Неспорен факт е дека албанските власти сами дозволија да имаат бугарско малцинство на своја територија, но во првиот момент кога Албанија ќе почне да ги отвора преговарачките поглавја во процесот на интегрирање со ЕУ, официјална Софија многу прецизно и педантно ќе го отвори прашањето за правата на (новосоздаденото) бугарско малцинство во Албанија, ќе се постави условот за измена на албанскиот устав и внесување на Бугарите во конститутивниот акт, исто како што ѝ направи на Македонија, со услови надвор од сите меѓународноправни стандарди
Како Албанија допрва ќе се шокира од вистинските намери и вистинското лице на Бугарија
Резултатите од пописот во Албанија се најдобрата потврда дека основната интенција на актуелната бугарска политика е целосна асимилација на Македонците, најпрво во државите во регионот, за потоа целата операција да се заокружи во самата Македонија, откако ќе бидат внесени Бугарите во македонскиот устав, по што ќе се активираат сите бугарски државјанства издадени на македонски граѓани низ годините.
Клучниот проблем во целата ситуација е односот на актуелната албанска влада, која не мрдна со малиот прст да го заштити македонското малцинство, иако точно знаеше дека пред и за време на пописот во Албанија постојано беа присутни бугарски емисари што вршеа отворен поткуп меѓу Македонците во Мала Преспа да се пишат како Бугари.
Кристално јасно е дека официјална Тирана смислено кокетира со Софија со надеж дека токму Бугарија ќе биде меѓу главните лобисти Албанија што поскоро да стане дел од Европската Унија.
Албанија самата се донесе на тенок мраз
Ако во овој момент албанската влада на чело со Еди Рама држи предавања за некаков европски попис, во суштина Албанија одржа попис под сите можни стандарди на Евростат, особено кога станува збор за слободата на изразување на етничката припадност на малцинствата, но и неспречувањето странски влијанија со пари вештачки да се промени етничката слика во овој дел на Албанија, каде што отсекогаш живеело исклучиво македонско население.
Но, нејсе, неспорен факт е дека албанските власти сами дозволија да имаат бугарско малцинство на своја територија, без да ја научат лекцијата од Македонија.
Имено, во првиот момент кога Албанија ќе почне да ги отвора преговарачките поглавја, официјална Софија многу прецизно и педантно ќе го отвори прашањето за правата на бугарското малцинство, со јасно барање Бугарите да бидат внесени во албанскиот устав. Слаткоречивоста на бугарскиот претседател Радев кон Албанија е исклучиво во насока на задоволување на бугарските интереси, а во првиот момент кога ќе затреба, истата слаткоречивост ќе се претвори во отворена закана за албанскиот евроинтегративен пат. Токму таква закана Радев неодамна упати и кон Србија во врска со бугарското малцинство во таа земја.
Она што во овој момент можеби не го гледа албанската влада, тоа е дека самите се донесоа на тенок мраз, дозволувајќи класичен фалсификат на пописот, без да ги промислат последиците на подолг рок.
Познавачите на состојбите во Албанија коментираат дека официјална Тирана си дала автогол со тоа што дозволи странски лица да се мешаат и да го менаџираат пописот во делови од земјата.
Ако во овој момент албанската влада на чело со Еди Рама држи предавања за некаков европски попис, во суштина Албанија одржа попис под сите можни стандарди на Евростат, особено кога станува збор за слободата на изразување на етничката припадност на малцинствата, но и неспречувањето странски влијанија со пари вештачки да се промени етничката слика во овој дел на Албанија, каде што отсекогаш живеело исклучиво македонско население
– Неприфатливо е албанската влада да дозволи такво бугарско мешетарење за време на пописот. Можеби биле уценувани со некакво вето од страна на официјална Софија ако евентуално ги протераат бугарските емисари, па затоа оделе по линија на помал отпор. Но и без тоа, и да не е бугарското вето, тука е Грција да блокира, така што албанските евроинтеграции, исто како и нашите, се блокирани на подолг рок. Затоа е нејасно зошто Албанија дозволува Бугарија да го претопува македонското малцинство во нејзината држава, а истовремено се меша во македонските внатрешни работи, ги собира политичките лидери на Албанците од Македонија за да им кажува во која влада да влегуваат или да излегуваат. Тоа не е коректен однос меѓу две соседни земји – велат аналитичарите.
Албанија не го штити македонското малцинство, а бара заштита на албанското
Според нив, официјална Тирана не е ниту свесна во што се впушти дозволувајќи некоја трета земја да се меша во нејзиниот попис.
