротив, треба да продолжи засилено да работи на внатрешната реформска агенда, на градење стратешки сојузништва во фокусот на големите геостратешки превирања и уште посилно на зајакнување на економските перформанси. Овој курс во следниот период треба да се образложи и пред нашиот стратешки партнер САД, кому Македонија има што да му понуди!
Пораките што европските челници ги испратија до земјава при презентацијата на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија се повеќе од јасни, дека суштината и не се толку реформите и Копенхашките критериуми, туку уставните измени.
Она со што завчера во Брисел се соочи македонската делегација беше класично удирање во ѕид, односно искажување отворена некооперативност од европска страна да се прифатат македонските аргументи околу непринципиелните блокади од соседите.
Со други зборови, тоа што европските претставници се оглушуваат на предлозите од македонска страна за надминување на проблемот, вклучително и оној за уставни измени со одложено дејство и давање некакви гаранции дека промената на Уставот ќе биде последната пречка, всушност значи дека и овој пат Европа не е искрена во намерите за брза македонска интеграција.
Во една таква констелација на релациите меѓу Скопје и Брисел, државата не смее да губи време и енергија за дополнително убедување на бриселските бирократи за исправноста на македонските позиции, туку напротив, треба да продолжи засилено да работи на внатрешната реформска агенда, на градење стратешки сојузништва во фокусот на големите геостратешки превирања и на зајакнување на домашните економски перформанси.
Имаме основа за содржајни разговори и договори со САД
Во таа насока во следниот период треба сите овие клучни приоритети да се изложат и пред нашиот стратешки партнер САД, со акцент на она што Македонија може да го понуди како придонес во развојот и поддршката на односите меѓу двете земји.
Стратешкиот дијалог е алатката со која земјава може да ги афирмира полињата на кои е потребна поблиска соработка, а меѓу другото, следејќи ги актуелните американски политики во светот, разговорите околу минералите може да бидат една од темите на дијалогот.
– Македонија располага со некои клучни минерални богатства по кои трагаат САД во моментот (што ќе биде предмет на наши натамошни новинарски написи), но згора на сево ова, единствено во земјава може да се најде минералот лорандит, уште попознат како „минерал на Сонцето“. Дотолку повеќе што стручни тимови на НАСА веќе беа во земјава и направија некои истражувања, така што во рамките на дијалогот со САД може да се загатне и оваа тема. Милионите долари потрошени од џебот на американските даночни обврзници за изградба на разни вселенски сонди што треба да ги утврдат процесите на Сонцето ќе беа заштедени доколку се искористеше лорандитот тука во лабораториите како единствен начин да се детектираат сончевите неутрина, а со тоа и да се дознае до која фаза се стигнати процесите во внатрешноста на Сонцето. Тоа ќе овозможи и да се открие како воопшто и функционира најголемата ѕвезда во центарот на нашиот Сончев Систем.
Новите технологии несомнено ќе овозможат лорандитот да се искористи за она по што трага целиот свет, вклучително и САД, евтина бесконечна чиста енергија. Основното гориво што во иднина би ја произведувало таа енергија е сконцентрирано тука во непосредната близина на Кавадарци, во рудникот „Алшар“. Кој вели дека немаме ние свои силни адути?, велат наши соговорници, универзитетски професори.
Од тие причини е важно Македонија да го насочи фокусот кон нашиот стратешки партнер во време кога Брисел очигледно е зафатен со исполнувањето на билатералните желби на некои земји членки. Таквиот пристап ќе ја направи земјава многу повидлива на светската геостратешка мапа, помалку изложена на уцени, но и силно поддржана од сојузници што негуваат принципиелни политики што не го доведуваат под прашалник македонскиот државен суверенитет.
Брисел ја премина секоја мера со своите тактизирања, калкулации и политики на два колосека
- Македонија направи големи чекори како поддршка на политиките и стратегиите на Брисел, но се покажа и како сигурен и сериозен европски играч за новата геополитика. Што доби за возврат?
