Претседателите Доналд Трамп (лево) и Си Џинпинг во Бусан / Фото: ЕПА

По претседателската средба помеѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг во Јужна Кореја

  • Американскиот претседател Доналд Трамп ги поздрави „неверојатните“ трговски разговори со кинескиот колега Си Џинпинг, истакнувајќи дека „воопшто нема никаква пречка за ретките земни метали“. Кинескиот лидер Си Џинпинг не ги коментираше дискусиите, но истакна дека економските и трговските тимови од двете земји „постигнале основен консензус за решавање на нашите главни загрижености“ за време на неодамнешните разговори во Куала Лумпур, според кинеските државни медиуми

Американскиот претседател Доналд Трамп ги опиша клучните трговски разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг во Јужна Кореја како „неверојатни“, велејќи дека нивниот спор околу снабдувањето со ретки земни метали е решен и дека ќе ја посети Кина во април. Кинескиот лидер Си Џинпинг не ги коментираше дискусиите, но истакна дека економските и трговските тимови од двете земји „постигнале основен консензус за решавање на нашите главни загрижености“ за време на неодамнешните разговори во Куала Лумпур, според кинеските државни медиуми. Таквиот консензус обезбедил потребни услови“ за претседателската средба, како што претходно посочи Си Џинпинг, пренесуваат светските медиуми. Постигнатиот напредок на средбата укажува на ублажување на трговските тензии помеѓу двете најсилни светски економии.

Напредок постигнат врз основа на договорот од Куала Лумпур

Ретките земни метали се категорија на критични минерали клучни за одбранбената, автомобилската и електронската индустрија. Според кинеското министерство за трговија, договорот постигнат во Куала Лумпур вклучувал намалување од 10 отсто на таканаречената „тарифа за фентанил“ наметната на Трамп за кинеските стоки, заедно со реципрочни мерки од страна на Пекинг за суспендирање на контролата на извозот.
По средбата, двајцата се ракуваа и Трамп веднаш се качи на авионот „ер форс уан“ за да се врати во Вашингтон. Подоцна тој им рече на новинарите дека кинескиот лидер се согласил да работи „многу напорно“ за да го спречи производството на фентанил, чие користење како синтетичка опиоидна дрога доведе до раст на смртни случаи кај Американците. За возврат, Трамп рече дека ќе ги намали царините поврзани со фентанилот од 20 на 10 отсто, со што ќе ги намали вкупните царини од 57 на 47 отсто.
Трамп предложи нивните дискусии во јужнокорејскиот град Бусан да траат три или четири часа, но лидерите си заминаа по еден час и 40 минути, а Си Џинпинг се подготвуваше да присуствува на самитот на раководството на АПЕК, кој започнува денеска во блискиот Гјонгџу. Сепак, Трамп ја опиша успешноста на состанокот како „12-ка“ на скала од еден до 10.

Клучна спогодба за ретки земни елементи

Американскиот претседател рече дека Кина ќе ги укине своите ограничувања за извоз на ретки земни елементи и ќе купува американски зрна соја. Договорот за ретки земни елементи ќе трае една година и ќе се преговара годишно, со очекување дека ќе биде обновен, посочи Трамп. Кина ги купи своите први пратки американска соја за неколку месеци, објави „Ројтерс“ еден ден пред разговорите.
– Сите ретки земни елементи се решени. И тоа е за светот, низ целиот свет, може да се каже дека ова беше светска ситуација, а не само американска ситуација. Нема никаква пречка за ретките земни елементи. Се надеваме дека за кратко време тоа ќе исчезне од нашиот речник– порача Трамп.
Претседателот на САД рече дека двајцата лидери се согласиле да работат заедно на прашањата за Украина, додавајќи дека војната „се појавила многу силно“ како прашање.
– Разговаравме за тоа долго време и двајцата ќе работиме заедно за да видиме дали можеме да добиеме нешто – рече Трамп, признавајќи дека Кина купува многу руска нафта, но додаде дека темата всушност не била дискутирана.

Си Џинпинг: Кина и САД можат да работат заедно за да постигнат повеќе нешта за доброто на целиот свет

Споредувајќи ги односите меѓу САД и Кина со океански брод, Си Џинпинг рече дека земјите треба „да останат на вистинскиот курс“ и „да бидат партнери и пријатели“.
– Светот се соочува со многу тешки проблеми… Кина и САД можат заеднички да ја преземат нашата одговорност како големи земји и да работат заедно за да постигнат повеќе големи и конкретни нешта за доброто на нашите две земји и на целиот свет – истакна кинескиот претседател.
Додека тие и нивните делегации седеа еден спроти друг на преговарачката маса, Си Џинпинг истакна дека тој и Трамп не се сретнале неколку години, откако нивниот последен самит беше во 2019 година, но оти разговарале по телефон и размениле писма откако Трамп се вратил во Белата куќа.
Кинескиот лидер рече дека тој и Трамп „не секогаш се согласуваат“, додавајќи дека е „нормално двете најголеми економии во светот да имаат несогласувања одвреме-навреме“.
– Пред неколку дена нашите два економски и трговски тима постигнаа основен консензус за решавање на нашите главни загрижености и постигнаа охрабрувачки напредок. Подготвен сум да продолжам да соработувам со вас за да изградам солидна основа за Кина и САД – нагласи кинескиот претседател Си Џинпинг. Р.С.


Оптимизам во Бусан по неодамнешните размени на остра реторика

Оптимизмот во Бусан беше во остра спротивност со неодамнешните размени на остра реторика за трговијата, која се закани да ги постави САД и Кина на курс на економски судир, со потенцијално катастрофални последици за глобалната економија.
Трговската војна помеѓу САД и Кина повторно се разгоре месецов откако Пекинг предложи значително да ги прошири своите ограничувања за извоз на ретки минерали, витални компоненти во производството на сè, од паметни телефони до борбени авиони.
Како одговор, Трамп вети дека ќе возврати со дополнителни 100 отсто царини за кинескиот извоз и со други чекори, вклучувајќи и потенцијални ограничувања на извозот во Кина што е направен со американски софтвер.
Трамп неделава навести дека ќе ги намали американските тарифи за кинеските стоки во замена за обврска од страна на Пекинг да го запре протокот на состојки потребни за производство на фентанил.
Неколку минути пред средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, Трамп во објава на социјалните мрежи изјави дека му наредил на Пентагон да започне со тестирање нуклеарно оружје на ниво со Кина и Русија. Р.С.