Илустрација: „Нова Македонија“

Преседанот што Македонија како држава го направи така што се откажа од грижата за малцинствата во соседните држави, резултираше со отворен, забрзан процес на асимилација на Македонците во соседството, без оглед што некои од овие земји се членки на Европската Унија и се обврзале на почитување, незагрозување и унапредување на малцинските права. Сега, клучно е матичната држава Македонија да покаже грижа за сите нашинци од другата страна на границата, во соседството, иселениците, како и дијаспората, да ги обедини под своја закрила и да испрати јасна порака дека никогаш нема да се откаже од нив

Повод: Одлуката на Владата за отворање генерален конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион

Врската на еден народ со неговата татковина се гради така што постојано се води грижа за секој припадник на тој народ, без оглед дали се наоѓа во земјата, во дијаспората или, пак, е дел од малцинство во некоја друга земја.
Преседанот што Македонија како држава го направи пред три децении така што се откажа од грижата за малцинствата во соседните држави резултираше со отворен забрзан процес на асимилација на Македонците во соседството, без оглед што некои од овие земји се членки на Европската Унија и се обврзале на почитување, незагрозување и унапредување на малцинските права.
Но во практика не се случува тоа, туку македонското малцинство во соседството постојано е на удар на асимилаторски политики, на погазување на основните малцински права, а во некои од нив и на негирање на нивната етничка определба.
Сега, кога и Македонците во Македонија се најдоа под сличен напад од соседството преку негирање на македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, природен рефлекс е одбрана пред ваквите напади, без оглед каде да се случуваат и од која страна доаѓаат. Затоа е клучно државата Македонија да покаже грижа за сите Македонци, да ги обедини под своја закрила и да испрати јасна порака дека никогаш нема да се откаже од нив.

Конзулатот во Корча како мост за поврзување на македонското етничко ткиво

Во изминатите неколку години македонското малцинство во Албанија е на удар на асимилаторски политики од страна на одредени структури од Бугарија, кои ги условуваат Македонците да се пишат како Бугари во замена на добивање бугарски пасоши и друг вид помош. Така, на последниот попис во Албанија прекуноќ се појавија 7.000 Бугари, кои претходно ги немаше, но мистериозно исчезнаа исто толкав број Македонци. На ваквите мешетарења и мешања во внатрешните работи на една суверена држава официјална Тирана не реагираше поради стравот дека Бугарија може да стави вето на албанските евроинтеграции. На ова во прилог му одеше и инфериорната надворешна политика од страна на поранешната македонска влада, која не направи ништо да го заштити македонското малцинство во соседна Албанија.
Сега, охрабрувачки е тоа што државата зазема нов курс, кој значи подавање рака кон македонското малцинство во соседните држави, но и кон Македонците насекаде низ светот.
Имено, македонската влада, по предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, неодамна донесе одлука за отворање генерален конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион.
– Конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион, побрз и полесен пристап до конзуларни услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски, посилна грижа за интересите на нашите граѓани, брз, достапен и квалитетен сервис – ова се конкретни чекори, а не празни зборови – порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во виде порака на Фејсбук по објавувањето на владината одлука.
Владата, од своја страна, истакна дека Македонците во регионот мора полесно да ги остваруваат контактите со својата матична татковина и на тој начин да се градат поблиски релации.
– Граѓаните мора да имаат брз и ефикасен сервис и услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски. Владата продолжува со конкретни мерки и политики, кои имаат цел да ја потврдат вистинската грижа за подобрување на стандардот и враќање на довербата на граѓаните во институциите – соопштија од Владата.
Генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора и ќе работи во целосна координација со Амбасадата во Тирана. Неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка во поширокиот регион.

Грција и Бугарија стравуваат од македонска сплотеност

Несомнено одлуката за отворање генерален конзулат во Корча е за поздравување, но Македонија како држава треба да се заложи за отворање слични конзулати и во Грција и во Бугарија, имајќи го предвид фактот дека и таму има респектабилна бројка Македонци.
Градови како Лерин, Воден, Кукуш можат да бидат местата каде што ќе се отворат слични конзулати, како можност Македонците во Грција да остваруваат поблиски врски со сонародниците од другата страна на границата.
Слично нешто може да се направи и во соседна Бугарија, во Сандански, Благоевград или во некој друг бугарски град каде што има поголем број македонско население, но шансите за успех се речиси никакви, имајќи ги предвид забраните за отворање центар за изучување на македонскиот јазик во Грција, како и забраните за формирање македонски здруженија во Бугарија.
Актуелните грчки и бугарски политики, но и оние поранешните, не признаваат постоење на македонско малцинство, па веројатно и идејата за отворање каков било македонски конзулат во близината на пограничните подрачја и делови каде што има македонско население повеќе од извесно е дека ќе биде опструирана.
– Нема шанси да се случи такво нешто во Грција и во Бугарија, без оглед што овие две земји се членки на ЕУ, на Советот на Европа, и со самото тоа се обврзале да ги почитуваат сите малцински права. Но тие повикувајќи се на своите устави, всушност го погазуваат основното човеково право, некој отворено да ја изрази својата етничка припадност, да каже дека е Македонец. Со Преспанската спогодба, Грција сега креира слика дека Македонците во Грција не се исти со Македонците во Македонија, а Бугарија, пак, оди многу подалеку, дека и Македонците во Македонија се Бугари. Намерата е повеќе од јасна, да се оспори македонскиот идентитет и тие да имаат одврзани раце да продолжат со асимилацијата, како што впрочем и постојано прават. Добро е што Македонија почнува да се бори за македонското малцинство во соседството, Албанија и Гора на Косово мора да бидат тие пресвртни моменти, оти ако и таму го снема македонското малцинство, ќе ги снема и Македонците во Македонија – велат поранешни дипломати.
Според нив, останува македонското малцинство и во Грција и во Бугарија да продолжи да бара начини како да го манифестира македонскиот посебен идентитет, а Македонија како држава да бара сојузници во ЕУ што на некој начин ќе ги притискаат Грција и Бугарија да не ги задушуваат малцинските права.


Светскиот македонски конгрес (СМК) ја поздрави одлуката за отворање македонски генерален конзулат во Корча

Чекор на новата македонска доктрина на надворешен план

На македонскиот народ му е потребно историско помирување со соседните народи, а на државата Македонија договори за траен мир и добрососедство со соседните држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што подразбира: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи…