Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако претходно го напипа пулсот кај албанската дијаспора во Швајцарија, која очигледно повеќе не е подготвена да ги финансира неговите воинствени потфати бидејќи увиде во чии џебови завршија нејзините пари, Ахмети сега повторно се врти кон својот веќе единствен поддржувач, албанскиот премиер Еди Рама

Сѐ помала поддршка за лидерот на ДУИ и во странство и дома

Ставањето на поранешниот прв вицепремиер и висок функционер на ДУИ Артан Груби на американската црна листа предизвика силен земјотрес во редовите на интегративците, а тоа особено го погоди првиот човек на партијата Али Ахмети, кој дефинитивно ја сфати пораката дека повеќе не ја ужива американската и, генерално, меѓународната поддршка.
Во ситуација кога дома ја загуби поддршката од гласачите, Ахмети тешко ја прифаќа улогата на опозиционер и продолжува да бара начини како одново да се факторизира себеси и својата партија, особено кога неговата ДУИ се соочува со обвинувања за корупција и криминали за кои американските институции веќе дадоа дополнителен поттик за овие основи на сомневање да се докажат, со динамизирање на законски утврдените процедури на (предистражни и истражни) дејства на надлежните домицилни институции.
Дополнителен немир кај Ахмети внесува и барањето на Советот на Европа за повторно отворање на хашките случаи, во кои тој и некои од неговите блиски соработници се товарат за воени злосторства.
Откако претходно го напипа пулсот кај најтврдокорната албанска дијаспора во Швајцарија, која очигледно повеќе не е подготвена да ги финансира неговите воинствени потфати кога увиде во чии џебови завршија нејзините пари, сега повторно се врти кон својот единствен сојузник, албанскиот премиер Еди Рама.
Имено, соговорниците нѐ потсетуваат дека токму „Рама беше патронот под чија закрила се реализира таканаречената Тиранска платформа, а ДУИ беше подизведувачот на тој широк проект на идентитетското обезличување на македонскиот народ“. Сега Ахмети во Рама ја гледа сламката за сопствениот спас, откако претходно беше „откачен“ од Приштина, Вашингтон и од албанската дијаспора.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека ДУИ ја загуби поддршката од сите поради своите коруптивни активности, без оглед каде и да оди да ја бара.
– ДУИ ја изгуби власта поради корупција и сега ги бере плодовите од тоа длабоко коруптивно поведение. И претходно кажав дека ДУИ и Ахмети повеќе немаат поддршка од никого и дека во следниот период ќе почне процес на распаѓање на партијата – вели Пекевски.
И другите соговорници сметаат дека Ахмети повеќе нема кредибилитет меѓу Албанците и дека сегашните средби во Тирана се последен обид да се фати сламката за спас.
– По последната црна листа на американскиот Стејт департмент, стана јасно дека Американците повеќе не го гледаат ДУИ како фактор на политичката сцена во Македонија. Корупцијата и криминалот иницирани од оваа партија додека беше на власт беа огромни, така што колку и да одработиле за меѓународниот фактор во минатото, сепак сечие време минува. Ахмети во албанскиот премиер Рама ја гледа последната шанса некој да застане зад него, откако ДУИ беше клучната партија што во целост ја спроведе Тиранската платформа на Рама во Македонија. Сега Ахмети се обидува врз основа на тој заработен кредит кај Рама да издејствува негова поддршка, но тоа тешко ќе оди бидејќи и Рама веќе не е толку политички силен во сопствената земја. Тој можеби ќе испраќа некакви пораки во полза на интегративците и Ахмети, но генерално ДУИ повеќе не ја ужива поддршката меѓу Албанците во Македонија бидејќи се чувствуваат изиграно од дадените а неостварени ветувања – констатираат соговорниците.


Изјава на албанскиот премиер со која тој флагрантно се меша во внатрешните работи на Македонија

Рама: Албанскиот јазик не е прашање на Уставниот суд и не е прашање на закони… (!?)

