Волонтерството има многу облици и опфаќа широк спектар на луѓе што го практикуваат: во образованието, првата помош, медицината, борбата со пожари и поплави, а многу луѓе волонтираат по ад хок потреба, при природни катастрофи. Во земјите со развиени демократии, волонтерскиот ангажман е многу важен фактор на сите нивоа од секојдневното живеење и на промовирањето позитивни промени. Таквиот филантропски ангажман е исклучително признаен, вреднуван и баран, а често е дел и од задолжителните препораки при редовните вработувања. Огромна е ползата што државите, општествата и поединците ја имаат од тоа. А како е кај нас?
Волонтерството како општествен, индивидуален и колективен феномен
Волонтерите на Црвениот крст, доброволните пожарникари, планинските спасители, застапниците на децата со попреченост, ековојниците… се само некои од многубројните групи активисти што со својот несебичен ангажман придонесуваат за подобрување на квалитетот на живеењето на луѓето, за амортизирање или надминување на кризните состојби во општеството, но и за константен општествен развој и подобрување.
Волонтери, волонтерство
Тоа е ангажман на луѓе што работат за доброто на другите, без мотив за каква било финансиска или материјална добивка. Волонтерството, општо земено, се смета за хумана активност, наменета за промовирање на моралот, доброто, етичкото. Волонтерството има многу форми и опфаќа широк спектар на луѓе што го практикуваат: во образованието, првата помош, медицината, пожарите и поплавите, а многу луѓе волонтираат по ад хок потреба, како што се природните катастрофи. Во земјите со развиени демократии, волонтерскиот ангажман е многу важен фактор на сите нивоа од секојдневното живеење и на промовирањето позитивни промени. Таквиот филантропски ангажман е исклучително признаен, вреднуван и баран, а често е дел и од задолжителните препораки при редовните вработувања. Огромната полза што државите, општествата и поединците го имаат од тоа, можеби најдобро може да се илустрира со податокот дека во Австралијa, на пример, чија популација во 2022 достигна бројка од над 26 милиони, има околу пет милиони волонтери, чиј придонес за тамошната економија се проценува на 42 милијарди долари.
Каква е традицијата на волонтерството кај нас, во Македонија?
Кај нас, со поголем или помал интензитет, во изминативе две децении се промовира волонтерството. Во 2007 година беше донесен Закон за волонтерство, а во 2010-та и првата Стратегија за промовирање и развој на волонтерството за периодот од 2010 до 2015 година. Но во недостиг од континуирана и централизирана евиденција за волонтерските активности во земјава, упатените оценуваат дека, и покрај константниот раст на заинтересираноста, во јавноста сѐ уште постои генерален недостиг од свест за придобивките од волонтирањето, како и одржлива инфраструктура за негова поддршка.
Едно постаро истражување, спроведено преку анкети, покажало дека во периодот помеѓу 2012 и 2016 година, 44,4 отсто од граѓаните оцениле дека нивните сограѓани се солидарни, 60,98 отсто од испитаниците изјавиле дека чувствуваат лична одговорност за подобрување на општеството, а 50,7 проценти изразиле подготвеност за бидат повеќе вклучени во таквите активности.
– Ваквите податоци покажуваат дека во Македонија постои потенцијал за развој на волонтерството и дека висок процент граѓани се носат вредноста на сочувство и помош кон своите сограѓани. Сепак, во споредба со глобалните трендови, тој потенцијал не е доволно искористен и канализиран преку организираните форми на волонтирање – оцениле истражувачите.
Освен тоа, важно е да се спомене и дека со донесувањето на Законот за трансформација во работниот однос, Министерството за труд и социјална политика има обврска да води регистар на лица ангажирани со договор за волонтирање во рамките на институциите. Според таа евиденција, во периодот од мај 2015 до март 2021 година, биле ангажирани вкупно 116 лица со договор за волонтирање, од кои речиси половина во Скопје. Најмногу лица, 48, биле ангажирани во 2018 година, а најмалку, или само едно, во 2020 година, што се објаснува со пандемијата. Интересно, притоа, е дека во периодот од октомври 2007 до февруари 2021 година, Министерството издало 3.527 согласности за волонтирање на странски лица во земјава.
Волонтирањето има значаен економски потенцијал
Во Црвениот крст, како една од најголемите и најзначајни волонтерски организации во земјава, велат дека успешно ја промовираат волонтерската работа, нудејќи им можност на сите заинтересирани граѓани да бидат дел од активности корисни за заедницата.
