Сто дваесет и три години од основањето на Македонското научно-литературно другарство (МНЛД) во Санкт Петербург
Соработникот и дописник на „Нова Македонија“ од Русија, Ванчо Стојановски, ги анализира активностите на македонските интелектуалци во Санкт Петербург и Москва, како и нивните цели и стремежи. Во својата анализа, тој јасно ги нагласува ширината и зрелоста на македонската интелигенција во емиграција, која знаела да ја артикулира својата македонска кауза преку културата, добротворноста и политиката. Иако нивното влијание било ограничено од надворешни фактори, нивното историско значење е огромно – тие се потврда дека македонската национална идеја имала институционална, интелектуална и политичка основа уште пред создавањето на современата македонска држава. Во европската дипломатија, „историското право“ било клучен аргумент. Ако Македонците немаат свои книги, меморандуми и научни трудови, тогаш нивниот случај ќе биде игнориран или претставен преку туѓи очи. Историјата и етнографијата не биле само академска работа – тие биле средство за национално освестување. Со читање книги за сопствената историја, Македонците добивале чувство на припадност и легитимитет. Токму во овој правец биле активностите на македонските интелектуалци во Русија, заклучува Стојановски
Македонската емиграција во царска Русија никогаш не била моќна и влијателна како што е примерот со Македонците во кнежеството Бугарија кон крајот на 19 век, но македонската интелигенција во Санкт Петербург и Москва има значителен удел во транзицијата од локален македонски облик на отпор кон модерна национална стратегија на застапување пред меѓународната сцена, особено пред моќните држави како што се Русија или Велика Британија. Во почетокот на 20 век, македонските интелектуалци што студираа или работеа во Санкт Петербург и Москва се посветија на македонската национална и патриотска дејност. Нивните активности се комбинација на личното чувство на должност кон татковината Македонија, солидарноста со македонскиот народ и на интелектуалната посветеност за македонска посебност од национален и политички аспект.
Ние не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци!
Македонското научно-литературно другарство (МНЛД), основано на 28 октомври 1902 година во Санкт Петербург, е еден од најзначајните обиди на македонската интелигенција во емиграција да создаде институционална рамка за афирмација на македонската националната посебност. Со 19 потписници, меѓу кои Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Дедов и д-р Гаврил Константинович, другарството се јавува како интелектуален и културен центар на македонската емиграција во Русија.
Другарството имаше цел да ги проучува историјата, јазикот, културата и фолклорот на македонскиот народ, создавајќи научна основа за негова национална афирмација. Иако формално се претставува како културно-научна организација, во суштина е политички проект – да се докаже посебноста на Македонците и нивното право на автономија или независност. Најпрво под покровителство на Свети Климент Охридски, а потоа на Свети Кирил и Методиј, другарството ја нагласува духовната и културна традиција на Македонија како дел од поширокото словенско наследство, но со сопствена историска димензија.
Членовите на МНЛД објавувале статии, брошури и повици, со кои ја афирмирале македонската национална идеја. Најпознат пример е нивното списание „Македонски глас“, кое ја артикулира и афирмира идејата за независна Македонија во најкритичниот период – Балканските војни и почетокот на Првата светска војна. Мотото на првиот број, со зборовите на Борис Сарафов – „Ние Македонците не сме ни Срби ни Бугари, туку просто Македонци“ – ја кристализира платформата на весникот – Македонија е самостоен национален субјект, а не дел од соседните народи.
Во воведот на првиот број на „Македонски глас“ може да се прочита: „Во моментов се решава македонското прашање и има многу докази дека неговото решение ќе биде конечно. Каква и да е судбината што ја снаоѓа долгострадалната земја: дали по пет века ропство ќе падне под власта на некоја сродна сила, дали ќе биде растргната на парчиња и поделена меѓу себе од сите балкански сојузници, или, конечно, дали ќе ја добие долгоочекуваната автономија и независност – целта на нејзините вековни аспирации – во едниот, другиот и третиот случај, прашањето ќе биде разјаснето и предадено на заборав, ако не засекогаш, тогаш за предолг период, во кој многу работи целосно ќе се променат. Затоа, сега е најпогодниот момент самите Македонци да вложат напори да ги остварат сите свои надежи и стремежи што ги негувале во текот на многуте години ропство и угнетување, а кои придонеле за зачувување на нивниот ’национален идентитет‘, нивната словенска посебност и интегритет“.
Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург е клучен момент во историјата на македонската национална мисла. Иако неговата активност е краткотрајна и институционално ограничена, неговото значење е огромно – тоа е меѓу првите организирани обиди на македонската интелигенција во емиграција да создаде научна, културна и политичка платформа за афирмација на македонската посебност. Со тоа, МНЛД останува симбол на интелектуалната борба за македонска национална самобитност и потврда дека македонската идеја имала свои корени и во европските интелектуални центри.
Културната работа е средство за постигнување политичка автономија или независност на македонскиот народ!
Во период помеѓу 1912-1914 година, македонските интелектуалци се обидуваат да создадат две друштва, славјано-македонско национално-просветно друштво „Св. Кирил и Методиј“ и друго руско-македонско добротворно друштво „Св. Кирил и Методиј“. Во руските архиви постојат неколку документи, кои се непознати за пошироката македонска јавност, како што е уставите на славјано-македонското национално-просветно друштво и на руско-македонското добротворно друштво.
Доколку внимателно се проследи уставот на славјано-македонското национално-просветно друштво „Св. Кирил и Методиј“, многу лесно може да се осознае дека станува збор за еден од најзначајните обиди на македонската интелигенција во Русија да создаде институционална рамка за културна, просветна и национална афирмација. Уставот на ова друштво е документ што ја отсликува зрелоста на македонската национална мисла во почетокот на 20 век, но и нејзината стратегија – преку културни и просветни активности да се изгради основата за македонското политичко самоопределување. Идеолошки гледано, друштвото ја поставува задачата за „духовна преродба“ на македонските Словени, што значи промовирање на македонската национална свест и македонската културна самобитност. Од уставот ја дознаваме и целта на друштвото, односно да не се залага само за културна еманципација, туку и за национално обединување на Македонците.
Споменатото е јасно определено во членот 1 од уставот каде што се вели: „Славјано-македонското национално-просветно друштво ’Св. Кирил и Методиј‘ има за цел да ја помага духовната преродба и обединувањето на Македонските Словени и нивното слободно национално-битово самоопределување. Напишаното е јасен политички сигнал дека културната работа е средство за постигнување на политичка автономија или независност на македонскиот народ и Македонија“.
Ако Македонците не ја пишуваат својата историја, другите ќе ја пишуваат наместо нив
Руско-македонското добротворно друштво „Св. Кирил и Методиј“ претставува уште една институционална форма на македонската емигрантска активност во Санкт Петербург, создадена во почетокот на 20 век. За разлика од револуционерните организации или чисто културно-просветните друштва, ова здружение има нагласено добротворна и социјална функција, но во суштина ја продолжува истата линија на национална афирмација и духовно поврзување со Русија.
Главната цел на друштвото е да се обезбеди материјална и морална помош за Македонците – и оние во Русија и оние во татковината, во време на „народни несреќи“ (глад, поплави, пустошења). Посебен акцент се става на поддршка на младите Македонци преку стипендии и образовни можности, што ја покажува свеста дека македонската национална еманципација мора да се темели на образовани кадри. Друштвото исто така ја нагласува и својата улога како посредник за „духовно општење со Русија“, што ја рефлектира тогашната стратегија на македонската интелигенција да ги придобие руската јавност и држава како покровител на македонската кауза.
Особено е интересен членот 3, во кој меѓу другото се вели дека друштвото има цел да „организира книгоиздателства, да отвора библиотеки и читалишта, во согласност со член 175 од статутот за цензурата и печатот том 14 од Зборникот на законите, да издава свој периодичен печатен орган, да организира конкурси за подобри научно-специјални дела за историјата и етнографијата на Македонските Словени и да им доделува на нивните автори премии и награди“.
Напишаното е потврда дека Македонците не сакаат да бидат предмет на туѓи историографии, туку субјекти на сопствена историја. Всушност ова е и одговор на балканските пропаганди – Бугарија, Србија и Грција инвестирале огромни средства во книги, училишта и печат за да ја претстават Македонија како „своја“. Македонските друштва во Русија разбрале дека мора да одговорат со исти средства – со култура и наука. На крајот, ова е и визија за иднината, односно создавање македонска интелигенција што ќе пишува, ќе истражува и ќе ја брани сопствената национална вистина. Со други зборови, да се пишува за македонската историја било прашање на опстанок. Ако Македонците не ја пишуваат својата историја, другите ќе ја пишуваат наместо нив и ќе ја претставуваат како бугарска или српска историја.
Автор: Ванчо Стојановски


































