ГЛОБАЛНИ ГЕОПОЛИТИЧКИ ТЕКТОНСКИ ПОМЕСТУВАЊА И ПРЕСТРОЈУВАЊА
- Ова прашање сѐ почесто ќе се поставува, особено што со изборот на Трамп за претседател на САД се забрзуваат некои светски процеси што се неизбежни – новиот светски поредок што се наѕира може да потопи многу бродови, но може да биде и ветер во едрата, а ова особено се однесува за Македонија, затоа што има политичка опција на власт што е во текот на промените и таа можност не смее да се пропушти
- Нагласената дипломатска активност, која дава резултати, мора да оди паралелно со завршување важни домашни обврски, а создавањето критична маса за одбрана на националните интереси, секако дека е една од нив. Притоа од тука, од матицата, мора да се подаде рака и кон македонското малцинство во соседството и кон милионската македонска дијаспора низ светот
Во прашалната реченица „што се случи со меѓународната право“ се содржи и одговорот – тоа е веќе минато време, нешто што било, важело, функционирало, па веќе станало недоволно и сега се бара нешто ново. Ова прашање сега сѐ почесто ќе се поставува, зашто е јасно дека во малиот базен каде што големите крокодили станаа уште поголеми, а со тоа и нивните апетити нараснаа, нешто ќе мора да се направи пред тие да почнат да практикуваат канибализам. На чекор се до такво нешто! Но што е тоа новото? Каков светски поредок ќе се направи во блиска иднина? Ако се земе Македонија за пример, баш и не можеме да очекуваме некоја светла иднина за малите рипчиња. За среќа, големите не можат без малите и тука е можноста малите нации да најдат свој метод на егзистенција. Некои ќе успеат. Досега тие имаа какво-такво засолниште во Обединетите нации, но зошто ОН тоа да не бидат и утре, но секако, модернизирани. Не само од фасадата. Таа стара зграда што некогаш имала светли моменти мора сериозно да се реновира однатре, па зошто и да не се пресели надвор од Америка, подалеку од Ист Ривер и да биде симболот на новото време.
Ерик Поснер е професор по право на Универзитетот во Чикаго и тој во колумна за „Проџект синдикејт“ го поставува токму главното прашање што е актуелно подолго време, но забрзаност му даде изборот на Доналд Трамп за претседател на САД – што се случи со меѓународното право? Професорот Поснер може сите одговори да ги добие инстант на примерот на Македонија врз чиј грб се прекрши дури и Повелбата на ОН – правото на суверенитет. Правото на историското име. Правото на самоопределување…
Камбаните чукнаа за либерализмот и тој мора да му отстапи место на новиот суверенизам спакуван во големата рамка на мултиполарноста
Сега и тие што знаат, ама не им се даваше да признаат, велат дека камбаните чукнаа за либерализмот и тој мора да му отстапи место на новиот суверенизам спакуван во големата рамка на мултиполарноста. Дека окото е ненаситно, како што рекол и прорекол народот, беше јасно по паѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година кога метафорички се запали комунистичката вештерка. Рускиот комунизам, кој мораше да се чува само на Исток, веќе не постоеше, а служеше за сеење страв на Запад, па мораше да се најде нешто што ќе се продава како западна вредност или магла. Токму така – глобализмот. Иако идејата е од антиката, таа доби жалосна димензија на милитантен хегемонизам во сите варијанти во 90-тите години на минатиот век – од култура до економија. Зборот хегемонизам има клучно значење и тој функционира со мали регионални хегемончиња, а ова за нас Македонците како нација е многу важно. Иако се запали комунистичката вештерка, мораше да се потсетува на опасноста од Русија. Во меѓу време порасна и Кина. Па и ги надрасна.
Професорот Поснер прашува: „Зошто се случи ова? Наједноставното објаснување е дека меѓународното право е жртва на антиглобализацијата. Глобализацијата некогаш беше ветениот пат до слободата и богатството, но денес луѓето ја поврзуваат со неконтролирана миграција, губење работни места, пандемии, финансиски кризи и конфликти. Придобивките што ги генерираше за глобалниот економски раст не беа доволно големи, широко распространети или видливи за да се надоместат реалните или согледаните штети“.
Професорот од Чикаго го анализира и проблемот со воените интервенции и ги истакнува нападите на Израел во Сирија, кои не се изолиран пример. „Урнатините на меѓународното право се насекаде околу нас. Русија ја нападна Украина во 2014 година и повторно во 2022 година, илегално ја анектираше украинската територија, изврши злосторства врз украинските војници и цивили, а сега се соочува со обвинувања за геноцид. Кина употреби насилство за да ја прошири својата контрола над Јужно Кинеско Море и сега се чини дека е подготвена да го нападне Тајван – исход за кој никој не верува дека ќе биде запрен со меѓународното право.
Згора на тоа, американските воени интервенции во Авганистан, Ирак, Либија, Сирија и на други места во изминатите неколку децении беа засновани на сомнителни правни теории. Меѓународните злосторства се случуваат низ светот, во места опфатени со конфликти како Израел и Газа, Мјанмар, Етиопија и Судан, како и во авторитарни земји кои се во мир“.
Секако, Поснер можел, а и морал да ја спомне интервенцијата на Американците врз СР Југославија „која не била според меѓународното право, тука била морална акција на САД“ и преседанот со Косово, каде што, исто така е прекршено словото на Повелбата на ОН – не може да се признае држава формирана преку воена интервенција на странска држава.
