Foto Kristian Pohl , swedish office

Од 1 јануари 2023 година, Шведска го започна шестмесечното претседателство со Советот на ЕУ, во мошне чувствителен геополитички контекст, со сложени
безбедносни, економски и енергетски предизвици за Европската Унија. Гледано од македонски аспект, претседавачот со Советот на ЕУ е важен партнер и соработник во процесот на нашите евроинтеграции. Од неодамна, пак, Македонија го презеде претседателствувањето со ОБСЕ, што исто така е важна улога во меѓународни
рамки. Овие состојби и предизвици се повод за интервјуто во „Нова Македонија“ со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џаин, која нагласува дека шведското претседателство со ЕУ ќе соработува со македонското претседателство со ОБСЕ

Интервју со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џаин

Главниот геополитички европски и глобален предизвик што се пренесува во 2023 година, очигледно останува барањето решение за руско-украинскиот конфликт. Постојат ли реални основи за надеж дека овој оружен (воен) конфликт на европска почва ќе биде надминат во годината што доаѓа?
– Не би го окарактеризиралa она што се случува во Украина како руско-украински конфликт, бидејќи тоа може да се сфати дека двете страни ја носат одговорноста за оваа војна. А, всушност, тоа што се случува е незаконска, неприфатлива и неиспровоцирана инвазија врз демократски сосед, кој сака самиот да ја одредува својата иднина. Едниот е агресор, другиот го брани своето право на самоопределување и територијален интегритет. Со одбивањето да попушти пред руската агресија, Украина се бори и во наше име за светски поредок заснован на правила, во кој се почитуваат меѓународното право, демократијата и човековите права.
Дејствата на Русија, исто така, имаат реперкусии и врз безбедноста на храната и пристапот до енергија низ целиот свет, не само во однос на најранливите граѓани во земјите во развој. Поради тоа што Русија ја користи енергијата како оружје, граѓаните во европските земји, како што се и Северна Македонија и Шведска, исто така, плаќаат висока цена и се соочуваат со недостиг од енергија и зголемени животни трошоци.
Клучен приоритет за Шведска како претседавач со Советот е да ја продолжи работата во Европската Унија, политички, економски, воено и правно да ја поддржува Украина и да обезбедува хуманитарна помош. Сплотеноста против дејствата на Русија продолжува да биде од невидени размери, и по својата сила и по единството. Важно е да се задржи надежта дека Русија наскоро ќе сфати дека не може да ја победи Украина.

Какви се приоритетите на ЕУ за сопствената трансформација во 2023-та, процес што повеќе години се најавува како неопходен за подобра функционалност на Унијата?
– Има многу прашања на агендата на ЕУ, вклучувајќи и голем број прашања што произлегуваат од руската инвазија на Украина. Тие, можно е да продолжат и во 2023 година да доминираат на агендата на Унијата. Како претседавач, Шведска е подготвена да ја проследи работата на „Конференцијата за иднината на Европа“ и да се стреми да постигне широк консензус меѓу земјите-членки за тоа како да се продолжи понатаму во однос на предлозите што произлегуваат од оваа иницијатива. Доколку околностите дозволат, Претседателството ќе ги придвижува дискусиите за ефективни процеси на донесување одлуки.
Кои, според вас, се главните предизвици на кои треба да се посвети Македонија во 2023 година?
– Шведска има четири сеопфатни приоритети за Претседателството: безбедност и единство, конкурентност, зелена и енергетска транзиција, и демократски вредности и владеење на правото. Ова се клучни области за ЕУ, но и за Северна Македонија.
За Северна Македонија ќе бидат важни континуираните напори за придвижување напред на патот кон пристапување во ЕУ, вклучувајќи ги и уставните амандмани. Како претседавач, Шведска повторно ја истакна позицијата дека иднината на земјите од Западен Балкан и на нивните граѓани е во ЕУ.
Северна Македонија имаше импресивен почеток на процесот на скрининг што започна минатата година. Домашните реформски напори се клучни за продолжување на овој напредок, со вистинска посветеност на сите засегнати страни, како и со национална сопственост врз процесот, со отчетност, транспарентност и професионалност. Реформите во областа на судството и владеењето на правото се клучни за регионот како целина, вклучувајќи и за Северна Македонија. Реформите ќе овозможат придобивки за граѓаните, но не од денот на влегувањето на земјата во ЕУ, туку од денот на нивното спроведување. Затоа, овој трансформативен процес ќе бара напорна работа, но ќе донесе и рани придобивки за граѓаните. Ваквиот трансформативен процес од големи размери, каков што носи процесот на пристапување во ЕУ, бара широк национален консензус.

Вреди да се спомене дека институциите на ЕУ, заедно со земјите-членки на ЕУ, мобилизираат стотици државни службеници и експерти за поддршка на пристапниот пат на Северна Македонија, вклучувајќи и за време на процесот на скрининг. Значи, како што можете да видите, ЕУ исто така инвестира многу во овој процес, за да се осигури дека е кредибилен и ригорозен. Шведска, исто така, го поддржува пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и на билатерален план, преку огромната билатерална реформска програма за соработка во области како што се доброто владеење, родовата еднаквост, независното новинарство, економскиот развој и заштитата на животната средина.
Конечно, Северна Македонија ќе има многу важна улога како претседавач со ОБСЕ во 2023 година. ОБСЕ е клучна институција кога станува збор за ситуацијата во Украина, но и клучен актер во многу други конфликти. ОБСЕ под водство на Северна Македонија ќе работи на поддржување на основните принципи и вредности, ќе го стимулира дијалогот и ќе направи вистинска разлика за оние што се погодени на терен. Темата на Северна Македонија – „Се работи за луѓето“– е соодветно потсетување за тоа што, всушност, претставува меѓународната соработка. Мило ни е што оваа година ќе соработуваме со нашите македонски колеги во овие две наши улоги.