Фото: „Нова Македонија“

Во ситуација кога некој однадвор се обидува да ја ретушира и видоизмени и да направи ревизија на македонската историја, ние како држава досега дозволувавме однатре да финансираме ревидирање на националната историја, со финансирање проекти спротивни на историските вистини, факти, настани и личности. Така, самите се ставаме во апсурдна ситуација, одредени „публикации или книги“ што се класичен фалсификат и плод на нечија имагинација или шовинистички стремежи да бидат едноставно издадени и програмски поддржани од македонските државни институции, финансирани од македонскиот буџет. Нашите соговорници посочуваат примери во кои таквите публикации и книги еклатантно го деноминираат македонскиот народ, а имаат тенденции за некаква хегемонија, предизвикување тензии и нетрпеливост…

Да запрат публикувањето на историските фалсификати и нивното финансирање од страна на институциите во државава

Историјата како наука е процес на анализа на историските извори и нивна интерпретација, оттука секогаш има доволно историски извори за споредбени анализи и унапредувања на одредени различни видувања. Но фактите и историската вистина во историографијата се неприкосновени. Во секој случај, според историчарите, мора да се земе предвид дека честопати настаните од минатото се контрадикторни и затоа постојат различни интерпретации за одредени историски процеси и случувања. Но додека историската и експертската фела општат околу толкувањето на историските извори, како што се сведоштвата или документите, политиката врз основа на одредена политичка доктрина честопати се обидува да даде одреден антиисториски и антинаучен наратив. И сето тоа во функција на една манипулативна, политикантска заднина. Притоа честопати се заборава дека изворите, документите и сведоштвата од архивите не постојат за да задоволат одредени извртени или понекогаш и екстремни политички видувања, како што се великоалбанизмот или великобугарзимот, тука да ги определат настаните од минатото, онакви какви што биле, а не онакви како што некој сака да бидат.

Парадоксална ситуација: Самите финансираме историски фалсификати

Веќе подолг период голем број академици, научни работници, историчари и аналитичари предупредуваат за една негативна појава во македонското општество, појава што се карактеризира со систематско ширење историски невистини преку форма на пропагандна содржина. Неколкумина соговорници ни посочија дека и во минатото припадниците на македонскиот народ се соочувале со вакви пропагандни активности, но денес дури имаме случаи кога ситуацијата е парадоксална.
Во услови кога постојат македонска држава и македонски институции и кога може да се превенираат овие појави, кои се штетни за државните и националните ситуации, ние се наоѓаме во апсурдна ситуација затоа што одредени пропагандни трудови или книги се издадени и поддржани програмски од македонските државни институции и финансирани од македонскиот буџет, велат нашите соговорници. Дополнително на ова, во ситуација кога некој однадвор се обидува да ја видоизмени и ревидира македонската историја, како општество и нација дозволуваме однатре да ни се ревидира историјата.
– Пропагандите главно имаат законит карактер, може лесно да се детектираат или препознаат и затоа можевме превентивно да ги спречиме. Но ние дозволуваме и понатаму да се засилуваат. Значи да почнат од одредени бенигни најави и дискурси, усвојување на првите декларации или индивидуални ставови на историчари и институции, како што е Бугарската академија на науките (БАН) – наведува Катица Ќулавкова.

Фото: „Нова Македонија“

Да ставиме конечно точка на притисоците за ревизија на нашата национална
историја

Повеќемина аналитичари и експерти нагласуваат дека великоалбанизмот има една постојаност, која се одликува со тенденции за територијална, етничка и идејна хомогеност, како и тезата дека припадниците на албанскиот народ во неколку балкански држави, вклучувајќи и во Република Македонија, се наоѓаат во „пансловенско ропство“. Оваа спомената постојаност на великоалбанизмот може да се забележи и во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ од авторите Скендер Асани, Мехмет Приштина и Алберт Рамај (Едс), објавена од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје.
Мехмет Приштина, еден од авторите, вели дека оваа книга има документи и докази за албанско Скопје (албанскиот карактер на Скопје). Истиот автор порачува дека важноста на оваа книга лежи во тоа што ја отсликува историската, демографската и просторната реалност како од стратегиски аспект на градот Скопје така и од аспект на „бугарско-македонскиот проблем што останува во границите на нова Албанија“.
Споменатите автори без да водат сметка за историската реалност се обидуваат да го ревидираат минатото. Конкретно во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ се наведува дека Скопје, заедно со двата политичко-административни центри Битола и Јанина, е еден од најважните албански политичко-административни центри. Според нашите соговорници, оваа констатација е далеку од точна, затоа што административната поделба на европскиот дел на Османлиската Империја не е врз етнички, религиозен или културолошки принцип, туку административните граници требало да ги задоволат османлиските интереси и цели. Европскиот дел на Османлиската Империја е поделен на неколку провинции познати како вилаети, кои, пак, се делат на помали административни единци познати како санџаци. При административната поделба Османлиите не воделе сметка за етничката компактност, туку, напротив, се стремеле кон што поголема етничка и религиозна поделеност, за полесно управување со провинциите, велат нашите соговорници.

