Илустрација: „Нова Македонија“

Македонија на маргините на агендата на средбата на неформалната светска западна влада во Стокхолм, Шведска?!

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис учествуваше во активностите и расправата на собирот на групата „Билдерберг“, одржан зад затворени врати во хотелот „Гранд“ во Стокхолм, Шведска, од 12 до 15 јуни 2025 година. Упатени дипломатски извори брифираа за весникот „Нова Македонија“ дека еден од главните мотиви за доаѓањето на Мицотакис на овој собир на, како што ги нарекуваат, „владетелите на светот во сенка“, НЕ е само да побара поддршка за својата држава од глобалната планетарна елита за миграциските политики во кои Грција е една од државите во епицентралното подрачје на миграцискиот удар туку приоритетот е да излобира „заштита на интересите на Бугарија и Бугарите против Македонија“. Ова е една вонсериски интересна информација од странските дипломатски кругови, во кои се тврди дека Мицотакис всушност со дадена поддршка меѓу билдерберзите и нивното застанување зад досегашните деноминирачко-идентитетски политики од страна на Софија кон Македонија оддалеку ги брани позициите на Преспанскиот договор, кој исто така во својата основа е ништовен, поради истите гореспоменати причини: културен геноцид и историска ревизија на штета на Македонците и Македонија.
Мицотакис во Стокхолм беше лично присутен на средбата на групата „Билдерберг“, неформална светска влада, сочинета од западните елити. Тој присуствуваше и на пленарниот состанок и во една од работните групи, но според дипломатски извори, Мицотакис бил извонредно активен на маргините на формалните средби, каде што во свое име и во името на грчката влада „ги бранел жестоко бугарските позиции во врска со извештајот на Вајц“ и се обидел да аргументира елементи за деноминација на македонскиот вековен идентитет (и да го негира милениумско-егзистирачкиот засебен македонски ентитетски супстрат).

Засилени „подземни“ дипломатски активности на Атина

Според зборовите на нашиот соговорник, дипломат од кариера, „Мицотакис и Атина чинат севозможни напори овие денови, овој пат со барање на сесрдна поддршка и од билдерберзите, со цел да се спречи усвојувањето на предлог-извештајот за напредокот на Македонија, изготвен од известувачот на Европскиот парламент, Австриецот Томас Вајц, на седницата на Европскиот парламент на 24 јуни 2025 година“. Ако не бидат спречени Вајц и неговиот извештај за Македонија, во кој експлицитно се споменува признавање македонски идентитет и македонски јазик, тогаш ќе паднат Бугарија и Договорот за добрососедство со Македонија, но ќе паднат и Грција и Преспанскиот договор, вели нашиот соговорник.
Тој е свесен дека, „двете држави“ и двата „добрососедски договора“ се темелат врз „целосно одрекување на постоењето на македонскиот народ, на неговиот национален идентитет, на неговиот јазик“, што сега се признава со предлог-документот на Вајц!
– Предлог-извештајот за Македонија е директна негација на двата споменати договора и токму поради ова сега е активирана грчко-бугарската линија!“ – избрифира за „Нова Македонија“ странски дипломатски извор.

Билдерберзите се „тиха вода, брег рони“!

До моментот на подготвувањето на овој текст за печат не можеше да се обезбедат официјални и релевантни изјави од учесниците на вчера завршениот тридневен собир на билдерберзите за тоа што заклучиле и што се договориле во текот на нивниот тридневен собир. Но тоа е и разбирливо, со оглед дека собирите на групата „Билдерберг“ минуваат во целосна тишина, без никакво присуство на медиумите, а и ретко се случува некој од учесниците на овие дебати на неофицијалната „светска влада во сенка“, како што се нарекуваат билдерберзите, да даде изјава. Пред почетокот на нивниот собир беше објавено само официјално соопштение.
Според тоа соопштение, „на 71-от состанок на ’Билдерберг‘ од 12 до 15 јуни 2025 година во Стокхолм, Шведска, како и секогаш“, била поканета „разновидна група политички лидери и експерти од индустријата, финансиите, од академскиот свет и од медиумите“. Темите за расправа оваа година биле: „трансатлантската врска, Украина, американската економија, Европа, Блискиот Исток, авторитарната оска, одбранбените иновации и отпорноста, вештачката интелигенција, одвраќањето и националната безбедност, пролиферацијата (ширењето на оружјето – заб. ред.), геополитиката на енергија и критични минерали, депопулацијата и миграцијата“.
– Основан во 1954 година, состанокот „Билдерберг“ е годишна конференција дизајнирана да го поттикне дијалогот меѓу Европа и Северна Америка. Секоја година меѓу 120 и 140 учесници се поканети да учествуваат на состанокот. Околу две третини од учесниците доаѓаат од Европа, а другите од Северна Америка; приближно една четвртина од политиката и владите, а другите од други области. Учесниците учествуваат како поединци, а не во какво било официјално својство, па затоа не се обврзани со конвенциите на нивната функција или со однапред договорени ставови. Нема детална агенда, не се предлагаат резолуции, не се гласа и не се издаваат политички изјави – беше наведено, исто така, во споменатото соопштение за годинашниов собир на „Билдерберг“ – клубот на светската политичка и бизнис-елита. Р.Н.М.


