ЦУК: Забележани вкупно 37 пожари на отворено
Гореа борова шума во Македонски Брод, мешана шума во општината Пехчево, на територија на селото Негрево и нискостеблеста вегетација во општината Ресен, на Галичица, при што огнот се ширеше во правец на врвот Магаро кон Стење, од охридска страна, меѓу вкупно 37 пожари на отворен простор низ државава што беа регистрирани во текот на завчерашниот ден. Од нив, десет беа активни, шест беа ставени под контрола, а 21 изгаснат, според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Борова и букова шума гореа и во општината Кичево, меѓу селата Патеец и Козичино. Вториот пожар во општината Кичево е меѓу селата Челопеци и Бигор Доленци, а третиот кај Зајас и Горно Строгомиште – и во двата гореше мешана шума. Последниот во оваа општина е кај селото Туин, каде што гореше дабова шума. Во општината Пласница гореше нискостеблеста вегетација. Дабова шума е опожарена во општината Кочани, на територија на селото Пресека.
Од пожарите под контрола, едниот е кај ТЕЦ „Неготино“, опожарена е сува трева. Вториот е на територија на општините Демир Хисар и Охрид, каде што е опожарена ниска вегетација. Третиот е во општината Чашка, каде што е опожарена мешана шума. Две депонии биле запалени, на територија на општините Делчево и Липково. Последниот пожар под контрола е на градската депонија во општината Кочани, каде што гореле ѓубре, сува трева и нискостеблести растенија.
Екстремните горештини веќе нанесоа штета придонесувајќи за над 700 пожари низ земјава во јули, при што огнот зафати шуми и населени места. Н.М.