Од искуството во актуелната ситуација при справувањето со пожарите, директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, согледува дека се потребни целосна трансформација на системот за управување со кризи и битно скратување на синџирот на комуникација и координација при пожари, односно централизирано координирање со системот
Кризата со шумските пожари наметна неопходност од рапидна трансформација на системот за управување со кризи
Предизвиците од повеќедневната битка со пожарите низ Македонија укажуваат дека е потребно да се размисли за целосна трансформација на системот за управување со кризи и за формирање тело за централизирана комуникација помеѓу општините, со што би се подобрила координацијата при соработката во справувањето со огнената стихија. Ова го истакна директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, прецизно констатирајќи ги слабостите во системот што ја забавуваат првичната реакција при итни ситуации, откако постојано е присутен на теренот за време на тековната кризна состојба во која моментно се активни десетина пожари.
– Предизвиците со кои се соочуваме секогаш при кризни ситуации, пожари, поплави, големи снегови… ни укажуваат дека можеби треба сериозно и конструктивно да се размисли за целосна трансформација на системот за управување со кризи – нагласи Ангелов.
Бидејќи сѐ уште сме во екот на летото и се очекуваат високи температури над 30 Целзиусови степени, опасноста од пожарите и понатаму е присутна, како во државата така и во регионот.
Стојанче Ангелов: Неопходно е скратување на синџирот за комуникација и координација при пожари
Од искуството во актуелната ситуација при справувањето со пожарите, директорот на ЦУК, Ангелов, согледува дека е потребно акутно скратување на синџирот на комуникација и координација при пожари, односно централизирано координирање со системот.
– Пожарите, со кои сега се соочуваме и се справуваме, се само еден сегмент од итните ситуации во кои треба да дејствува Центарот за управување со кризи. И од порано, но и од повторното соочување со актуелната ситуација со пожарите, се наметнува потребата од скратување на синџирот на комуникација и командување при кризни ситуации. Односно, сите искуства од теренот ни укажуваат дека е потребна барем централизирана координација на активностите – конкретно за гаснење на пожарите – вели Ангелов.
Противпожарните служби се во надлежност на општините во рамките на локалната самоуправа, што, според директорот на ЦУК, носи дополнителна административна комуникација, особено кога е потребно ангажирање помош меѓу соседните општини.
– Според сегашната организација, противпожарните служби се во рамките на локалната самоуправа, во надлежност на општините, односно под команда на градоначалниците. Значи, доколку има пожар во една општина, треба да биде известен градоначалникот, па тој да даде налог за дејствување на пожарникарите. Ако се покаже дека бројноста на пожарникарите од таа општина не е доволен да се справи со пожарот, треба да се побара помош од соседните општини, со повторување на целата процедура во административната комуникација – го изложува за „Нова Македонија“ својот предлог Ангелов.
Тој смета дека постоењето на едно тело за централизирана координација би овозможило добивање време при справување со пожарите.
– Кога би имало едно тело за централизирана координација, кое ќе биде првично известено и ќе ги преземе организациско-командните активности со сите противпожарни служби на општините, би се добило скапоцено време при справувањето со стихиите. Порано противпожарната служба беше во рамките на МВР, но сега е под локалната самоуправа. Еве, и нека останат формациски овие служби како дел од општините, но многу поефикасно би се дејствувало кога би биле координирани од еден центар, едно централизирано координативно тело – посочува Ангелов.
Во основа, кризата со шумските пожари наметна неопходност од рапидна трансформација на системот за управување со кризи. Пожарите и управувањето со актуелните кризи со шумските пожари треба да поттикнат проекција за еден севкупен и ефикасен приод кон управувањето со кризи од ваков и од сличен карактер, што, според познавачите, се нарекува „интегриран систем на рапидна реакција“, кој во себе вклучува различни ресурси (човечки, материјални, инфраструктурни, опрема итн.), при што во една извежбана стандардна оперативна процедура (СОП) на функционирање ефектите би биле значително повисоки.
Во основа, кризата со шумските пожари наметна неопходност од рапидна трансформација на системот за управување со кризи. Пожарите и управувањето со актуелните кризи со шумските пожари треба да поттикнат проекција за еден севкупен и ефикасен приод кон управувањето со кризи од ваков и сличен карактер, што, според познавачите, се нарекува „интегриран систем на рапидна реакција“, кој во себе вклучува различни ресурси (човечки, материјални, инфраструктурни, опрема итн.), при што во една извежбана стандардна оперативна процедура (СОП) на функционирање ефектите би биле значително повисоки
Претседателката Силјановска-Давкова со идеја за заедничко дејствување
на регионот
Во борбата со огнената стихија во Македонија активно се вклучени сите противпожарни капацитети и тела за справување со вакви ситуации, 300 припадници на армијата, граѓани…, формиран е и регионален кризен штаб за пожарите со седиште во Кавадарци, со кој координира градоначалникот Митко Јанчев, во кој учествуваат и градоначалниците на општините Росоман, Неготино, Радовиш, Штип, Велес, Прилеп и Чашка, како и командирите на противпожарните единици од тие општини… Но, исто така, голема улога во справувањето со стихијата имаше и помошта од земјите во регионот, кои без задршка одговорија на повикот за помош упатен од страна на македонските власти. На првиот повик, помош стигна од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, но и од Турција и од Романија… Ваквите ситуации не дозволуваат да се заборави секоја помош, како и дека пред две-три години при гаснењето на пожарите во Делчевско, помош упати и Австрија, чии пожарникари активно се вклучија рамо до рамо со македонските колеги. Таквата солидарност ја инспирира и претседателката Гордана Силјановска-Давкова за идејата за регионален пристап за гаснење пожари.
– Можеби, кога ќе престанат огновите и пожарите, веднаш да седнеме, да не го чекаме следното лето и да го препрочитаме Законот за управување со кризи. Да ја преиспитаме организацијата внатре, да видиме каде се слабите точки. Да видиме зошто секогаш е потребна армијата. Можеби да промовираме некој регионален пристап за гаснење пожари. Јас, еве, изразувам јавно благодарност до сите држави соседи – изјави претседателката Гордана Силјановска-Давкова при посетата на припадниците на армијата на теренот каде што се справуваа со пожарите.
Со начинот на кој надлежните институции се справуваат со пожарите, и покрај техничките ограничувања, создадено е извесно зголемување на довербата во јавноста, но системот за справување со кризи треба секогаш да се одржува, да се унапредува и колку што е можно пофункционално да се организира, а треба да се истражат и можностите за регионална соработка.