Македонија даде многу од себе, од својот идентитет, но и од кредибилитетот неспоредливо со други кога е во прашање суверена држава. И тоа е така повеќе од 20 години, конкретно кога се однесува на членството во ЕУ, наша стратегиска цел дефинирана со резолуција на Собранието од 1994 година. Но… и покрај сите измени и дарови, како што се знамето, Уставот и јазичните политики, наметнати од Брисел, сега Македонија е пред голем предизвик – дали таа ќе го премине својот рубикон?!
За потсетување, Македонија е земја што прва потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација во 2001 година во Загреб, но последна од нашиот регион во евроинтеграциите. Тоа секако е еден голем апсурд. Македонија прва го потпиша и договорот за заедничка европска безбедност САФЕ, еден нов безбедносен чадор. Меѓу првите ја поддржа Резолуцијата за поддршка на Украина во војната со Русија. Застана и зад предлогот да се формира нов суд за воените злосторства сторени од руската армија во Украина. Тоа се големи чекори како поддршка на политиките и стратегиите на Брисел, но се покажа и како сигурен и сериозен европски играч за новата геополитика. Што доби за возврат? Доби една апсолутно неприфатлива уцена дека мора да ја исполни желбата на продавачите на идентитетот и притоа да ги ставиме Бугарите во Уставот. Ако Брисел вели дека е добро што сме поддржале такви резолуции претходно, зошто Брисел не ја почитува собраниската Резолуција од 2021 година каде што се утврдени црвените линии за нашите евроинтеграции? Оваа бриселска непринципиелност, но и најновите закани упатени кон владата на Мицкоски не само што говорат туку потврдуваат дека Брисел нема намера да ни дава никакви гаранции. Историјата покажа дека од нас се бараат само отстапки, а не добиваме ништо и затоа треба да се опстои на ставот дека – доста беше понижување!
Апсурдите во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати
Бриселската политичка лукративност поважна од критериумите
Европската комисија ги објави извештаите за напредокот на сите земји кандидати, а она што на прв поглед паѓа во очи се сите апсурди што се содржани во нив, што јасно говори дека тука не се работи за исполнување некакви критериуми, туку исклучиво за политички одлуки.
Имено, како лидер во целиот процес на пристапување, еврокомесарката за проширување Марта Кос ја издвои Црна Гора, со констатација дека земјата е „на добар пат“ скоро да стане членка. Но она што се констатира во извештајот, всушност е спротивно од она што го говорат бриселските бирократи. Имено, во Црна Гора се констатирани политичка нестабилност, застој во реформите во правосудството, во борбата со корупцијата нема ефективни истраги и обвиненија за висока корупција, јавната администрација е политизирана, има притисоци врз медиумите и новинарите. Негативните забелешки буквално се идентични и за Албанија.
Украина и Молдавија се посебна приказна имајќи го предвид фактот дека првата се наоѓа во војна и нема капацитет во такви услови да спроведува какви било реформи. Во Молдавија исто така има политичка криза што ЕУ привремено ја превенираше така што активно се вклучи помагајќи изборниот процес да помине така што ќе победи проевропската кандидатка, иако расположението во општеството е длабоко поделено во поглед на европската перспектива на земјата.
Со други зборови, сето ова повеќе од јасно говори дека исполнувањето на критериумите не е никаков услов за напредок во евроинтеграциите, туку исклучиво политичката волја на Брисел да турка одредени земји кандидати колку да покаже дека процесот на проширување не е запрен. Во оваа приказна веројатно ќе се најдеше и Македонија доколку не се соочеше со проблемот со уставните измени.
– Ако направиме паралелна анализа на извештаите на сите земји кандидати, тогаш Македонија несомнено е лидер, далеку пред сите. Но проблемот со уставните измени очигледно за Брисел е пресуден, па затоа нѐ сместува во групата на лоши ученици. Да ги направевме уставните измени, тогаш Кос и за нас ќе зборуваше како „забрзано чекориме кон членство во ЕУ“. Несомнено ова се апсурдите со кои се соочуваме, така што нема потреба премногу да си земаме при срце што кажала ЕК бидејќи сето ова е една голема политика – коментираат аналитичарите од областа на европските политики.

































