Два хеликоптера дејствуваа на опожарените подрачја северно од Охрид, црпејќи вода од езерото за да ги гаснат пожарите над селата Косел и Опеница.
Со хеликоптери и со три авиони „ер трактор“ се дејствуваше од воздух и завчера, во текот на целиот ден
Вкупно 29 пожари на отворен простор биле регистрирани во текот на завчерашниот ден, од кои 21 се изгаснати, три се ставени под контрола, а активни се пет, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари во повеќе региони
Во општините Македонски Брод, Демир Хисар, Гевгелија, во месноста Темна Бука во Студеничани и Пробиштип се забележани активни пожари, а под контрола се ставени пожарите во Охрид: Косел-Расино-Опеница-Вапила во општината Богданци, кај месноста Погана кон ветерниот парк Богданци, и во општината Пласница, кај селото Латово. Изгаснати се огнените стихии кај селото Подареш во општината Радовиш и кај селото Пресека во општината Кочани. Два пожара се изгаснати на територијата на општината Босилово, кај селото Иловица и кај селото Моноспитово, во општината Свети Николе, кај Патетино, како и во општината Македонска Каменица, кај селото Дулица.
Во скопскиот регион се изгаснати пожари во селата Студеничани, Раштак и Булачани. Изгаснат е и пожарот во општината Битола, кај „Кромберг и Шуберт“ и кај селото Лопатица, во општината Прилеп, кај Селце и кај метеоролошката станица. Три пожари се изгаснати на територијата на општината Липково, кај селата Слупчане, Отља и Матејче, во општината Кичево, кај „Комуналец“ – Кичево, во општината Гостивар, кај автопатот Гостивар-Тетово, во општината Чешиново-Облешево, кај селото Теранци, и во општината Куманово, кај селата Четирце и Љубодраг.
Два хеликоптера ги гаснеа пожарите над Косел и Опеница
Два хеликоптера дејствуваа на опожарените подрачја северно од Охрид, црпејќи вода од езерото за да ги гаснат пожарите над селата Косел и Опеница. Со хеликоптери и со три авиони „ер трактор“ се дејствуваше од воздух и завчера, во текот на целиот ден.
Истовремено, на терен се распоредени и екипи на територијалната противпожарна единица, на општинските јавни претпријатија, на подружницата на ЈП „Македонски шуми“, како и месното население, во обид да се контролираат пожарите.
Со помош на механизација е направен појас околу најкритичните места, за да се спречи ширење на пламенот од сртовите што се покриени со нискостеблести растенија кон боровата шума, која доколку биде опожарена, мошне тешко се гаси. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, очекуваше да биде изгаснат пожарот над селото Косел.
– Состојбата со пожарот во Охридско е добра благодарение на интензивните активности за гаснење од земја и воздух, кои продолжуваат. Денеска треба да завршиме или целосно да го ставиме под контрола – истакна вчера Пецаков.
Завчера било дејствувано и на потегот кај Илинска Планина, како и на четири точки на потегот над селата Косел-Расино-Опеница-Вапила, според последните информации од ЦУК.
Се собира помош за погодените од пожарите преку хуманитарен пункт во Скопје
Во Скопје беше предвидено отворање хуманитарен пункт каде што ќе се собира материјална помош за оние што се погодени од пожарите во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во триесетина села на околу 400 домаќинства. Пунктот ќе биде до „Ист гејт мол“, во близината на комуналното претпријатие.
Предвидено е хуманитарната акција да трае неколку дена, за подобрување на животот на оние чии домови се опожарени во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донираат и врати и прозорци, што е планирано за втората фаза од акцијата. Акцијата е во координација на коалицијата предводена од „Хуманитарни акции.мк“, Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и Интернационалната полициска организација (ИПО).
Организаторите истакнаа дека се водела голема фејсбук-кампања за отворање на хуманитарниот пункт, во чии рамки веќе собрале лекови. Тие изразија и надеж дека за неколку дена ќе се координираат со возила за да ги однесат собраните средства до семејствата. Организаторите на хуманитарната акција упатија и апел до граѓаните да дојдат своите донации, кои потоа ќе им бидат однесени на оние на кои им се потребни. Н.М.
Несекојдневен пример за хуманоста и пожртвуваноста на противпожарните единици
Пожарникари доброволци од Кочани спасиле орел од загрозен вид
Пожарникари доброволци од Кочани спасиле повредена и дезориентирана птица од загрозениот вид источноевропски царски орел. Четворица пожарникари од Доброволното противпожарно друштво од Кочани интервенирале по добиена пријава од граѓани, кои забележале оти птицата извесно време стоела на покрив од викендичка на Пониква. Повредениот орел бил однесен на ветеринар во Кочани, каде што примил соодветна терапија, а потоа било предвидено да биде пренесен во Зоолошката градина во Скопје, за да биде згрижен до целосното закрепнување и враќање во природата.
Пожар во околината на селото Зеленград, кој изминатите денови се прошири на планинските падини, го зафатил и заштитениот предел Осоговски Планини, кои се живеалиште на царскиот орел.