Во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ од авторите Скендер Асани, Мехмет Приштина и Алберт Рамај (Едс), објавена од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците-Скопје, еден од авторите порачува дека важноста на оваа книга лежи во тоа што ја отсликува историската, демографската и просторната реалност како од стратегискиот аспект на градот Скопје така и од аспект на „бугарско-македонскиот проблем што останува во границите на нова Албанија“. Повикувајќи се на некакви актуелни состојби, авторите флагрантно ревидирајќи го минатото во книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ се наведува дека Скопје, заедно со двата политичко-административни центри Битола и Јанина, е еден од најважните албански политичко-административни центри(!?)

Најчести албански и бугарски историски фалсификати

Во секој случај, според соговорниците, повеќе реномирани универзитетски професори, книгата „Скопје, самата историја на Косово (Извештаи на италијански дипломати)“ сама по себе претставува еден феномен, присутен во претходните години, каде што од невнимание, небрежност или, пак, понекогаш со умисла, македонските државни институции дозволувале да бидат публикувани во домашната јавност документи (публикации, книги и слично) со кои флагрантно се фалсификува македонската национална историја.
Згора на тоа, како што издвојуваат соговорниците, не само што се правеле вакви пропусти туку ваквите антидржавни проекти се финансирале од буџетот на државата?! Соговорниците нагласуваат дека овој феномен не се однесува само на гореспоменатите „демонстрации на албанскиот шовинизам и аспирациите за големодржавност на штета на Македонија и македонскиот народ, туку дека граѓаните биле живи сведоци и на регистрирање и отварање т.н. бугарски културни центри наречени по личности што со своите радикални активности на антисемитизам, шовинизам, фашизам итн. биле на темната страна на историјата и му нанеле длабоки и неизбришливи лузни на македонскиот народ, што е запишано во македонската историја. Токму за ваквиот феномен предупредуваат соговорниците, истакнувајќи ги функционалноста на институциите, нивната ефикасност и влегување во кондиција, за да може сите вакви тенденции превентивно да се спречат, а сето тоа во функција на заштита на уставниот поредок, државата и нацијата. Д.Ст.


Реакција на историчарите за фалсификатот во книгата „Скопје, самата историја на Косово“: Османлиските провинции не биле етнички хомогени!

Лагите од историјата веднаш да се демаскираат бидејќи се плодно тло за мултиплицирање проблеми

Искажувањата дека Битола, Јанина и Скопје, седишта на Битолскиот, Јанискиот и Скопскиот вилает, биле најважни албански политичко-административни центри немаат никаква ниту вистинита ниту научноистражувачка основа. Таквата констатација е чисто политикантска, фалсификаторска констатација, со заднина што содржи елементи на антидржавни, па и противуставни поведенија.
Соговорниците цитираат повеќе извори што го потврдуваат присуството на албанскиот етнички елемент во споменатите вилаети, но, историски гледано, припадниците на албанскиот народ никогаш не доминирале во Битолскиот и Скопскиот вилает, особено ако се земе предвид дека во Скопскиот вилает влегувал поголем дел од североисточниот дел на Македонија со казите: Скопје, Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка, Кратово, Велес, Кочани, Штип, Радовиш, Пехчево, со повремени промени. Велешката каза првично била под Солунскиот вилает, но казата подоцна влегла во Скопскиот (Косовскиот) вилает. Доколку внимателно се анализираат многубројните историски извори и документи, не може врз основа на одредена административна поделба во рамките на Османлиското Царство да се проектира албанска доминантност во одредени територии.
Во споменатата книга се цитира и италијанскиот дипломат Гиги, според кого во Косово и на други целосно албански територии и кои Албанија ги враќа денес, елементот Словени, кои се нарекуваат бугаромакедонци, Срби, пред Балканската војна сочинувале мало малцинство, кое навлезе во тие региони по освојувањето на Албанија од Турците и во текот на четирите века од нивното владеење. Доколку внимателно се анализира, вистина е дека италијанскиот дипломат Гиги го напишал посоченото. Но авторите на книгата не водат сметка за актуелните политички случувања кога италијанскиот дипломат пишувал. Имено, документот настанува во Втората светска војна, кога одредени делови на Балканскиот Полуостров се под окупација на фашистичка Албанија и кога Италија има одредени територијални недоразбирања со Царството Бугарија. Всушност, пишувањата на споменатиот италијански дипломат се обиди за оправдување на територијалните италијански и албански претензии, заклучуваат нашите соговорници.