Повод: Рамномерен регионален економски развој во Македонија
- Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека состојбите не се промениле во насока на изедначување на регионите во процесот на нивниот економски раст и развој, туку напротив. Во согласност со објавата на ДЗС, во 2023 година најголемо учество во бруто-домашниот производ има Скопскиот Регион со 45,9 проценти, додека најмало учество има Североисточниот Регион со само 4,5 отсто
Повеќслојниот општествен феномен што се нарекува „регионален развој“, всушност, претставува еден долгорочен процес на унапредување на одржливиот економски и социјален развој на државата. Тој се остварува преку идентификување, поттикнување, управување и искористување на развојните потенцијали на планските региони, урбаните подрачја, подрачјата со специфични развојни потреби. Ставен во контекст на нашиот денешен осврт, со одредницата „рамномерен“ (имено рамномерен регионален развој), тој феномен опфаќа сложени зафати насочени кон „намалување на диспаритетите во степенот на развој на регионите“ со цел да се оствари рамномерен и одржлив развој на регионите, а сето тоа заради остварување рамномерен и одржлив интегрален развој на нашата држава, како единствена, унитарна целина.
Зошто да се инсистира на политики на рамномерен регионален развој? Имено, соговорниците образложуваат дека ефектите од таквиот пристап се мултиплицираат и за граѓаните и за самата држава, а и за локалната самоуправа, при што тој пристап продуцира зголемување на конкурентноста на регионите со оптимално користење и валоризирање на економските особености на различните региони и нивното природно богатство, но и на ефективно користење на човечкиот капитал, кој силно придонесува на развојот на урбаните подрачја, развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Дополнително, таквиот пристап поттикнува поддршка на меѓуопштинската, но и прекугранична соработка на општините во функција на еден поширок регионален развој.
Разговарајќи на оваа тема, соговорниците нѐ брифираат дека најпрвин за јавноста треба да ја доловиме фактичката состојба, консултирајќи информации од Државниот завод за статистика, што би било почетна точка за една опсервација.
Што констатира Државниот завод за статистика?
Скопскиот Регион традиционално има најголемо учество во бруто-домашниот производ на Македонија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Скопје и околината обезбедуваат најголема продуктивност, а имаат и највисоки плати. Но, наместо подобрување на состојбите, низ годините разликите меѓу регионите не се намалуваат, туку се зголемуваат.
И најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека состојбите не се промениле во насока на изедначување на регионите во нивниот прогрес, туку напротив. Во согласност со нивната објава, во 2023 година најголемо учество во бруто-домашниот производ има Скопскиот Регион со 45,9 проценти, додека најмало учество има Североисточниот Регион со само 4,5 отсто.
На второ место според учеството во БДП е Пелагонискиот Регион, но и тој е далеку зад Скопскиот, бидејќи неговото процентуално учество достигнува само 10,9 проценти. Зад него е Југоисточниот Регион, каде што учеството на БДП достигнува 9 отсто. Потоа е Југозападниот Регион со 8,6 проценти, па Полошкиот со 7,7 отсто учество во БДП, по нив доаѓа Источниот Регион со 7,4 проценти, па Вардарскиот Регион со 6,3 отсто.
Притоа статистичарите истакнуваат дека Пелагонискиот Регион има најголем пораст на бруто-домашниот производ во однос на 2022 година, додека пак Полошкиот Регион има најголем пораст на бруто-инвестициите во основни средства во однос на 2022 година.
Сепак, ова засега не помага многу во изедначување на регионите туку, напротив, разликите меѓу нив и Скопје и околината се навистина големи. Речиси половина од економската активност во земјава се реализира во Скопскиот Регион, а концентрацијата на стопанството во главниот град продолжува.
Зошто половината да се создава во еден регион?!
За споредба, според објавата на ДЗС, во 2022 година најголемо учество во бруто домашниот производ на Македонија има Скопскиот Регион со 45,7 проценти, додека најмало учество има Североисточниот Регион со 4,6 отсто.
Втор по развиеност е Пелагонискиот Регион, чие учество во БДП е 10 отсто, а по него следуваат Југозападниот и Југоисточниот со 8,8 и 8,7 проценти учество во БДП. Источниот Регион учествува со 7,9 проценти во домашниот БДП, додека Полошкиот со 7,3 отсто. Вардарскиот Регион прави 6,7 проценти од домашниот БДП.
Податоците на ДЗС покажуваат дека состојбите се слични во изминативе пет-шест години. Но проблематично е што придонесот на Скопскиот Регион уште повеќе расте, додека на другите региони се намалува. Бројките покажуваат дека од година на година процентуалното учество на Скопскиот Регион во БДП се зголемува, а на сите други региони или е на слично ниво или се намалува.
Неопходно е плански да се намалува големата разлика, но со поинтензивен развој на другите региони
Ако се погледнат бројките, станува уште појасно дека состојбите се навистина загрижувачки. Имено, само во Скопскиот Регион минатата година биле создадени 414,3 милијарди денари од БДП. Втор регион со најголем придонес во БДП е Пелагонискиот, и тоа овој регион креирал само 98 милијарди денари, додека во Североисточниот како регион со најмало учество биле креирани само 40 милијарди денари.
Состојбите стануваат позагрижувачки наместо порамномерен развој, и покрај големиот број апели продолжува растот на Скопскиот Регион за сметка на другите. Упатените во повеќе наврати укажуваа дека фактот оти од осум региони само во еден од нив се прави најголем дел од БДП во земјава отвора многу прашања.
Економистите за „Нова Македонија“ посочуваат дека ова е показател оти недостига или нема рамномерен регионален развој, бидејќи само во еден од осумте плански региони е концентрирано производството на речиси половина од БДП на земјата и повеќе од половината од работните места. Нивното мислење е дека е потребен поплански пристап, кој може да помогне во надминување на состојбите. Укажуваат дека државата може да помогне со инвестирање и обнова на уништени детски одморалишта или друг тип на објекти што се под државна капа, со чија обнова би се вратиле во функција и би помогнале на некој начин во развој на средини што се делумно заборавени. Е.Р.


































