Особено значајна пресвртница во зголемувањето на бројката на вклучени компании во дуалното образование настана кога комората ги насочи своите активности кон вмрежување на компаниите од различни сектори и дејности со средните училишта за реализација на учењето преку работа и кон формирање дуални паралелки во училиштата
Образование по мера на стопанството/бизнисот (3)
Системското уредување на дуалното образование започна во 2021 година со изработка на нов Закон за стручното образование преку работната група во која активно учество имаше и член од Стопанската комора како претставник на потребите на бизнис-заедницата. Иако имаше одредени несогласувања за улогата на Стопанската комора и бизнис-заедницата во процесот на стручното образование, сепак по нивните укажувања беа внесени предлози во новиот предлог-закон за стручно образование и обука.
Барањето за учество на бизнис-секторот во креирањето на уписната политика даде плод, па во учебната 2020/2021 година започна кампањата „Учи паметно, работи стручно“ во организација на Министерството за образование и наука и Стопанската комора, а со поддршка на проектот „Образование за вработување“, каде што преку социјален дијалог на локално и на регионално ниво, бизнис-секторот ги кажа своите реални потреби за вештини и квалификации, а образовните институции мораа да излезат во пресрет на нивните барања.
Особено значајна пресвртница во зголемување на бројката на вклучени компании во дуалното образование настана кога комората ги насочи своите активности кон вмрежување на компаниите од различни сектори и дејности со средните училишта за реализација на учењето преку работа и кон формирање дуални паралелки во училиштата. Учењето преку работа стана составен дел во образовните програми. Компаниите започнаа да земаат цели паралелки со ученици за реализација на практичната обука за да можат веднаш да ги вработат и од 11 компании, во учебната 2021/2022 година порасна на 211 компании, во учебна 2022/2023 година достигна околу 500 компании, во учебна 2023/2024 година достигна околу 560 компании, а во учебна 2024/2025 година достигна 600 компании.
Значаен сегмент во целиот процес беше и разбивањето на стигмата дека стручното образование е само за послабите ученици, демистификацијата на негативниот став за практична обука кај работодавец и подигањето на свеста на атрактивноста на стручното образование. За таа цел, во 2022 година се организираше „Дигиталниот саем за промоција за стручното образование“ за учениците од деветтите одделенија за да им се помогне во запишувањето во средните училишта. Паралелно работевме и на настани за промоција на секторите што беа помалку атрактивни за уписи на завршените ученици со посета на деветтоодделенците во основните училишта на кои обраќања имаа директори на познати компании што завршиле стручно образование и станале успешни во својата дејност, кои им говореа за технолошките и иновативни процеси во нивните компании, кои сѐ помалку бараа кадар за мануелна работа. За промоција на стручното образование беше изработен и порталот „Пракса“.
Ако се вратиме наназад, во текот на целиот процес на воведување на дуалниот модел на образование и на усогласување на понудата на квалификации што произлегува од образовните институции и побарувачката на релевантни квалификации и вештини за потребите на реалниот сектор, како комора вложивме големи напори прво, во воспоставување соработка и дијалог со образовните институции, Министерството за образование и наука (МОН) и Центарот за развој на стручното образование (ЦРСОO), а потоа во препознавањето на улогата на бизнис-заедницата во креирањето на образовната политика, особено во делот на стручното образование. Требаше да помине долго време за образовните институции да разберат дека стручното образование треба да биде флексибилно, пазарно ориентирано и водено од коморите и бизнис-заедницата. Од друга страна преку разни настани, конференции, тркалезни маси, отворени дебати и практични примери работевме и со компаниите за да ја разберат својата улога дека и тие се дел од стручното образование и мора да ги отворат вратите за практична обука на ученици во нивните простории и за креирање системски документи. Како резултат на заедничката работа на образовните институции, комората и на бизнис-заедницата се изработени над 350 стандарди на занимања, над 135 квалификации и 85 образовни програми и програмски документи, а особено главен мотив ни е поддршка на компаниите за реализацијата на практичната обука на учениците на реално работно место.

Но и ние како комора не очекуваме само државата да вложува во образованието и нашите активности се насочени кон финансиска поддршка на стручното образование и обука. Комората и Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, преку Германската банка за инвестиции (КФВ), обезбедија финансиски средства за модернизација со машини и опрема во висина од 150.000 до 600.000 евра на конзорциуми составени од училишта/факултети и компании за реализација на дуалниот модел на образование. На првиот повик се обезбедени 3,4 милиони евра за осум конзорциуми (седум стручни училишта и еден факултет, кои имаат потпишано договор со 29 компании), на вториот повик се обезбедени 2,72 милиони евра за шест конзорциуми од нашата земја (37 компании со четири стручни училишта и две високообразовни институции), а на третиот повик се обезбедени 951.905 евра за два конзорциума (17 компании со едно стручно училиште и една високообразовна институција).
Комората е сериозен партнер во процесот на образованието, партнер што знае да се носи со сите предизвици на новото време, а успешната и ефикасна координација на плановите, приоритетите и активностите е клучот да создадеме квалитетно образование приспособено на технолошкиот развој и градење стручен кадар со соодветни вештини и знаења, што ќе биде препознаен на пазарот на трудот и ќе може брзо и лесно да се вклучи во современите економски текови.
Затоа, ланската учебна 2024/2025 година, дуалниот модел на образование се реализира во 62 средни стручни училишта во 250 дуални паралелки, а образовни програми по дуалниот модел реализираат 4.000 ученици. Според последниот уписен рок за учебната 2025/2026 година, процентот на ученици запишани во стручното образование достигна на 71,8 отсто. Наедно и системски се уреди со донесувањето на новиот Закон за стручно образование и обука (Сл. весник бр. 3 од 3.1.2025), со што стана формален дел од стручното образование и обука во Македонија.
Останува да се работи на подигање на квалитетот на учењето преку работа во компании, но и на зголемување на процентот што се издвојува од буџетот на Македонија за образованието, особено за стручното образование, затоа што преку вложување и подготовка на сопствениот кадар ќе дојде до намалување на расчекорот во понудата и побарувачката на квалификуван кадар со адекватни стручни вештини.
(Крај)
Автор: Ѓорѓи Илиевски
Авторот е виш просветенинспектор во пензија