Илустрација: „Нова Македонија“

Светскиот ден на бегалците е меѓународен ден назначен од Обединетите нации во чест на бегалците низ светот. Секоја година се паѓа на 20 јуни и ги слави силата и храброста на луѓето што биле принудени да ја напуштат својата земја за да избегаат од конфликт или прогон. Во тој контекст, значајно место заземаат и нашите македонски бегалци и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија, кои се неразделна нишка на нашето национално ткиво, а сѐ уште распрснати низ целиот свет…

ГО ОДБЕЛЕЖУВАМЕ СВЕТСКИОТ ДЕН НА БЕГАЛЦИТЕ

Според Обединетите нации, Светскиот ден на бегалците ги акцентира правата, потребите и соништата на бегалците, помагајќи да се мобилизираат политичката волја и ресурсите за бегалците не само да преживеат туку и да напредуваат. Иако е важно да се заштитат и подобруваат животите на бегалците секој ден, меѓународните денови како Светскиот ден на бегалците помагаат да се фокусира глобалното внимание на маките на оние што бегаат од конфликти или прогонства. Многу активности што се одржуваат на Светскиот ден на бегалците создаваат можности за поддршка на бегалците, нагласуваат од ОН.

Светскиот ден на бегалците се одбележува со разни настани

Светскиот ден на бегалците секоја година се одбележува на 20 јуни и е посветен на бегалците низ светот. Светскиот ден на бегалците за првпат се одржа на глобално ниво на 20 јуни 2001 година, за да ја одбележи 50-годишнината од Конвенцијата од 1951 година за статусот на бегалците. Првично беше познат како Ден на африканските бегалци, пред Генералното собрание на Обединетите нации официјално да го одреди како меѓународен ден во декември 2000 година. Светскиот ден на бегалците секоја година се одбележува со различни настани во многу земји низ светот за поддршка на бегалците. Овие активности ги водат или ги вклучуваат самите бегалци, владини претставници, заедниците домаќини, компании, познати личности, училишни деца и пошироката јавност.
До крајот на 2023 година повеќе од 114 милиони луѓе беа присилно раселени на глобално ниво – рекорден број поттикнат од војната во Украина и другите конфликти низ светот. За милиони бегалци што се принудно раселени секоја година поради конфликти, насилство и прогонство, бегството е првиот чекор во долгиот и тежок пат кон наоѓањето безбедност.
Со рекорден број луѓе принудени да ги напуштат своите домови, меѓународната заедница мора да работи заедно за да им даде на бегалците поголема надеж и повеќе можности додека се далеку од своите домови. Најефективниот начин за поддршка на бегалците е со нивно вклучување во заедниците во кои нашле безбедност – тоа значи да се осигури дека можат да аплицираат за работа, да се запишат во училишта и да имаат пристап до услуги како домување и здравствена заштита. Вклучувањето го отвора патот за долгорочни решенија за бегалците и раселените лица, овозможувајќи им да напредуваат во нова земја или подготвувајќи ги за безбедно враќање во нивните матични земји.
Податоците велат дека во просек 42.500 луѓе дневно ги напуштаат своите домови за да побараат заштита во границите на нивната земја или други земји. Граѓанската војна во Сирија доведе до една од најлошите хуманитарни кризи во нашиот животен век. Во моментов повеќе од 11 милиони Сиријци се раселени. Тоа изнесува 45 отсто од сириското население. Податоците од Обединетите нации исто така посочуваат дека најголемиот бегалски камп во светот се наоѓа во Дадааб, Кенија, каде што живеат повеќе од 329.000 луѓе, како и дека од милионите бегалци низ светот, околу 51 отсто се на возраст под 18 години.

Да не ги заборавиме македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Грција

Со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948) биле евакуирани над 30.000 македонски деца, од кои во Југославија 11.000, Романија 5.000, Чехословачка 3.000, Полска 2.500, Унгарија 2.800, Бугарија 2.500 и во Источна Германија 1.120 деца. Во тие земји, за потребите на 10.000 македонски деца биле отворени македонски училишта и добивале пошироки знаења за македонската историја. Биле издавани и весници на македонски јазик. На костурски и лерински дијалект со кирилско писмо биле објавувани книги и романи. Како возрасни и образовани, повеќемина од нив се вратиле во македонската држава. Во Македонија, каде што децата бегалци се најмногубројни, функционира Здружението на децата бегалци, кое досега организирало повеќе Светски средби на децата бегалци. И покрај многубројната научна литература за оваа проблематика, и понатаму остануваат голем број прашања што треба да бидат предмет на истражување.

Потребно е дополнително истражување во однос на протерувањето на илјадниците македонски деца

Виктор Бивел (новинар, издавач, уредник и публицист од Австралија со македонско потекло) вели дека е потребно дополнително истражување во однос на протерувањето на илјадниците македонски деца. Врз основа на Законот 106841 од 1982 година, тие не можат да се вратат во Грција и да си ги обноват правата бидејќи во горенаведениот закон се истакнува „слободно да се вратат во Грција сите Грци по род, кои за време на Граѓанската војна од 1946-1949 година и поради неа избегаа во странство како политички бегалци, и покрај тоа што им е одземено грчкото државјанство“.
– Засегнатите Македонци нагласуваат дека изразот „сите Грци по род“ се користеше и продолжува да се користи за дискриминација на етничките Македонци. Додека на грчките деца им беше дозволено да се вратат, на многу од македонските деца не им беше дозволено- вели Виктор Бивел
Виктор Бивел исто така посочува дека е потребно истражување на илјадниците сирачиња што биле посвоени во 50-тите години на 20 век од страна на американски семејства.
– Потребни се дополнителни информации за тоа колку од нив биле од комунистички семејства, колку од нив биле македонски деца и дали некои од нив не биле вистински сираци, туку биле посвоени за да ги држат одвоени од родителите за кои се сметало дека немаат „здрави национални убедувања“, односно грчки идентитет – вели Виктор Бивел. Д.Ст.