– Волонтерските активности на Црвениот крст во последната деценија бележат позитивен развој, а во изминативе две години Црвениот крст во однос на волонтерската работа се фокусира на поддршка на ранливите групи граѓани што беа најтешко погодени со пандемијата на ковид-19 – изјави генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, на неодамнешната средба со шефот на државата Стево Пендаровски, кој притоа силно го поддржа ангажманот на волонтерите, заблагодарувајќи им се за нивната пожртвуваност, одговорност и посветеност.
Од Црвениот крст информираа дека тие на редовна основа ги промовираат и имплементираат активностите за привлекување и ангажирање соодветен број волонтери и членови за реализација на програмите на националното друштво, за обезбедување нивна соодветна обука, надзор и редовна евалуација, како и оддавање признание за остварениот придонес, осигурување, обезбедување соодветна опрема и психосоцијална и организациска поддршка за воспоставување локални структури релевантни за задачите што треба да се спроведат од страна на волонтерите.
– Изминатата година Црвениот крст на Република Северна Македонија во своите редови мобилизира околу 2.100 активни волонтери, кои посетиле минимум десет часа на месечна основа, за остварување на мисијата и визијата на организацијата. Секако, како организација се стремиме кон промоција на позитивните вредности и придобивки од волонтерството во заедницата во која дејствуваме, а со тоа и кон зголемување на бројот на волонтерите во нашата организација – се вели, меѓу другото, во нивната информација.
Сепак, ако се прашуваат повеќето волонтерски организации, постојат голем број слабости во досегашната имплементација на Законот за волонтерство, поради што тие веќе побарале негови измени и дополнувања, а за тоа добиле поддршка и од Владата.
– Клучните подобрувања на законските решенија се состојат од повторното регулирано отворање на јавните институции за прием на волонтери и нивно усогласување со Законот за трансформација во редовен работен однос, кој изминатите години ја отежнуваше работата со волонтери во јавниот сектор. Понатаму, допрецизирани се одредбите за тоа што е волонтирање и се разграничува од задолжителната практика, стажирањето, општо корисната работа и практикантството. Како организатори на волонтерска работа, во новите предлог-решенија се вклучени и социјалните претпријатија во согласност со закон. Исто така, поедноставена е процедурата за регистрација на странски волонтери и скратен е рокот за добивање согласност на десет дена. На крајот, зајакната е улогата на Националниот совет за развој на волонтерството, кој сега е дел од законските одредби – објасни Златко Талевски, извршен директор на Младински културен центар – Битола.
Што се однесува до новата стратегија за развој на волонтерството, со неа, меѓу другото, се предвидени мерки и активности за промоција на волонтирањето кај пошироката јавност, поттикнување на културата на волонтирање и волонтерските вредности во рамките на образовниот систем, мерки за институционална поддршка на волонтерските организации и финансирање волонтерски активности, како и мерки за зголемување на волонтирањето во граѓанскиот сектор.
Сепак, како што потенцираат во невладината организација „Волонтерски центар – Скопје“ (ВЦС), која, меѓу другото, во рамките на еден од своите проекти и самата се занимава со промоција на волонтерството, најбитното во сѐ се информираноста и мотивираноста на индивидуата.
– Иако ние се фокусираме пред сѐ на младите луѓе, може слободно да се каже оти и кај нас, генерално, расте интересот за волонтирањето. Се разбира, секогаш може и подобро и повеќе. Сметам дека ние имаме многу добра регулатива, дури и во однос на некои земји од ЕУ, но ни недостигаат информираноста и мотивираноста на граѓаните да се вклучат, што, конечно, најмногу зависи од поединците. Важно е луѓето сами да се заинтересираат и да преземат нешто во полза на своето опкружување – констатира Андреј Наумовски, извршен координатор на ВЦС.
Инаку, последните објави за состојбата на глобално ниво покажуваат дека волонтирањето има значаен обем и економски потенцијал низ светот. Во текот на една година просечно во светот волонтираат 971 милион луѓе преку организации или директно во корист на лица надвор од нивното семејство. Ако сите овие волонтери би се собрале во една држава, таа, според некои процени, би била втора држава по бројот на жители во светот, веднаш по Кина, и седма најголема светска економија. Д.М.М.