Фото: ЕПА

Германската партија во ПОДЕМ, АФД, сѐ погласна дека „ЕУ е неуспешен проект, со постојни внатрешни проблеми“: Какви импликации би можело да има тоа за Македонија?

  • Германската партија во подем уште од крајот на 2024 година во својата програма, наречена Манифест на АфД, истакна дека го отфрла проширувањето на ЕУ и оти се залага за значително намалување на моќта на ЕУ. Таа е против пристапување нови земји членки во ЕУ, вклучувајќи ги Украина и земјите од Западен Балкан, што значи и Македонија. АфД продолжува да тврди дека „ЕУ е неуспешен проект со постојни внатрешни проблеми“ и оти „приемот на нови земји членки би довел до натамошни компликации“ и би предизвикал „зголемување на барањата за субвенции од ЕУ и зголемени опасности од корупција“
  • Според нашите соговорници, професори и дипломати, импликациите за Македонија од растечкиот евроскептичен тренд, за кој се залага растечката АфД, треба да се разгледаат нијансирано, а не алармистички. Соговорниците сметаат дека постојат три нивоа на ефекти врз нас, и тоа: директни, индиректни и геостратегиски ефекти

Растечката популарност на концептуално суверенистичката Алтернатива за Германија (АфД) реактуализира едно прашање од клучно значење, кое е од најдиректен интерес за нашата држава: Која е постојната позиција на АфД во врска со натамошното проширување на Европската Унија? Оваа партија уште од крајот на 2024 година во својата програма, наречена Манифест на АфД, истакна дека го отфрла проширувањето на ЕУ и оти се залага за значително намалување на моќта на ЕУ. Таа е против пристапување нови земји членки во ЕУ, вклучувајќи ги Украина и земјите од Западен Балкан, односно и Македонија. АфД продолжува да тврди дека „ЕУ е неуспешен проект, со постојни внатрешни проблеми“ и оти „приемот на нови земји членки би довел до натамошни компликации“ и би предизвикал „зголемување на барањата за субвенции од ЕУ и зголемени опасности од корупција“. АфД претходно веќе изнесе барање Германија да одржи национален референдум пред да продолжи какво било понатамошно проширување на ЕУ, тврдејќи дека „јавноста треба да има директно право на глас за вакви значајни промени“.
Оваа германска партија редовно секоја година го ажурира, односно го надополнува, или го ревидира својот програмски Манифест околу одредени прашања, но позицијата и ставовите околу евроинтеграцијата остануваат исти, без никакви промени, заземајќи, би се рекло, дури и едно од централните места во нејзината програма. Што значи, АфД влезе и во оваа нова година со истиот несмалено силен евроскептицизам и со категоричното спротивставување на проширувањето на „европскиот клуб“ со нови членки. Ова е „тврд“ факт, кој Република Македонија ќе мора неизоставно да го зема предвид во својата евроинтеграциска политика и активност во месеците што следуваат.

Експертите хипотетички лоцираат три нивоа на импакт врз Македонија поради евроскептичните политики на АфД

Според нашите соговорници, професори и дипломати, импликациите за Македонија од растечкиот евроскептичен тренд за кој се залага растечката АфД треба да се разгледаат нијансирано, а не алармистички. Соговорниците сметаат дека постојат три нивоа на ефекти врз нас, и тоа: директни, индиректни и геостратегиски ефекти.
Имено, директните импликации врз Македонија се одразуваат со фактот што АфД експлицитно е против проширување на ЕУ, при што ја отфрла интеграцијата на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, што значи и конкретно и непосредно забавување или блокирање на проширувањето поради така формираната политичка волја на АфД. Така, ако АфД стане дел од владина коалиција или добие силно парламентарно влијание, тогаш Германија (како клучна држава во ЕУ) може да го ослаби германскиот поттик на Брисел во корист на проширувањето и да поддржи „замрзнување“ на процесот на интеграција. Тоа директно за Македонија би значело подолг пат кон членство и во едно такво лошо сценарио за Македонија – уште повеќе условувања и политички блокади.
Што се однесува до индиректните импликации врз Македонија поврзани со фактот што АфД експлицитно е против проширување на ЕУ, според соговорниците, се идентификува со можното поврзување и зајакнување на таквата евроскептична коалиција со евроскептични сили во други земји. Имено, АфД не е изолиран феномен, а слични партии има во Франција, Италија, Холандија, Австрија, Унгарија… Во случај АфД да стане силен фактор во матичната земја, тогаш со сигурност ќе се зајакне антипроширувачкиот блок во ЕУ, при што проширувањето на ЕУ може да се третира како „безбедносен ризик“, а не како стратешка инвестиција, а Македонија би влегла во групата „земји со отворена перспектива, но без јасен рок“.
Во врска со геополитичките импликации од стратегиските позиции на АфД за непроширување на ЕУ, контекстот е дека со АфД во Германија би следувал тренд на намалување на стратешкиот интерес за Балканот, бидејќи константа во политичката програма и залагање на оваа партија е залагањето за национален суверенитет. Таа има резерви кон заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и често покажува помек однос кон Русија. Токму тоа би можело да значи помал ангажман на Германија на Балканот, но во исто време би можело геостратешки да значи пополнување на овој вакуум од страна на САД или, пак, Турција или Кина.