Кус осврт кон некои од, за нас, поинтересните партиципиенти на состанокот на групата „Билдерберг“

Многу поинтересен е за анализа дел од списокот на учесниците, особено од аспект на започнатите интензивни грчки лобирања за заштита на бугарските и грчки интереси против предлог-извештајот на Томас Вајц, со цел воопшто да не помине неговото предложено експлицитно признавање на македонскиот идентитет и јазик во Европскиот парламент на седницата закажана за 24 јуни 2025 година. Гледано од аспект на Македонија, „апсолутни ѕвезди“ на штотуку завршениот собир на светските билдерберзи беа негови двајца учесници Грци: првиот е, се разбира, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а вториот e Димитри Папалексопулос, кој е бизнис-лидер на грчката групација за производство на цемент „Титан“. Папалексопулос може да биде, или веќе е „корисен“ за неговиот сонародник Мицотакис, со оглед на тоа што тој е и благајник и член на управниот комитет на „Билдерберг“! Директно во врвот, во раководната гарнитура на „светската влада во сенка“!
На официјалната интернет-страница на грчкиот премиер Мицотакис стои информација, или соопштение, која директно, или индиректно, потврдува дека тој можеби, или веројатно, „се пуштил во погон“ за да лобира уште на 12 јуни, ден пред почнувањето на собирот на билдерберзите: тој ден Мицотакис имал средба токму во Стокхолм и повторно токму со шведскиот премиер Улф Кристерсон.
– Премиерот Киријакос Мицотакис денес, на 12 јуни 2025 година, се сретна со премиерот на Шведска,Улф Кристерсон, во Стокхолм. За време на средбата тие разговараа за перспективите за зајакнување на билатералните односи, особено во областите на економијата и одбраната, како и за прашања од европски интерес – се наведува во официјалното соопштение на интернет-страницата на Мицотакис. А за какви „прашања од европски интерес“ разговарале шефовите на грчката и шведската влада? Зборувајќи, дали тие го фрлиле погледот и кон прашања од европски интерес што се лоцирани малку накај европската периферија, накај Балканот?
Додуша, Кристерсон го нема на списокот на оние што биле учесници во дебатите на „Билдерберг“ изминатите три дена во Стокхолм, но сепак тој бил нивен „добар домаќин“ и дилема е: во ова својство, како „добар домаќин“ и на Мицотакис, дали можел да му го „скрши атерот“ на грчкиот премиер, ако овој, евентуално, го замолил „шепнешкум“ да „припомогне“ да му се исполни некаква одредена „желба“ во врска со „таму некои од Западен Балкан“? На „неформалните муабетења“ на билдерберзите не бил шефот на шведската влада Кристерсон, ама затоа таму бил Еба Буш, „неговиот“ и шведски министер за енергетика, бизнис и индустрија…

