Пораки на премиерот Мицкоски на меѓународниот собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“ по повод 80 години од Првото заседание на АСНОМ

Само силна демографија, економски силно развиена држава и одбрана на она што на маса е изгубено изминативе седум години може да нѐ однесе онаму каде што треба да бидеме и каде што како народ целиме да бидеме, кажа премиерот Христијан Мицкоски на вчерашното свечено отворање на меѓународниот собир „Антифашизмот помеѓу меморијата и заборавот“, по повод 80 години од Првото заседание на АСНОМ, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Премиерот во својот говор истакна дека собирот е за да се одбележи 80-годишниот јубилеј од Првото заседание на АСНОМ, „еден од најсветлите моменти во нашата понова историја, кога нашите предци донесоа важни одлуки што ни овозможија да се издигнеме како народ и како држава“.
– Оваа институција – АСНОМ, е неизбришливиот жиг на македонската борба, најсветиот доказ дека македонската нација е создадена со многу труд и со огромни жртви – подвлече Мицкоски, додавајќи дека денеска треба многу мудро да се носат одлуки, за да се може да се стигне онаму каде што се сака.
Поздравни говори пред присутните имаа и директорот на Институтот за национална историја – Скопје, Митко Панов, ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, Биљана Ангелова, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Живко Попов, директорката на Државниот архив, Наташа Котлар–Трајкова.
Директорот на Институтот за национална историја – Скопје, Панов, рече дека АСНОМ обврзува да го продолжиме заветот на илинденците и да не отстапиме од традициите и историското наследство, на што тие се повикувале градејќи ја државата.

Бидејќи, како што подвлече, Илинден не е само нашето македонско минато туку е нашата постисторија. Притоа, нагласи дека АСНОМ повикува да се респектираме помеѓу себе, за да бидеме респектирани од другите како држава, народ и нација.
– Бидејќи АСНОМ е и македонскиот влог во Денот на Европа. Илинден е македонскиот национален код. Да бидеш тоа што си, свој на своето – рече меѓу другото Панов.
Ректорката Ангелова истакна дека АСНОМ е темелот за институционален и севкупен развој на државата, во што спаѓа и најстариот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Попов, осврнувајќи се на патот за членство во Европската Унија, рече дека македонскиот народ станал пример за мирољубива коегзистенција со соседните земји. Но и покрај тоа, нагласи тој, „изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ“.
Материјалот за изложбата, како што појасни директорката на Државниот архив, Котлар-Трајкова, потекнува од фондот „АСНОМ“, заведен во Државниот архив под број 157, опфаќа 22 архивски кутии, од кои само еден нивен дел е објавен во седум книги, односно на околу 4.000 страници. Н.М.