– Албанија си даде класичен автогол, и тоа во 90-та минута. Отсега натаму ќе го гледаат бугарскиот филм. Прво, Бугарија ќе ги продолжи асимилаторските политики во Албанија, сега ќе почне да отвора училишта во повеќе места, културни центри, ќе дели книги, учебници и секаков друг пропаганден материјал, ќе дава пари за да ги убеди и оние што не се попишале како Бугари да го сторат тоа. Кога ќе ја воспостави сета инфраструктура, тогаш ќе го отвори прашањето за поголеми права на Бугарите, па правото на политичко организирање, партии, места во албанското собрание, ќе бара внесување на Бугарите во Уставот, па ништо чудно да се оди и на некаква културна автономија. А дека ќе им ја промени и преговарачката рамка, тоа воопшто и да не се сомневаат. Бугарија никогаш не отстапува од максималистичките барања и истата судбина ќе ја снајде и Албанија во моментот кога напредувањето во евроинтеграциите ќе ѝ зависи од бугарскиот глас – велат познавачите на состојбите.
Тие тврдат дека со ваквиот потег Албанија самата си инсталирала детонатор што во секој момент може да експлодира.
– Албанците дозволија да им се појави ново малцинство, бугарско, но треба да бидат свесни дека нема да отворат преговарачко поглавје во блиска иднина. Грција ги блокираше, ЕУ со новиот состав и новиот развој на настаните не е заинтересирана во овој момент за проширување, така што Албанија самата дополнително си ја комплицира работата со новото бугарско малцинство. Наместо заедно со Македонија да градат мостови така што ќе ги унапредуваат малцинските права, таа реши да се ослободи од македонското малцинство и да го замени со бугарско. Многу брзо ќе почне да ги чувствува последиците, но ќе биде доцна – констатираат аналитичарите.
Инцидентот со знамето на Кораб, претходно на Попова Шапка, не е само обична провокација, туку јасна порака. Цела западна Македонија по линијата на таа административна граница од Втората светска војна е обележана со албански знамиња, а уште колку такви знамиња наоколу се поставени без воопшто да знаеме, навистина е нејасно. Затоа Албанија дозволува инсталирање на бугарско малцинство, да го има како аргумент утре за пазарење со Софија кому што ќе му припадне од Македонија, предупредуваат аналитичарите
Оската Тирана-Софија никогаш не престана да функционира
И додека секој здраворазумен човек бара каква било логика во одлуката на албанската влада да не реагира на отворената странска агитација за време на пописот и да дозволи создавање ново бугарско малцинство на сметка на македонското, доброупатени лица во геостратегиските прашања сметаат дека потегот на Тирана не е нималку наивен.
Според нив, оската Тирана-Софија не престанала да функционира, почнувајќи од времето на Втората светска војна.
– Пред извесно време кружеа некои нон пејпери во кои беше јасно ставено дека ќе има прекројување на границите на земјите од регионот, со што конечно би му се ставила точка на распадот на Југославија. Тоа не се неважни документи, туку се подготвени од некои центри. Овој процес е во тек, без оглед колку некој демантира и зборува дека такво нешто не е можно. Но да се осврнеме на фактите. Бугарија подолг период е во офанзива и врши целосна асимилација на македонското малцинство во Албанија, како и на Косово. Тоа е помогнато и премолчено поддржано од актуелните албански власти, кои инсталирањето на бугарско малцинство на своја територија го планираат за некакви други цели. Инаку, зошто би го дозволиле тоа? Потоа, барањето на Софија за промена на македонскиот устав не е заради оние 3.000 граѓани со бугарска самосвест, туку за оние 120 илјади државјанства што пред некој ден ги спомена бугарскиот претседател Радев. Тие уставни измени во Македонија се форсираат и од албанскиот фактор во земјава, како услов да има влада. Значи, сето ова е добро осмислено сценарио од Софија и Тирана, за потиснување на Македонците и нивна постепена асимилација – велат соговорниците.
Некои од нив одат дотаму што развиваат теорија дека постои албанско-бугарски договор за поделба на Македонија по истата линија од времето на фашистичката окупација на земјава за време на Втората светска војна.
– Инцидентот со знамето на Кораб, претходно на Попова Шапка, не е само обична провокација, туку јасна порака. Цела западна Македонија по линијата на таа административна граница од Втората светска војна е обележана со албански знамиња, а уште колку такви знамиња наоколу се поставени без воопшто да знаеме, навистина е нејасно. Затоа Албанија дозволува инсталирање на бугарско малцинство, да го има како аргумент утре за пазарење со Софија кому што ќе му припадне од Македонија. Тоа што сме во НАТО не значи ништо, и Бугарија и Албанија се членки, така што ако се промени состојбата, големите сили ниту ќе реагираат ниту ќе нѐ заштитат. Сите тие се силни само на зборови, но кога станува збор нешто да се преземе, ги нема никаде. За нив е важно Алијансата да го покрие и заштити регионот од други влијанија, а дали некоја граница се поместила поназапад или понаисток, не е важно. Затоа државата мора добро да отвори очи и да внимава, оти од она што се гледа на терен, сите показатели одат во насока на поделба на земјата, и тоа меѓу Албанија и Бугарија – предупредуваат соговорниците. С.Т.