Што треба да знаат надлежните образовни институции

Зошто македонската наука да зависи од европските фондови? (2)

Во прв ред образованието е ресурс што создава ресурси и има трансфер во сите сфери на живеењето и дејствувањето, унапредувањето и осовременувањето. Повторно ќе го цитирам Бенџамин Френклин: „Инвестицијата во знаењето дава најдобри камати“. Од тие причини образованието треба да биде предмет на проучување, истражување и валоризирање во сите степени и сегменти што ќе дојдат до релевантни податоци дека образованието постојано се менува, постојано е пред нови предизвици, кои бараат да се следат и да се имаат предвид во неговото реформирање, иновирање и трансформирање;
Треба да се напомене дека на подрачјето на Република Македонија не постои научна институција што го третира, проучува и истражува образованието. Отсуствува конзистентна и научно заснована визија, односно стратегија за развој на високото образование и науката, проследена со програма за среднорочен развој на високото образование и на научноистражувачката дејност, како и со акциски планови за нивно остварување. Како што се многу други организирани и сериозни држави.
Евидентен е процесот на намалување на научноистражувачките капацитети, изразени преку стагнација во обновувањето на наставно-научен кадар, замирање на институтската работа, гаснење на истражувачките јадра во стопанството и непостоење на соодветна научна инфраструктура.
Примената на Болоњскиот процес не ги дава очекуваните ефекти поради запоставувањето на некои од неговите суштински компоненти, кои особено се однесуваат на подобрување на квалитетот на високообразовната и научноистражувачката дејност на универзитетите и отсуство на суштинските промени во системот на нивното финансирање, организирање и управување.
Високото образование и неговите промени главно се сведени на проширување на опфатот на студенти, преку разграничување и хипертрофија на универзитетската мрежа – 24 универзитети со над 130 факултети и над 600 (се спомнува бројка и од 2.000) студиски програми и формирање голем број дисперзирани центри, без добро подготвена аналитичко-предвидувачка основа и расправи, особено од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Со овие квантитативни ефекти, изостанува настојувањето за подигање на квалитетот на студиите на високото образование.
Наспроти законската обврска за редовна реакредитација на високообразовните институции (најмалку пет години), не се врши никаква систематска контрола над законитоста на работењето на универзитетите (како приватни и јавни универзитети – и нивните единици), некои од нив го уриваат квалитетот и ги компромитираат критериумите за квалитет, како во образовната така и во научната дејност.
Одредени универзитети добиле акредитација, а не ја исполнуваат основната норма за изведување високообразовна дејност. Некои универзитети имаат само по неколку редовно вработени професори, а имаат пет или повеќе факултети и многу студиски програми, за кои се дадени акредитации, а некои добиени акредитирани студиски програми дури се во мирување, некои немаат просторни услови, немаат лаборатории, немаат можност за изведување настава и вежби, имаат само запишани студенти. За сето ова се запознаени сите досегашни министри за образование, Агенцијата за квалитет во високото образование и нејзините тела, Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, политизираниот Државен просветен инспекторат, а сепак ништо не се презема. Всушност, истите тие го поддржуваат образовниот криминал. Мора да се напомене дека длабоко во образованието е влезена политиката, овие универзитети што се формирани, како што се: Универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје, Информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид, Универзитетот Тетово-Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европa-Тетово, формираните приватни универзитети. како што се: Приватниот универзитет во Струга, универзитетот ФОН во Скопје, приватниот Европски универзитет- Скопје, приватниот Факултет за бизнис и економија-Скопје, приватниот Универзитет за туризам и менаџмент, приватниот Славјански универзитет-Свети Николе, приватниот Визион универзитет-Гостивар… За жал, политиката го диктира образованието во Р Македонија. Ваквиот начин драстично го намалува квалитетот на високото образование во нашата држава.
Високообразовните и научни институции во земјата не вршат редовна внатрешна евалуација, а примерите од надворешна евалуација, главно, се исклучок.
Во јавните високообразовни институции научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум.

Излезни решенија и што треба да се преземе

1. Да се преиспита донесениот Закон за високо образование (ЗВО) донесен (8.5.2018) од страна на МОН. Истиот тој не само што не е развоен туку е и полош од претходниот. Универзитетите немаат финансиска автономност, универзитетите зависат од милоста на Владата на Р Македонија?!
2. Колку и како се организирани внатрешно универзитетите, сенатите и факултетите и нивната организациска поставеност?
3. Универзитетите и нивните единици треба да ги постават целите и задачите во делот на наставата, наставните програми и потребите на пазарот на трудот, наставниот кадар, научната дејност и поставеноста на студентот како активен субјект и партнер во академската заедница.
4. Да се преиспитаат веб-страниците на универзитетите-единиците, од страна на МОН истите тие не се јасни, односно некои универзитети-факултети немаат ништо конкретно јасно напишано, не се знае на кои студиски програми кои професори предаваат, конкретно во согласност со ЗВО, не се знае кој е ректор, и слично.
5. Има неминовна потреба во Република Македонија од рангирање на квалитетот на факултетите (досега не е направено), по студиски програми по универзитети, во јавните и приватните универзитети, поконкретно (во Македонија има над 20 правни и економски факултети или факултети по менаџмент…) вршење рејтинг на квалитетот по студиски програми (правни, економски, медицински, информатички, техничко-технолошки, уметнички, спортски и слично). Зошто е потребно? Пред сѐ, да се согледа квалитетот на јавните и приватните факултети – насоки или студиски програми, можност идните кандидати студенти да се определат и да имаат избор за нивно натамошно образование, да се запознаат со квалитетот на акредитираните студиски програми потребни за пазарот на трудот по завршувањето на студиите, за додипломски, постдипломски и докторски студии, условите за работа, наставата, наставниот кадар и слично. Вакви искуства има во многу балкански и европски земји. А ние?
6. Преиспитување на работењето на Државниот просветен инспекторат. (Не)професионално. И негово трансформирање?!