– Војните и насилството не се единствените индикации за падот на меѓународното право. Истиот тренд ја погодува и глобалната економија. Бидејќи своето апелационо тело не може да функционира, Светската трговска организација седи беспомошно додека светот се свртува кон протекционизам. Слично на тоа, слабите досиеја на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен суд ги исмеваат амбициите на нивните основачи. МСП требаше да спречи војна, а МКС да обезбеди правда за жртвите на воени злосторства. Но ниту еден суд воопшто не прави многу – констатира Поснер.
Професоре Поснер, сосема сте во право, ете и Хашкиот трибунал за воени злосторства на Македонија ѝ ги врати предметите за тие што ја почнаа војната и правдата не виде бел ден во нашата земја.
МАКЕДОНИЈА ЖРТВА НА ДВОЈНИ СТАНДАРДИ
Долга е листата на гревови сторени врз Македонија, а најмногу од Европската Унија. Токму на „примерот Македонија“ ЕУ покажа и докажа дека правилата и стандардите се само фасада и тие важат за некои земји, но за други се поставуваат дополнителни услови. На пример, токму Унијата (тогаш Заедница) во 1992 година усвои резолуција во Лисабон каде што категорично кажа дека никогаш нема да признае држава под името Македонија. Кршењето на Копенхашките критериуми почна тогаш, а продолжи со трговското ембарго наметнато од Грција. Брисел никогаш јавно не признал дека идентитетот ни е наметнат како ултимативен услов за почеток на преговори, а за членство не може никој да гарантира ниту сега, но тоа е факт. Токму врз Македонија е прекршена Повелбата на ОН и на државата ѝ е поставен дополнителен услов за членство во светската организација, а тој услов беше името. Правото на самоопределување и суверенитет е прекршено и тоа е запечатено со две резолуции на ОН. Срамно и понижувачки и за ОН и за Советот за безбедност. Листата на кршење на меѓународното право врз наш македонски грб е долга и тешка за прифаќање. Но да наведеме уште неколку: Охридскиот договор како вовед во федерализација, а спакуван како мировен проект. Во суштина го забетонира етничкиот концепт, кој мора да се продава како успешна приказна. Денес во 2025 година можеме да констатираме дека тоа не е точно, ни на хартија, ниту во секојдневниот живот. Општинските граници се прекројувани со версајски ножички само и само да се потврди тоа етничко разграничување. Преспанскиот договор е уште едно кршење на принципите на меѓународното право. Веројатно ако правиме некоја ранг-листа на кршењата на правото, токму Преспанскиот договор е на врвот на пирамидата на срамните и непринципиелни договори на наша национална штета. Но низата не е завршена – на ред доаѓа и Договор за пријателство и соработка со Бугарија, кому му се прикачија два протокола и тие треба да бидат последните шајки во ковчегот на Македонија на патот за ЕУ. Во ниту еден од тие договори го нема правото на реципроцитет, што е еден од основните услови на меѓународното договорно право регулирано и со Виенската спогодба. Тие договори се „склепани“ според правилото: 1. Шефот е секогаш е право, 2. Ако сметаш дека тоа не е така, види го правилото број 1.
НОВИ ВЕТРОВИ ВО ЕДРАТА НА МАКЕДОНИЗМОТ
Знаме дека е тешко мал брод да плови во разбрануваните води на светскиот океан. Но мора да се плови и мора да се преживее. Има позитивни ветришта што мора да се искористат. Македонската влада навремено ги почувствува тие промени и за разлика од порано сега правовремено реагира. Очекувањата дека Америка може да ни помогне за да го ставиме клучот на бугарската брава се разумни, но мора да се реши и домашната задача, а тоа е создавање доволна критична маса за одбрана на националните интереси. Таа критична маса мора да се бара и во македонското малцинство во соседството, но и во дијаспората. Но подадената рака мора да дојде од Скопје, од матицата.
Движењето на патриотите, кое го водат Орбан, Ле Пен и други лидери во Австрија, Словачка, Чешка, Италија… е можна опција за македонската демохристијанска партија и за суверенизмот како доминантна политичка опција во Македонија.
Ако не станеме сега, а сепак станавме, нема да бидеме видени и ќе нѐ збришат промените на времето. Секако, дома имаме многу незавршени работи и обврски и добро би било да слушнеме на јасен и чист глас порака до градоначалникот на Тетово со една лекција по географија – дека Тетово е град во Македонија.
Што кажа претседателката Силјановска на самитот за иднината во ОН
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова се обрати на самитот за иднината „Мултилатерални решенија за подобро утре“ во септември лани. Пренесуваме дел од нејзиното обраќање: „Тешка задача и голема одговорност е да зборувате за иднината, а да се апстрахирате од ООН, оти се работи за единствената организација што ужива универзален легитимитет и има докажан интегритет и кредибилитет во решавањето на најголемите и горливите проблеми на човештвото.
Верувам дека нема посоодветно место од ООН за консензус за иднината низ призма на најголемите дилеми и предизвици. Сметам дека е крајно време за соочување со грдата реалност на војни, природни катастрофи, енормна сиромаштија, нееднаквост и нерамноправност, кршење на меѓународното право, па дури и на јус когенс, практикување на правото на мажите наместо владеење на правото, жртвување на правдата, етиката и моралот заради профит и моќ.
Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатерализам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права.
Искрено, сметам дека не се доволни декоративни реформи на ООН, односно ’лет во место‘, туку суштински: структурни, функционални, меритократски, демократски.
Улогата на Генералното собрание треба да зајакне, како претставничко тело на Обединетите нации.
Се разбира, Повелбата на ООН останува темелен акт, устав на нациите, но и општествен меѓунационален договор. Исто така, треба да се стави крај на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на Повелбата, како во македонскиот случај“.