Дрскиот настап на грчкиот европратеник деновиве во Европскиот парламент (ЕП) во кој ја негираше посебноста на македонскиот јазик е недвосмислено на иста линија со испадите што ги правеа бугарските европратеници кога од говорницата на ЕП тврдеа дека нема Македонци, дека нема македонски јазик и дека македонската историја е всушност бугарска. (!?) Но човек не треба да е којзнае колку остроумен, па да забележи дека позицијата кон Македонија е апсолутно суштински еднаква на Софија и Атина. Грција вешто се затскрива зад бугарската блокада, под маската на „конструктивен партнер“, иако таа беше првата што вклучи „билатерални прашања во процесот на проширување на ЕУ“! Сега грчкиот премиер Мицотакис, кога веќе Грција си ја заврши работата во однос на Македонија, сака да се амнестира тврдејќи дека „Атина се противи на билатерализација на пристапните процеси“?!
Се сомнева ли некој дека Грција и Бугарија заеднички удираат врз македонскиот идентитет?
Предупредувањата на најголемиот дел од македонската интелектуална и експертска фела дека со прифаќањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција, државата се става во подредена улога кон соседите се покажаа како целосно оправдани, а операцијата за бришење на македонскиот идентитет од овие простори продолжува со несмалено темпо, непречено со „легализирана“ меѓународноправна форма и содржина преку Преспанската спогодба.
Имено, откако Грција со Преспанската спогодба издејствува промена на уставното име Република Македонија, широко се отвори портата за идентитетско преобликување на македонскиот народ во согласност со новото име на државата со географска одредница. Грција си го обезбеди и ексклузивитетот на името Македонија, а ја присвои и македонската античка историја, со што во своја полза заокружи еден временски интервал.
Потоа настапи Бугарија, која ги оспори македонскиот народ, неговиот јазик, историја и култура и на тој начин продолжи таму каде што Грција застана во бришењето на целиот историски контекст на постоењето на македонскиот народ.
Бугарската блокада на македонските евроинтеграции е токму со таква намера, да се ремоделира македонскиот идентитет во целост и тој да се прикаже како новоформиран некаде по 1944 година, а целосно заокружен од 2018 година како „северномакедонски“.
Во целата оваа операција Бугарија и Грција се добро координирани и работат заеднички, а дека е тоа така потврда е неодамнешната изјава на грчкиот европратеник Емануил Кефалојанис, кој во обраќање во Европскиот парламент изјави дека македонскиот јазик е всушност бугарски.
– Гледам дека кога зборуваат моите бугарски колеги, вие ставате слушалки. Ајде да направиме експеримент. Зборувајте на вашиот јазик, да видиме дали нашите бугарски колеги ќе стават слушалки за да го слушнат преводот на тоа што имате да го кажете. Дури и многу официјални претставници на вашата земја и министри прифатија дека вашиот јазик е 90 отсто сличен на бугарскиот – рекол Кефалојанис.
Ваквиот дрзок и безобразен настап на грчкиот европратеник во кој ја негираше посебноста на македонскиот јазик е на иста линија со испадите што ги правеа бугарските европратеници кога од говорницата на Европскиот парламент тврдеа дека нема Македонци, дека нема македонски јазик и дека македонската историја е всушност бугарска.
Истата позиција ја застапува и Грција, но вешто се затскрива зад бугарската блокада само за да изигрува конструктивен партнер, иако таа беше првата што вклучи билатерални прашања во процесот на проширување на ЕУ, за сега грчкиот премиер Мицотакис да се правда дека официјална Атина се противела на билатерализација на пристапните процеси.
Повеќе од очигледно е дека грчко-бугарското лицемерство ги надминува сите граници на пристојност, а само оние што свесно не сакаат да видат, не ја гледаат оската воспоставена на релацијата Атина-Софија, која работи на целосно разбивање на македонството.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов нема никакви дилеми дека сојузништвото на релацијата Атина-Софија функционира беспрекорно.
– Бугарија и Грција цело време се координираат, тоа трае уште од Преспанскиот договор. Тогаш Бугарија беше малку љубоморна на она што Македонија го направи со Грција, но брзо се снајдоа и почнаа повторно заеднички да дејствуваат. Еве, и овие последни изјави на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се на таа линија, тој постојано е незадоволен од тоа како Македонија ги исполнува обврските од Преспанскиот договор, без оглед што Грците ништо не спроведуваат од тој договор. Тоа е таа генерална политика што Грција и Бугарија ја спроведуваат кон Македонија уште од 19 век. Тоа е целата таа опструкција, едноставно да не постои таква држава како Македонија, порано со поддршка на големите сили, денес со поддршка на Европската Унија. Сакаат Западен Балкан да влезе во Унијата, ама не сакаат да биде Македонија, да нема македонски јазик, историја, да биде само обична обезличена територија што полесно ќе се асимилира. Тие уште на Македонија гледаат како на провинција од времето на Отоманската Империја. Тука се корените на тоа источно прашање и Берлинскиот и Санстефанскиот договор, сето тоа е на таа линија, а Бугарија и Грција ги продолжуваат истите политики – вели Јањатов.
Според него, координираниот настап на Грција и Бугарија во однос на Македонија ќе продолжи и натаму.
– Да немаме дилема дека Атина и Софија ќе продолжат да испорачуваат барања што значат директен удар врз македонскиот идентитет. Грците се малку поумерени, подипломатски ги артикулираат своите позиции бидејќи со Преспанската спогодба го добија она што го сакаат, додека Бугарија е директна во негациите на идентитетот, јазикот и историјата бидејќи и таа сака да добие ист дел од колачот како што доби Грција. И во тоа нема да отстапи – констатира Јањатов.
Ставот и на другите соговорници во врска со координираните настапи на Грција и Бугарија во однос на Македонија е на иста линија со позициите што ги изнесе Јањатов.
– Тоа грчко-бугарско сојузништво е воспоставено врз принципот на врзани садови. Прво Грција притискаше, па кога успеа да го издејствува она што го посакуваше, почна да притиска Бугарија и затоа сега блокира. И никој да нема илузии, Бугарија ќе притиска докрај, додека не ги задоволи сите свои максималистички позиции. Не е само внесувањето на Бугарите во Уставот, туку официјална Софија ќе инсистира на исполнување на сите точки од декларацијата на бугарското Народно собрание. Сите тие постапки се дел од грчко-бугарското сценарио за бришење на македонскиот идентитет, за бришење на Македонија како држава и остварување на вековните аспирации на соседите од времето на 19 век. Едноставно, историјата ни се повторува – заклучуваат соговорниците.