Фото: ЕПА

САД и Украина ги доближуваат ставовите до заеднички мировен план

  • Регионот Донбас – чиј поголем дел во моментов е под контрола на војниците на руските сили, според новиот план, би бил претворен во демилитаризирана „слободна економска зона“

Вашингтон и Киев се приближија кон заеднички договорена формула за ставање крај на војната во Украина, во услови на континуирана неизвесност околу одговорот на Москва и голем број нерешени прашања. Најновиот нацрт на мировниот план договорен од американските и украинските преговарачи предвидува Киев да ги повлече своите војници од источните територии што ги бара Москва, според украинскиот претседател Володимир Зеленски, објавуваат светските медиуми.
На брифинг со медиумите во Киев, Зеленски рече дека ажурираниот план предвидува означување на источниот регион Донбас, чиј поголем дел во моментов е под контрола на руските сили, како демилитаризирана „слободна економска зона“ во која не се присутни ниту украински ниту руски сили.
– Ова е документ што се нарекува рамка – основен документ за завршување на војната, политички документ меѓу нас, Америка, Европа и Русите – рече Зеленски.
Деталите од предлогот му се испратени на рускиот претседател Владимир Путин од неговиот претставник Кирил Дмитриев, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва го формулира својот одговор и нема веднаш да коментира јавно. Рускиот претседател Путин во повеќе наврати истакна дека руските услови за мир се Украина да отстапи околу 5.000 квадратни километри од Донбас и дека Киев официјално треба да се откаже од својата намера да му се приклучи на воениот сојуз на НАТО. Р.С.


Зеленски бара средба со Трамп

Првичниот мировен предлог на администрацијата на американскиот претседател Трамп беше договорен од американскиот претставник Стив Виткоф и руски претставници претходно месецов. Тој документ од 28 точки, широко протолкуван како обликуван според барањата на Москва, е значително ревидиран и беше предмет на трилатерални разговори што се одржаа во Мајами минатиот викенд. Украинскиот претседател во меѓувреме бара нова средба со американскиот колега.
– Подготвени сме за состанок со Соединетите Американски Држави на ниво на лидери за да се разгледаат чувствителни прашања. Прашања како што се територијалните мора да се дискутираат на ниво на лидери – истакна украинскиот претседател Зеленски.
Трамп минатата недела рече дека мировниот договор е „поблиску од кога било“. Зеленски во средата им рече на новинарите дека доколку биде постигнат договор, веднаш ќе стапи во сила целосен прекин на огнот. Конечното одобрување на документот ќе бара негова ратификација од страна на украинскиот парламент, како и негово одобрување на национален референдум.


Двете опции за Украина:

Војна или одлука за „економски зони“

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во јавноста во неколку наврати рече дека „Украина е против повлекувањето“. Но сепак, во последната најнова пригода во комуникација со јавноста, украинскиот претседател ретерираше, при што истакна дека „постојат две опции: или војната да продолжи или ќе треба да се одлучи нешто во врска со сите потенцијални економски зони“.
Зеленски рече дека најновата верзија на планот (со ажурирање на предлогот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, што и Киев и Европската Унија првично го отфрлија) ги задржува предложените безбедносни гаранции од САД, НАТО и европските партнери, кои се еквивалентни на оние наведени во членот 5 од договорот на трансатлантскиот сојуз.
– Доколку Русија ја нападне Украина, покрај координираниот воен одговор, сите глобални санкции против Русија ќе бидат обновени – рече Зеленски, додавајќи дека гаранциите ќе се сметаат и за неважечки доколку Киев преземе каква било неиспровоцирана воена акција против Москва.
Украинскиот претседател истакна дека Вашингтон го отфрлил текстот од претходната верзија на планот во која се предлагаше САД да добијат надомест за безбедносните гаранции. Планот дополнително предлага Русија законски да усвои стратегија на неагресија кон Украина и Европа. Текстот, исто така, го прифаќа евентуалното пристапување на Киев во Европската Унија, го признава правото на земјата да бара репарации од Русија и го поддржува создавањето наменски инвестициски инструменти за финансирање на реконструкцијата на земјата.
Ревидираниот текст, исто така, повикува на заедничко управување со нуклеарната централа „Запорожје“ од страна на украинските, руските и американските власти. Киев не сака да дозволи Москва да управува со комплексот, кој беше место на жестоки борби, но е подготвен да соработува со администрацијата на Трамп за управување со инфраструктурата што Вашингтон ја смета за клучна за идните операции за рударство на минерали во земјата.
Зеленски рече дека блискиот град Енергодар, кој моментално е окупиран од Русија, би бил кандидат за демилитаризација ако САД инсистираат на назначување економски зони во рамките на Украина. Но, додаде тој, за потегот да биде легален, ќе треба да се одржи референдум за да се потврди таа одлука.
Планот, исто така, ги повикува Украина и Русија да воведат програми во своите образовни наставни програми што промовираат толеранција на различни култури. Од Киев дополнително се очекува да ги спроведе регулативите на ЕУ за заштита на малцинските религии и јазици.
Иако овие мерки веројатно ќе се судрат со тековните напори на Украина за „дерусификација“ на земјата и создавање ново чувство за националност, Зеленски рече дека усвојувањето на правилата е дел од пристапувањето кон ЕУ и ја предизвика Москва да донесе слични прописи. Р.С.