Албанскиот премиер Еди Рама, говорејќи на четвртото издание на политичката академија „Арбен Џафери“ одржана во Тирана, коментираше внатрешни состојби во Македонија.
– Сега тука се внесува и темата за албанскиот јазик, кој во моментот е во еден неразбирлив и необјаснив контекст за мене, во Уставниот суд на Македонија. Јас не велам дека лидерите што веруваат во уставните судови на други држави грешат. Но, јас мислам дека тоа што албанскиот јазик го има стекнато како право на граѓанство во Македонија не е прашање за Уставниот суд, не е прашање на закони, не е прашање на привремени желби на политичките партии. Кажувам привремени, бидејќи политичките партии се избираат еднаш на четири години и некогаш се на една страна, некогаш на друга страна, некогаш имаат многу нешта во рацете, некогаш немаат ништо – рече Рама.
Несомнено, изјавите на албанскиот премиер се класично мешање во работата на институциите во Македонија и претставуваат чин што не е во духот на добрососедските односи меѓу двете земји, но, од друга страна, може да се протолкуваат и како мал ветер во грб на Ахмети откако сите му го свртеа грбот. П.Р


Неспорно е дека народниот правобранител треба да ги изнесува во јавност податоците од она што го констатирал при своето работење, но крајно спорен е тајмингот на неговите изјави, имајќи ја предвид чувствителноста на моментот. Имено, да се изнесуваат податоци дека „има помалку етнички вработувања во институциите“ е, народски кажано, долевање масло на огнот! А прашање е дали и статистиката на надлежната институција за тоа ќе се согласи со бројките на правобранителот!?

Кого брани народниот правобранител!?

Во време кога во државата се отвори дебата околу потребата за инкорпорирање на забелешките на Венецијанската комисија поврзани со Законот за употреба на јазиците, за што се отвори постапка и пред Уставниот суд, одредени структури во земјава се обидоа тоа да го поврзат со ускратување на нечии права и на тој начин да подгреваат меѓуетнички тензии.
Ваквиот наратив потекна првенствено од кујната на ДУИ во Мала Речица, од каде што поради стравот дека добар дел раководни структури на партијата би можеле да се најдат под кривичен прогон, одеднаш играат на картата на креирање меѓуетнички тензии, за подоцна да се претстават како фактор без кој всушност нема стабилна Македонија.
За таа цел ги ангажираа сите свои должници што овие 20 и кусур години додека ДУИ беше на власт имаа некаква полза од нејзиното владеење, па сега тоа треба да се одработи во полза на интегративците.
Најпрво со некакво писмо се јавија околу 200 албански интелектуалци, кои оценуваат дека со отворањето на прашањето за албанскиот јазик во Уставниот суд всушност се укинува правото на употреба на албанскиот јазик, занемарувајќи го фактот дека станува збор за некои одредби од Законот за употреба на јазиците, а не за албанскиот јазик.
Во крајно симптоматичен момент со прес-конференција се јави и народниот правобранител Насер Зибери, кој токму во време кога интегративците под шатор „стражарат“ пред Уставниот суд, најде да изнесува податоци дека бројот на вработени Албанци во институциите опаднал!?
Тој упати апел кон институциите да го почитуваат правото на правична застапеност, како основен уставен постулат, без оглед на укинувањето на алатката балансер.
Неспорно е дека народниот правобранител треба да ги изнесува во јавност податоците од она што го констатирал при своето работење, но крајно спорен е тајмингот, имајќи ја предвид чувствителноста на моментот. Имено, кога имаш политичка партија што стражари пред највисоката институција што ги оценува законите и која алармира дека се загрозени нечии етнички права, да се изнесуваат податоци дека има помалку етнички вработувања во институциите е, народски кажано, долевање масло на огнот. Впрочем, народниот правобранител наместо да се занимава со проблемите на граѓаните и да дејствува во таа насока, наметнува етнички теми и дополнително ги крева тензиите.
Некои од безбедносните експерти сметаат дека прес-конференцијата на народниот правобранител во најмала рака е со лош тајминг, притоа изразувајќи сомнеж дека не станува збор за случајност.
– Да не заборавиме дека актуелниот народен правобранител е избран со помош на ДУИ, откако претходно беше нивен кандидат за прв премиер Албанец. Таа меѓусебна спрега не треба да се исклучи ниту сега, па логично е кога ДУИ шири наратив дека Албанците се потиснати во земјава, тоа да биде поткрепено и од некоја друга страна. Народниот правобранител токму тоа им го даде, дека Албанците не биле доволно застапени во некои институции. Во време кога се тргна балансерот, кога и меѓународната заедница инсистира на мерит-систем, упорно да се туркаат етничките вработувања е нонсенс. На оваа држава ѝ треба напредок, а не заглавување поради нестручни и несоодветни кадри, само поради некакво пополнување квоти. Во секој случај, ДУИ бара од сите оние што со нешто ги задолжил, да одработат за него и сега го прават тоа – анализираат безбедносните експерти.