Реален политички поглед

Според соговорниците со кои го анализиравме ова прашање, од оваа временска дистанца, сепак, импактот на АфД треба да се разгледува смирено, нијансирано, а не алармистички.
– АфД сè уште е далеку од целосна власт, а Германија има силен коалициски систем. Во една таква околност, другите партии јавно исклучуваат коалиција со АфД, а германските институции сѐ уште се силно проевропски. Дури и хипотетички АфД да победи на избори, таа тешко би владеела самостојно и не може еднострано да ја промени европската политика. Но, за Македонија, тука е и мечот со две сечила. Имено, сликовито тоа може да се опише и преку една реплика од филмот на Столе Попов „Среќна Нова ’49“: „Исток нѐ отпиша, а Запад не нѐ запишуе“, односно, парафразирано, европските либерални политики од Брисел наметнуваат нови и нови непринципиелни услови што се надвор од меѓународното право, а од друга страна надоаѓачките суверенистички политики од Германија (АфД) се спротивставуваат анблок и генерално на проширувањето на ЕУ со нови земји (вклучувајќи ја и Македонија), велат со доза на сатира нашите соговорници, кои сепак додаваат дека засега треба да се гледа реално.
– Проширувањето не зависи само од Германија и одлуките сѐ уште се носат со консензус во ЕУ, но земјите како Унгарија, Словачка, Полска Италија и скандинавските земји имаат сопствени позиции, а секако дека ЕУ има безбедносен интерес Балканот да не остане „сива зона“. Македонија ќе мора да ја диверзифицира надворешната политика и да гради подобри и подлабоки билатерални односи, не само да се потпира на Брисел. А диверзификација значи дека ако Германија стане понеутрална или резервирана кон проширувањето, Македонија треба да гради посилни билатерални односи, на пример со Италија и Шпанија (медитеранска стабилност), со Полска и Балтикот (геополитика и Русија) или на пример со Скандинавија (владеење на правото). Значи НЕ со ЕУ како целина, туку мрежа од држави со различни интереси – велат соговорниците.
Затоа, тие заклучуваат дека АфД не претставува непосредна закана, туку е сериозен симптом на промена во Европа. „Паметно позиционирање“ за Македонија денес значи да се остане јасно европска, но да не се биде под стрес поради еден политички субјект/партија што е во подем во една од водечките земји на ЕУ. П.Р.


АфД ги продлабочува врските со светските сили надвор од ЕУ

Колидерот на Алтернатива за Германија (АфД), Тино Чрупала, планира да ги прошири политичките и економските контакти на партијата во Кина по повеќедневната посета, објави во неделата „Берлинер цајтунг“.
Чрупала и пратеникот на партијата Енрико Комнинг минатата недела патуваа во Шангај, Пекинг и Хонгконг. Чрупала рече дека бил примен со почит на патувањето, според весникот, кој ја придружувал делегацијата. Чрупала подоцна изјави за германските медиуми дека дискусиите се фокусирале на кинеските инвестиции во Германија и стручното оспособување.
Партискиот лидер истакна дека добил јасни повратни информации од кинеските претставници дека политичарите мора да ја завршат својата домашна задача што е можно побрзо за да ја направат Германија попривлечна за странските инвеститори.
Според „Берлинер цајтунг“, Чрупала се сретнал со Ма Хуи, заменик-шеф на меѓународниот оддел на Централниот комитет на Кинеската комунистичка партија, како и со министерот за трговија на Хонгконг, Алгернон Јау, и со претставници на бизнисот од Германија.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи во Пекинг даде одговор кога беше прашана за конкретните партнери за дискусија на Чрупала и ставот на Кина за АфД. Таа рече дека Кина и Германија одржуваат сеопфатни и длабински размени во различни области, вклучувајќи политика, економија и култура, што вклучува размени меѓу законодавните тела и политичките партии.
По враќањето, Чрупала му се заблагодари на германското Министерство за надворешни работи за поддршката што ја обезбеди за патувањето. Како одговор на барањето за коментар, Министерството за надворешни работи соопшти дека германските дипломатски мисии во странство им помагаат на избраните пратеници во организирањето на официјалните патувања.
Претходните патувања на претставници на АфД во САД и Русија беа под лупа на јавноста. АфД, која е најголемата опозициска партија во Германија, вложи напори да ги зајакне своите односи со Републиканската партија во САД. Многу од нејзините членови се сметаат и за симпатизери на Русија. П.Р.