Натаму, треба да се обрне внимание и на двајца Американци учесници во тридневната дебата на „Билдерберг“ во Стокхолм. Зошто? Американската компанија „Палантир“ и грчката влада, претставувана од премиерот Мицотакис на 12 јули 2020 година, го „реафирмирале своето партнерство за дигитална трансформација“, како што пишува на официјалната интернет-страница на „Палантир“. Во врска со тоа „партнерство“ меѓу компанијата „Палантир“ и грчката влада и премиерот Мицотакис во официјалното соопштение, покрај другото, е наведено и ова: „Алекс Карп, соосновач и извршен директор на ‘Палантир технолоџис’ разговараше преку телеконференција со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за постојаното проширување на партнерството на ‘Палантир’ со владата на Грција за поддршка на нивните напори за справување со ковид-19. Карп и Мицотакис беа придружени од Џош Харис, раководител во ‘Палантир’, и Киријакос Пјеракакис, министер за дигитално управување на Грција. Како софтверска компанија, која гради платформи за корпоративни податоци, ‘Палантир’ соработуваше со грчката влада, за да ѝ помогне во овозможувањето донесување одлуки засновани врз податоци во контекст на одговорот кон пандемијата на ковид-19“.
Вториот Американец – билдербергот Петер Андреас Тил е, исто така, еден од соосновачите на „Палантир“, а патем е и политички активист, барем така е означен на некои информативни портали од САД. Дополнително, исто и Тил, како основач и на софтверската компанија „Тил капитал менаџмент“ извршува слични услуги за потребите на Владата на Грција, како и „Палантир“… Значи, ќе повториме, Алекс Карп и Петер Андреас Тил, кои имаат „дигитално партнерство“ со Владата на Грција, и премиерот Мицотакис учествуваа во Стокхолм на јунскиов собир на „Билдерберг“. Дилема е: дали во кулоарите на хотелот „Гранд“ во Стокхолм, Карп, Тил и Мицотакис можеби случајно „муабетеле перспективите на дигиталното партнерство“ да ги дополнат и со „балкански вондигитални содржини“?
Информативниот портал „Атенс њуз“ на англиски јазик на 9 јуни 2025 година објави интересна информација: „Мицотакис беше поканет на собирот на клубот „Билдерберг“.
– По учествата на собирите на „Билдерберг“ во Дрезден, Германија, во 2016 година и во Торино, Италија, во 2018 година, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ќе учествува во активностите на собирот на оваа група и во Стокхолм, Шведска, од 12 до 15 јуни. Ова е прво учество на К. Мицотакис во клубот како премиер, бидејќи претходно го посети како лидер на опозицијата. Причината зошто Киријакос Мицотакис беше поканет оваа година е активната соработка на грчката влада со компанијата „Палантир“, специјализирана за анализа на податоци за политички и воени цели. „Палантир“ во 2020 година започна пилот-проект за собирање и складирање лични податоци на грчки граѓани – објави „Атенс њуз“. Значи ли оваа покана за Мицотакис за „Билдерберг“, издејствувана токму од „Палантир“ и неговите соосновачи, дека можеби тие тројцата и решиле на некаков начин да го унапредуваат „дигиталното партнерство“?

На Мицотакис баш му гори под нозете, како и на Бугарите, откако Томас Вајц им го „потпали“ нему и на Бугарите „македонскиот идентитетско-јазичен оган“ во својот предлог-извештај за Европскиот парламент… Грците и Бугарите се „растрчани“ по „партнери“, за да го „гасат“ тој „оган“, ако им успее…
Што ќе успеат да направат – останува допрва да се види. На тридневниот собир на „Билдерберг“ во Шведска, покрај другите, потребно е да се спомене дека присуствуваа и следните „крупни“ европски и светски „ѕверки“: Марк Руте, генералниот секретар на НАТО, Џефри ван Левен, директор на приватната канцеларија на генералниот секретар на НАТО, Вилем Александер, кралот на Холандија, Александер Стуб, претседателот на Финска, Јулија Клекнер, претседателката на германскиот парламент – Бундестагот, Берге Бренде, претседателот на Светскиот економски форум, Јенс Столтенберг, поранешниот генерален секретар на НАТО и сегашен норвешки министер за финансии (кој останува запаметен по своето нервозно удирање со раката на маса и по изјавата во улога на генерален секретар на НАТО дека „името Македонија мора да се смени“, а во полза на Грција!), потоа Радослав Сикорски, полски министер за надворешни работи, Џејсон Смит, член на Конгресот на САД, Софи Вилмес, потпретседателката на Европскиот парламент (баш каде што ќе се решава за признавањето на македонскиот идентитет и јазик, ако се решава!), Марија Луис Албукерки, европска комесарка за финансиски услуги, Вопке Хекстра, европски комесар за клима, Мајкл Мекграт, европски комесар за демократија, правда и владеење на правото, Марош Шефчович, европски комесар за трговија и економска безбедност…
Дали со некој од нив во текот на изминативе три дена во Стокхолм е можеби веќе разговарано дали имаат „добра волја“ да им помогнат на Мицотакис и неговите бугарски колеги да се „изгаси“ „македонскиот идентитетско-јазичен оган“, „потпален“ од Вајц во европарламентарниот предлог-извештај, односно, да не помине воопшто тој акт на австрискиот известувач за Македонија во Европскиот парламент?! Лукаш Кантор, чешки истражувачки новинар, специјализиран за „Билдерберг“ и автор на обемна студија за оваа „светска влада во сенка“, е недвосмислен во една своја аналитичка статија: „Билдерберзите раководат со Европската Унија, со НАТО, Меѓународниот монетарен фонд и со Обединетите нации“. Ако е точно тоа што го вели Кантор, тогаш што би можела да очекува Македонија: дали поодделно споменатите челници на ЕУ – билдерберзи ќе ја „погледнат“ неа, Македонија, со повеќе „симпатии“ и „милост да биде конечно признаена“? Или ќе се приклонат на страната на Грците и Бугарите и на нивните настојувања да го „снема“ предлог-извештајот на Вајц сосе македонскиот идентитет и јазик?!?! Р.Н.М.