7. Формираниот Национален совет за високо образование, иновации и технологија, како стручно и советодавно тело на Владата на Република Македонија (кој го води проф. д-р Гордана Лажетиќ во 2023-2025) е практично (не)функционален. Од нивната работа сум разочаран, а за тоа има доста причини! Затоа, ако сакаат да се вклучат нашите високообразовни установи во чекор со современите тенденции на науката и развојот на севкупната научноистражувачка дејност и технолошкиот развој, треба да донесат (бидејќи немаат) националната програма за научноистражувачка дејност на Република Македонија, што е од приоритетно значење, треба да има меѓународна димензија поврзана со стопанството, развој на високото образование и размена на искуства со другите високообразовни установи низ светот во насока на исполнување на препораките од Болоњскиот процес. Националната програма е основа за насочување и утврдување на обемот на средствата од буџетот на Република Македонија за вршење научноистражувачка дејност.
8. Со (не)функционирањето на овој Национален совет, нашите универзитети-факултети немаат легитимитет што треба да го потврди нивното зачленување во Европскиот регистар за оценка на квалитетот во високото образование (European Quality Assurance Register for Higher Education, EQAR), кој го основа групата Е4..
9. Нема совет за финансирање на високото образование, со што во практиката факултетите се соочуваат со проблеми од потреба во осовременување на наставата, практичните теренски, уметнички и спортски активности, потребни нагледни и практични средства за тренд и работа на наставниците и студентите.
10. Преиспитување на Академијата за квалитет на високото образование, во која постојат два одбора за акредитација и евалуација на високото образование. Со неа раководат партиски поставени лица, директор за квалитет на високото образование е професор Марјан Ѓуроски, претседател за акредитација (СДСМ), како и за евалуација. Овие поставени лица наместо да вршат контрола на квалитетот на високото образование, институтите, наставниот кадар, наставата, тие се соучесници на образовниот криминал на високото образование. Одборот за евалуација, за ваше сознание почитувани читатели, нема извршено ниедна евалуација на ниеден факултет на нашите универзитети. И затоа не ме изненадува ваквата бродоломна состојба во високото образование и наука. Затоа има неминовна потреба од независна стручна експертска екипа да ја води Агенцијата и поставените одбори за акредитација и евалуација. Во практиката Одборот за акредитација акредитира сѐ и сешто, додека Одборот за евалуација (како што истакнав) практично не профункционира, што значи нема процена, вреднување, правилно оценување. Тогаш, немаме контрола и не знаеме со каков квалитет работат универзитетите и нивните единици и во кој правец треба да се движиме ако сакаме да имаме современо квалитетно високо образование на Балканот, во Европа и во светот.
11. Само да се напомене, јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската Унија тие изнесуваат околу 5 отсто од БДП, а во земјите од регионот околу 4 отсто, показателот за Македонија е под просекот во регионот. Индикаторот за научноистражувачка интензивност – учество за вложување за истражување и развој во БДП изнесува само 0,22 отсто и е меѓу најниските во регионот.
12. Од вкупниот буџет на Република Македонија, за наука во проценти се издвојува, по години: во 2014 – 0,45 отсто, 2015 – 0,40 отсто, 2016 – 0,26 отсто, 2017 – 0,24 отсто, 2018 – 0,15 отсто, 2019 – 0,14 отсто, 2020 – 0,12 отсто, 2021 – 0,16 отсто, 2022 – 0,15 отсто, 2023 – 0,08 отсто (Извор: Буџет на Република Македонија).
Затоа, не е за изненадување што нашите македонски универзитети доживуваат бродоломи во високото образование и наука.
Во право е големиот Нелсон Мандела кога истакнува: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.
Би додал, образованието е столбот на државата. Какво ни е образованието таква ни е државата. Жално ама вистинито!
Затоа, неминовни се промени со компетентни, одговорни и функционални институции. МАКЕДОНИЈА ГО ЗАСЛУЖУВА ТОА.

Ѓорѓи Илиевски

(Авторот е виш просветен инспектор во пензија)


Експликација на министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска:

Удвоен е буџетот за наука!

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, презентирајќи сублимат од реализираните планови и програми од својот ресор во првата година од мандатот, нагласи дека токму „науката станува стратешки фокус на Владата“ и дека „се вложува двојно повеќе од претходно“, при што издвои аргументи образложувајќи зошто образованието и науката конечно го добиваат заслуженото внимание како клучни развојни ресурси на државата.
– Науката е наш фокус! Без наука нема развој – истакна Јаневска, додавајќи дека буџетот за научноистражувачка дејност е двојно зголемен и дека сега изнесува 680 милиони денари.
Министерката издвои дека „три повици се веќе објавени за финансирање иновативни научноистражувачки проекти, а Македонија е нов партнер на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија“. Дополнително, базите со научна литература Web of Science и Scopus сега се бесплатно достапни за сите вработени и студенти на државните универзитети.