На видеоснимки што беа објавени од медиумите и од граѓани на социјалните мрежи беше забележано кинење на македонското знаме од страна на група млади лица, за потоа врз него да помине автомобил. А во рамките на одбележувањето на албанскиот празник се слушаа и рафални пукотници, на неколку локации имаше огномет, додека беа забележани и навредливи скандирања. Притоа голем број автомобили со развеани албански знамиња, воопшто не почитувајќи ги сообраќајните правила и прописи, игнорирајќи ја хоризонталната, вертикалната и светлосната сообраќајна сигнализација, несовесно блокираа дел од скопските улици
Поведенија на жесток вандализам што е санкциониран во Кривичниот законик регистрирани при одбележувањето на Денот на албанското знаме
Кинење и сквернавење на македонското знаме беше забележано завчера за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме во Скопје, со што настанот што требаше да биде прослава се претвори во чин на вандализам и јавна демонстрација на шовинизам, проследен со повеќе инциденти на нарушување на јавниот ред и мир. На видеоснимки што беа објавени од медиумите и од граѓани на социјалните мрежи беше забележано кинење на македонското знаме од страна на група млади лица, за потоа врз него да помине автомобил. Во согласност со членот 8 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната и со членот 178 од Кривичниот законик, намерното кинење, палење, газење или на кој било начин сквернавење на македонското знаме (и другите инсигнии) претставува кривично дело. А во членот 319 од Кривичниот законик, кој се однесува на „предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост“, е предвидена казна затвор од минимум една година.
Во рамките на одбележувањето на албанскиот празник, на крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ се слушаа и рафални пукотници, на неколку локации имаше огномет, беа забележани и навредливи скандирања. Голем број автомобили со развеани албански знамиња несовесно блокираа дел од скопските улици (на некои места граѓаните беа излезени од автомобилите и играа оро), честопати и без да водат сметка за сообраќајните прописи и општата безбедност. Слични појави беа забележани и во другите градови низ земјава каде што мнозинството граѓани се етнички Албанци, односно каде што се одбележуваше Денот на албанското знаме.
Инцидентите наидоа на реакции и осуда во македонската јавност (од страна на политичари, јавни личности, медиуми…), која очекува и бара итна и ефикасна реакција на државата во согласност со Уставот и со законите за да се спречи ваквиот вандалски чин да предизвика дополнителни меѓуетнички тензии, односно да придонесе за нарушување на безбедноста и соживотот. НМ.
Осуда од политичките партии за инцидентите
Сторителите да бидат откриени и санкционирани, а граѓаните да останат спокојни
Политичките партии го осудуваат чинот на сквернавењето на македонското знаме и бараат да бидат откриени сторителите и да бидат казнети по закон. ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше и го осудува сквернавењето на македонското знаме што се случи во текот на завчерашниот ден.
– Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи, зад кои веруваме дека има и политичка заднина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите еднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние што го кршат законот – потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ги повикуваат граѓаните, како и во минатото кога имало вакви обиди, да останат достоинствени и мудри, бидејќи, како што велат, „ова се само последни крици на еден криминален монструм што ја понижи и ограби Македонија“.
Претседателот на движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, ги осуди, како што посочува, непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и уништувањето и сквернавењето на државното и македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме. Димитриевски потенцира дека тој е за реално мултиетничко општество во кое сите заемно ќе се почитуваат со еднакви права и обврски и сите еднакво да бидат одговорни пред законот.
– Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава што те израснала, образовала платила и плаќа, вложувала во тебе, е злосторство против истата таа и треба да се одговара. За жал, тоа што го видовме денеска на многу места по државата, па и во мое Куманово, особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитувањето на Законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништувањето и сквернавењето на нашето државно и македонско знаме е за секаква осуда – наведува кумановскиот градоначалник и претседател на ЗНАМ.
Коалицијата ВЛЕН најостро ги осудува овие неприфатливи дела што се случија за време на Денот на независноста на Албанија, каде што срамно беа запалени државните знамиња, наведуваат од партијата во владејачката коалиција, повикувајќи на разумност.
– Повикуваме на разумност и меѓусебно почитување, бидејќи палењето на знаме е подгревање на меѓуетничките односи во оваа земја. А, оваа работа не им служи ниту на оние што ја поттикнуваат, односно на никој друг, а уште помалку на граѓаните. Чувствуваме одговорност и апелираме до сите граѓани да покажат разумност и решителност да не станат плен на злонамерни провокации. Мултиетничкиот карактер на С. Македонија е вредност на нашата држава и општество, а секој што ќе се обиде да ги наруши меѓуетничките односи покажувајќи непочитување кон другите, особено кога се палат државните знамиња, ќе мора да се соочи со надлежните органи за спроведување на законот и да бидe повикан на одговорност – посочуваат од ВЛЕН.
И опозициската СДСМ најостро ги осуди инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје, што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
– Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество и секое однесување што има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности – се посочува во соопштението.
Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „голема Албанија“), опозициската партија Левица реагира и на рафалните истрели од огнено оружје, газењето и палењето на македонското знаме и уништувањето македонски симболи во некои основни училишта.
– Иредентизмот што го стимулираат т.н. албански партии и ширењето омраза кон македонската држава ја доживеаја својата кулминација! Освен блокираните улици со колони возила со развеани албански знамиња (меѓу кои и иредентистичкото на „голема Албанија“), овие толпи „славеа“ со рафални истрели од огнено оружје, газење и палење на македонското знаме и уништување македонски симболи во некои основни училишта. Особено вознемирувачки за мнозинскиот македонски народ е фактот што се пееја песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците – се наведува меѓу другото во реакцијата на Левица.
Социјалистичката партија на Македонија исто така најостро ги осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме, велејќи дека тоа претставува чин на непочитување на македонската држава и газење врз достоинството на македонскиот народ што не се простува.
Македонски концепт смета дека со ваквиот инцидент се спречува проширувањето на ЕУ на Балканот, при што истакнаа дека очекуваат реакција и од ЕУ, НАТО и од САД, како и силна реакција од државата.
– Криминалните структури и марксистичко-ленинистичките банди доселени во земјава за време на комунистичкиот период се промотори на албанскиот етнички шовинизам, кој е катализатор за дестабилизација на НАТО и спречување на проширувањето на ЕУ на Балкан. Истиот тој е неопходно да се осуди и санкционира и од меѓународните фактори. Очекуваме реакција на ЕУ и НАТО во таа насока, особено на стратегискиот партнер САД – порачуваат од Македонски концепт. Н.М.