Според резултатите што Државната изборна комисија ги објави на својата веб-страница, може да се констатира дека најмногу гласови на завчерашните претседателски избори освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, 362.682 (40,08 отсто), со двојна предност пред Стево Пендаровски од СДСМ, кој освои 180.306 (19,93 отсто)
Државната изборна комисија ги објави резултатите од првиот круг на претседателските избори 2024
Државната изборна комисија вчера ги објави првичните резултати од првиот круг на претседателските избори од обработени речиси 100 проценти од гласачките ливчиња. Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска, со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде што, како и во 2019 година, ќе се соочи со својот опонент Стево Пендаровски.
Според резултатите што Државната изборна комисија ги објави на својата веб-страница, може да се констатира дека најмногу гласови на завчерашните претседателски избори освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, 362.682 (40,08 отсто), со двојна предност пред Стево Пендаровски од СДСМ, кој освои 180.306 (19,93 отсто).
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт, со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димитриевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арбен Таравари од Вреди со 83.356 гласа (9,21 отсто). Следни се Билјана Ванковска од Левица, со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто), и Стевчо Јакимовски од ГРОМ, со 8.103 гласа (0,90 отсто).
Силјановска ја доби довербата на гласачите дури во 60 општини (види графика), Пендаровски во две, Бујар Османи од ДУИ во 16, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ се најдоа први на листата во по една општина.
Ова се првичните резултати што ги објави ДИК до затворањето на гласачките места, според кои од вкупно 1.814.317 запишани избирачи, гласале речиси 900 илјади граѓани. Ако се споредат резултатите од овие со претходните претседателски избори, може да се констатира дека за избор на седмиот претседател на државата овој пат гласале 48,46 проценти од гласачите или 7 отсто повеќе од изборите во 2019 година.
Од анализата на изборните резултати треба да се спомне дека на овие избори СДСМ како партија за првпат освои помалку од 200 илјади гласа. Досега најслаб резултат СДСМ имаше во првиот круг од претседателските избори во 2009 година, кога тогашниот кандидат на социјалдемократите Љубомир Фрчкоски освои 202.691 глас.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.