Заразата со новиот сој омикрон изминатиот период е во нагорна линија и во земјава и во регионот. Во таа насока, во јавноста сѐ почесто како можно спасоносно решение за превенција и ублажување на ширењето на вирусот се споменува потребата од третата доза вакцина, таканаречена бустер-доза, против ковид-19. „Нова Македонија“ се консултира со медицински експерти за расветлување на сите прашања и нејаснотии поврзани со третата доза
Бројот на инфицирани лица и смртните случаи од коронавирусот во изминатиов период никако да стивне. Заразата со новиот сој омикрон ги руши рекордите и во земјава и во регионот.
Во таа насока, во јавноста сѐ почесто како можно спасоносно решение за превенција и ублажување на нагорната крива на ширење на вирусот се споменува потребата од третата доза вакцина, таканаречена бустер-доза, против ковид-19.
Во Македонија засега сѐ уште е низок процентот на вакцинирани граѓани, а особено е низок на оние што примиле трета доза вакцина.
Неделава претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, најави дека во наредниот период ќе следуваат силни препораки за примање трета доза вакцина. Според Петличковски, оваа државна политика ќе биде во правец да се зголеми процентот на вакцинирани со трета доза, бидејќи кај нас е исклучително мал и изнесува само 5 отсто. Во споредба со Македонија, во голем број европски земји третата доза станува неопходна за добивање ковид-сертификат, односно луѓето со две примени дози вакцина веќе немаат статус на целосно имунизирани против коронавирусот.
На Стариот Континент, Исланд убедливо води со бројот на вакцинирано население. Таму се вакцинирани 90 отсто од населението, а едно од пет лица веќе примило и трета доза. Во Франција, пак, граѓаните над 65 години добија покана за примање на третата доза до декември, а доколку не се вакцинираат, ризикуваат да им биде суспендиран ковид-сертификатот. Во Англија, пак, над 65 отсто од населението примиле и трета доза, а тамошните власти информираат дека месецов дополнително ќе ја засилат мотивацијата за вакцинација на нивните граѓани.
Во врска со актуелните случувања, „Нова Македонија“ се консултира со медицински експерти за расветлување на сите прашања и нејаснотии поврзани со третата доза.
Кој треба да прими трета доза
Медицинските лица и експерти со кои се консултиравме велат дека третата доза вакцина против ковид-19 може да биде од различен вид од претходно примените две дози. Тоа е така поради подобрувањето на имунолошки одговор на организмот на луѓето, иако, се разбира, третото вакцинирање може да биде и со истата вакцина од која се примени првите две дози.
Д-р Александар Стојанов, епидемиолог од Центарот за јавно здравје, вели дека без разлика дали сте здрав и сте решиле да примите трета доза или сте некој што е имунокомпромитиран и имате потреба од трета доза, оваа дополнителна трета доза вакцина ќе му обезбеди дополнителна поддршка на имунолошкиот систем.
– Без неа, луѓето може да бидат поподложни на ковид-19, што е особено загрижувачко, бидејќи новите варијанти, како омикрон, се појавуваат и циркулираат широко – вели Стојанов.
Епидемиологот објаснува дека засилената, трета доза вакцина против ковид-19 значително ја обновува заштитата на луѓето за ковидот да го „пребродат“ како слаба болест предизвикана од варијантата омикрон и да не завршат во болница.
– Третата доза започна да се аплицира во Израел, каде што периодов дури се врши и четврта доза на вакцинирање. Во групата луѓе што треба да се вакцинираат влегуваат сите, без разлика дали се стари или млади лица. Тоа е така бидејќи медицинската заедница и светот разбраа дека ризиците се помали кога сме имуноподготвени да се бориме во телата со пандемијата – вели Стојанов.
Тој додава дека е препорачливо третата доза на вакцината да биде „Фајзер“. Тоа е така, според Стојанов, бидејќи научните истражувања што се спроведени во земјава и во светот покажале оти оваа вакцина во моментов нуди најдолга заштита.
– Да не бидам разбран погрешно, сите вакцини, и руските и кинеските, се одлични, но нивната заштита е многу помала од онаа на „Фајзер“. Првите заштитуваат до околу три месеци од последната доза, а втората и до шест месеци – вели докторот.
Има доволно количество вакцини
Епидемиологот додава дека нема потреба нашите граѓани да се вакцинираат во соседните земји, бидејќи Македонија има доволно вакцини од „Фајзер“ да го спроведе успешно и тековното вакцинирање, но и она од третата доза.
– Со други зборови, ако сте примиле кинеска или руска вакцина, тогаш е најдобро да примите „Фајзер“ како трета доза, но ако веќе досега првите две биле од „Фајзер“, препорачано е да примите и т.н. бустер-доза од истиот производител – заклучува докторот.
Марија Димзова од Клиниката за инфективни болести вели дека за целосно вакцинирани се сметаат лицата со примена трета доза вакцина против ковид-19.
– Во овие две години се покажа дека вакцинацијата е единствен начин за намалување на смртноста, бидејќи тоа што ни се случува со примањето на двете дози и на третата доза вакцина не значи дека сме отпорни на болеста со појавата на новите варијанти – истакнува докторката.
Во својата анализа на оваа тема, Дојче веле информира дека секоја од државите во светот треба да им објасни на своите граѓани дека и третата доза спасува човечки животи. Според медиумот, всушност третата доза ја прави разликата во развојот на пандемијата во конкретното опкружување.
– Во Израел четвртиот бран беше прекинат токму благодарение на третата доза. Тоа веројатно спречи огромен број луѓе да се разболат, или да починат од коронавирус. Германија и другите земји, каде што и покрај големиот број вакцинирани лица сепак има огромен раст на заразени, мора да се надеваат на овој ефект од третата доза. Со оглед на тоа дека заштитата од зараза по примена втора доза вакцина по неколку месеци е значително намалена, со третата доза повторно се зголемува – заклучува медиумот.
Доктор Злате Мехмедовиќ се согласува дека третата доза им обезбедува ефикасност на претходните дози и заштита против новите соеви.
– Примањето на третата доза кај тие што веќе примиле две дози обезбедува ефикасност на вакцината што е еднаква на ефикасноста што вакцината ја имаше по две примени дози, кога беше во прашање оригиналниот див сој од Вухан, а тоа беше ефикасност на ниво од 95 проценти – вели Мехмедовиќ.
Двете дози вакцина против коронавирусот, како што објаснува тој, создаваат „ѕид“, а третата само го зајакнува „ѕидот“.
– Третата доза против коронавирусот е сосема доволна кога е во прашање варијантата омикрон. Постојат повеќе сценарија што може да ги предизвика мутацијата омикрон, која е доста нова варијанта. Постојат не само можности за примање четврта доза туку и можности за бустер-доза што ќе иде адаптирана на варијантата омикрон. Сепак, сојот омикрон е нов сој и засега сè уште се следат неговите карактеристики – вели д-р Мехмедовиќ.