Фото: ЕПА

ЕУ сака да ги истестира механизмите за заобиколување на ветото

  • Иако изјавата на првите луѓе на ЕУ се однесува на одблокирање на пакетот финансиска помош за Украина, сепак тоа е јасна порака и до оние што се сомневаат дека Унијата нема да може да го спроведе планот за „обратно проширување“ ако Брисел одлучи да го турка. Неофицијални извори соопштуваат дека во европските кругови веќе се исцртуваат планови како би се одвивало тоа, но будно се следи развојот на настаните во Украина, односно постигнувањето мировно решение, во кое речиси сигурно ќе доминира барањето за брзо членство на Украина во Унијата. Тоа несомнено би значело нов последен бран на проширување заедно со земјите од Западен Балкан, со што конечно би се заокружила европската приказна

Полемиката што деновиве интензивно се води во македонската јавност околу плановите на Европската Унија за можно брзо членство на Македонија во 2027 година, со ограничени права, повторно го исфрла на површина клучното прашање – дали Унијата може да најде решение како да избегне евентуално противење на ваквиот план од некоја земја членка.
Се покажа и во минатото дека кога има политичка волја меѓу водечките земји членки, тогаш ЕУ наоѓа креативни решенија да ги бајпасира пречките, односно ветата поставени од една или од друга страна.
Најсвеж пример дека за ЕУ нема да биде проблем да го протурка проектот за пакет-зачленување во Унијата на Украина, Молдавија и на земјите од Западен Балкан се најавите на европските челници дека ќе најдат решение како да ја избегнат унгарската блокада на финансиската помош за Украина.

Порака на ЕУ до Киев: Имаме алатки

Високи европски функционери неодамна изјавија дека ЕУ ќе го исполни своето ветување да ѝ го додели на Украина потребниот заем од 90 милијарди евра, и покрај тоа што Унгарија се обиде да го попречи напорот во последен момент.
Зборувајќи во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на одбележувањето на четиригодишнината од руската агресија врз Украина, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, инсистираа дека заемот наскоро ќе се реализира и дека ќе најдат начин да го направат тоа.
– Ќе го исполниме нашиот збор на еден или на друг начин. Да бидам јасна, имаме различни опции и ќе ги искористиме – изјави Фон дер Лајен.
Коста беше дециден дека и во самиот Договор на ЕУ постојат механизми што дозволуваат да се избегнат ветата поставени од земјите членки.
– Ја поканувам комисијата да ги искористи сите алатки што ги имаме во договорите за да го надминеме ова, за да избегнеме секој да може да ја уценува Европската Унија – рече Коста.
Иако изјавите формално се однесуваат на одблокирање на финансискиот пакет за Украина, тие во суштина претставуваат сигнал дека Брисел е подготвен да размислува креативно и кога станува збор за проширувањето.

Проширувањето како геополитичка одлука

Поранешниот вицепремиер и амбасадор Ивица Боцевски, во гостувањето на „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа, беше категоричен дека ако ЕУ донесе политичка одлука за вакво проширување, тогаш ќе најде начин да се реализира тоа без формално да се наруши принципот на едногласност.
– Сите проширувања беа резултат на политичка одлука. Ако ЕУ оди со овој план, ќе најде решение како да го реализира – смета Боцевски, додавајќи дека клучните одлуки во Унијата се носат во Париз и дека доколку Франција застане зад проектот, пречките ќе бидат минимизирани.
Според други аналитичари, суштината на дебатата е јасна: прашањето не е дали постојат правни механизми, туку дали постои политичка волја тие механизми да се активираат.
– Европската Унија и претходно покажала дека едногласноста не мора да значи парализа. Во договорите постојат инструменти како засилена соработка, конструктивна апстиненција или користење специфични правни основи што овозможуваат одредени одлуки да се донесат без класично вето. Пораките на Фон дер Лајен и на Коста не се само сигнал кон Будимпешта туку и индиректна најава дека Брисел ќе ги искористи сите расположливи механизми кога станува збор за стратешки прашања – велат познавачи на евроинтеграциските политики.
Тие потсетуваат дека историјата на проширувањето покажува оти секој бран бил пред сè геополитичка одлука, а потоа технички процес.
– Така беше со централноевропските држави по Студената војна, така беше и со Хрватска. Ако денес интеграцијата на Украина и Западен Балкан се перципира како прашање на безбедносната архитектура на континентот, тогаш ќе се бара модел што ќе ја зачува формалната едногласност, а во пракса ќе ја минимизира можноста за блокади. Во тој контекст, идејата за „членство со ограничени права“ или фазно членство не треба да се гледа како девалвација, туку како транзициски инструмент. Унијата веќе развива концепти на постепена интеграција – пристап до фондови, до единствениот пазар и до одредени политики пред полноправно учество во сите институционални механизми. Тоа може да биде компромис меѓу оние што бараат брзо геополитичко проширување и оние што стравуваат од институционална преоптовареност – посочуваат аналитичарите.
За нив, клучното прашање за Македонија не е дали ЕУ може да го „протурка“ планот, туку дали земјата ќе биде политички и институционално подготвена да го искористи таквиот момент.
– Доколку Франција и Германија го преземат лидерството, а Париз оцени дека проширувањето е дел од новата европска стратешка автономија, тогаш е малку веројатно една земја членка долгорочно да го блокира процесот. Сигналите од Брисел околу Украина треба да се читаат пошироко – тие се тест за нова фаза на европската интеграција, во која геополитиката ќе има примат над класичната процедура. Ако таа логика преовлада, тогаш и сценариото за 2027 година, со сите свои ограничувања, станува политички изводливо – заклучуваат аналитичарите.