Фото: Маја Јаневска- Илиева

Завчера претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, престојуваше во посета на Тетово – а не се наведува која била конкретната причина за таа „официјална посета“ – и притоа оствари средба со градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Медиумите на албански јазик во Македонија и регионот објавија: „Средбата меѓу двајцата претставници на албанските институции се одржа во братска и пријателска атмосфера. Беа нагласени силните врски меѓу Албанците од сите краишта и посветеноста кон институционалната и националната соработка“

Повод: Средбата меѓу претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, и градоначалникот на Тетово, Билал Касами

Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца, деновиве престојуваше во посета на Тетово и притоа оствари средба со градоначалникот на Тетово, Билал Касами. Медиумите на албански јазик, од средбата посебно издвојуваат еден момент, кој, бездруго, произлегол од содржината на разговорите и изјавите на, како што се вели, „двајцата претставници на албанските институции“.
– Посетата на претседателот на парламентот на Косово доаѓа во пресрет на засилувањето на меѓуинституционалните контакти меѓу албанските лидери од С. Македонија и Косово, заради продлабочување на политичката, културната и економската соработка на регионално ниво – се вели во извештаите на медиумите.

„Меѓуинституционални контакти на албански лидери од две држави“?!

Политичките аналитичари со кои се консултиравме реторички се прашуваат за какви засилувања на „меѓуинституционалните контакти на албанските лидери“ од С. Македонија и Косово се работи?!
– Институциите на државниот систем никаде немаат ниту етнички предзнак, ниту пак носителите на функциите во државните и локалните институции, со своето чувство за етничка припадност не може да им дадат етнички карактер на институциите во државата! Таквите квалификации, во најмала рака се небулози, а посебно кога излегуваат во јавноста од страна на носителите на јавна власт – велат нашите соговорници.
Институциите, како што нагласуваат нашите соговорници, се во функција на граѓаните. Институциите се основани со Уставот и законите, и нивното етничко пребојување (етничка одредница што ја даваат гореспоменатите лидери) би придонела само за поделба на граѓаните, раздор по етничка и конфесионална линија. Ова директно е спротивставено на Уставот и законите во Македонија, па дури санкционирано во Кривичниот законик, како поведение.
Оваа фактичка состојба станува уште попроблематична со фактот што Билал Касами не е само највисок функционер во локалната самоуправа (градоначалник на Тетово) туку и лидер на партијата Беса, како членка на коалицијата Вреди учесник и конституент на Владата на Република Македонија. Експертите забележуваат дека ваквите импровизации за „засилување на меѓуинституционалните контакти и продлабочување на политичката, културната и економската соработка на регионално ниво, со етички предзнак само дополнително ќе ги искомплицира владините политики, а нејаснотии ќе фрли и на билатерално ниво на релацијата Македонија-Косово, бидејќи таквите поведенија не се секогаш одраз на планирани државни политики за развој на добрососедските односи, а и во регионот“.

Трансгранични меѓу партиски координации со елементи на државно-дезинтегрирачки амбиции?

На 19 мај 2025 година, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку објава на Фејсбук му ја честиташе победата на премиерот на Албанија, Еди Рама, на неодамнешните парламентарни избори во таа држава, одржани на 11 мај, со порака дека „братски го прегрнува“, оти ќе му го „чува грбот“ и дека ќе му го „отвора патот“ на кон евроиднината?!
– Еди, продолжи го патот кон интеграцијата, бидејќи му е потребна на регионот. Ме имаш мене зад тебе да ти го отворам патот и да ти го чувам грбот. Вие бевте покрај нас на секој чекор, дури и кога го направивме албанскиот како службен јазик, па и кога се согласивме за коридорот 8 од Скопско до Тирана, што го прифативте без никакво двоумење, исто така и кога ја отстранивме границата меѓу нас, потоа за унифицираната азбука, и за сè друго за заедничкото добро и во функција на европската иднина – напиша Ахмети на општествената мрежа.
Натаму, кај албанскиот премиер Рама на 21 мај годинава лично отиде и Арбен Таравари.
Токму поради ваквите настани, а особено изјавите на споменатите партиски лидери, за жал, во македонската јавност веќе почнаа да кружат претпоставки: дали можеби се подготвува некаква „тиранска платформа 3“ во координација на „најевропскиот премиер“ Рама, кој е, инаку, директен поддржувач на Али Ахмети и ДУИ?!
Овој „сеалбански паноптикум“ го завршуваме со потсетување на средбата на претседателката на Косово, Вјоса Османи, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 29 април 2025 година во Приштина. Од оваа средба произлезе грубо мешање на Вјоса Османи во внатрешните работи на РМ.
Албанците се конститутивен народ во С. Македонија (?!)… беше напишано на официјалната интернет-страница на косовската претседателка Османи по таа средба со првиот „интегративец“ Ахмети.
Во врска со сето ова, соговорниците само меко ни алармираат дека нема воопшто потреба од „засилување на силните врски и меѓуинституционалните врски меѓу Албанците од Македонија со сите други албански територии во Балканот“?
Соговорниците нагласуваат дека иако состојбите по овие прашања на Балканот воопшто, а и во Македонија се сѐ уште „супер политички сензитивни“, навистина помина времето на делби и сегрегации по етничите различности и агрегации по етничките и конфесионалните идентичности…
– Пред нас е предизвик за национална интеграција за остварување на планот на претстојните длабоки реформи внатре во државата и интеграциски процес за на надворешен план да се асоцираме во структурите на ЕУ, која ни останува секако, како стратегиска цел! – нагласуваат тие.

Р.Н.М.