Сите земји што сега се членки на ЕУ кога преговарале, дале нешто, односно членките биле во позиција да извлечат извесни концесии од кандидатите. За нас, најилустративен е примерот со Словенија зашто само Словенците и Македонија добија зелено светло од Бадентеровата комисија за признавање уште во 1990 година – тоа што го даде Словенија не е ни приближно слично со тоа што го даде (и продаде) Македонија, нема таков пример за која било земја што преговарала и токму на случајот „Македонија“ Брисел ги извади од тајните фиоки сите двојни стандарди… Тоа е реалноста, а како понатаму? Има повеќе можности и решенија
Некои размислувања за реалните состојби, стремежите, можностите и решенијата за евроинтегративниот процес
Падна уште една клапа, да не речеме последна, веројатно ќе ги има уште, од бриселскиот филм „најдолгиот пат на една земја за членство во ЕУ“. Понекогаш станува невозможно да се дооди најдолгиот пат, оти како што барем ние Македонците добро го познаваме „Најдолгиот пат“. Тој е бесмислен и самоубиствен и во тој случај е неизбежно да се бара нов.
Од Македонија се бара европски „нов левел“ (ново ниво на идентитетско откажување)!?
Да кажеше на времето некој дека Македонија, земја што во далечната 2001 година потпиша Спогодба за стабилизација и асоцијација, прва од земјите на Западен Балкан, до 2024 г. ќе биде престигната од Бугарија, Романија, Хрватска, па и од Црна Гора, Србија и најпосле и од Албанија, ќе го сметавме за персона што ништо не знае за европскиот интегративен процес. Токму тој процес е заснован на принципи утврдени во Копенхаген и тие се темелни вредности на демократска Европа, односно на блокот земји во Европска Унија. Но покрај принципи, во политичките и бирократски фиоки на Брисел и Стразбур имало скриени во подземни фиоки и двојни стандарди, кои се наменети за држави што не се по вкусот на Унијата. Македонија се најде како жртва токму на тие двојни стандарди и денес таа е оставена во некоја чекалница да чека автобус или воз, како сакате, кој никогаш не доцни. Но и никогаш не пристигнува. За Македонија членството, односно почетокот на преговори за членство е во доменот на виртуелна реалност.
Ако внимателно се анализираат досегашните пораки од европските лидери од пред 25-26 години и овие сега, ќе се забележи една константа – земјата дала многу, постигнала напредок, некаде многу, некаде многу слабо, но ете, сепак, не дала доволно. Брисел ни ги брои жртвите. Од знамето, името, македонското малцинство во соседството, јазикот, историјата, потеклото…, а сега треба да се сотре и Уставот базиран на Илинден и на АСНОМ и – да се скрои нов!? Секако дека новите членки кога влегуваат во Унијата го моделираат Уставот, затоа што кога влегуваш во блокот даваш дел од својот суверенитет и му го пренесуваш на Брисел. Но од Македонија се бара „нов левел“ – сега и веднаш да го смени Уставот, да ги внесе во него Бугарите, ако сака да почне преговори.
СИТЕ НЕШТО ЖРТВУВААТ, МАКЕДОНИЈА СЀ ДАВА КОМПЛЕТНО
Европската заедница, а подоцна ЕУ уште во 80-тите години од минатиот век беше подготвена за распадот на СССР и на СФРЈ, па беше подготвена да ги пречека новонастанатите држави од Истокот – некои во прегратка, некои на нож. Во директивите на Брисел во соработка со механизмите на ОН, на ниту една нова држава не ѝ се признава континуитет во меѓународните организации, па тие мораа да бараат членство во ООН, Советот на Европа, ОБСЕ… Таканаречената Бадентерова комисија донесе директиви и за тоа кои држави ги исполнуваат условите да бидат меѓународно признаени и во нив се најде и Македонија. Зошто, како? Имало визионерство кај Македонците без разлика што кој стигне и како стигне го негира тоа. Македонија го помина тој филтер, но политичките сопки не успеа. Словенија на пример, која заедно со Македонија доби зелено светло за признавање, но не и другите новонастанати држави од СФРЈ, имаше болни преговори и условувања. На крајот ја прифати Осимската спогодба со Италија со тоа што им ги даде малцинските права на Италијанците, а Италија правата на Словенците во земјата. Па така, Словенците во Трст на пример можат да се школуваат на мајчин словенечки јазик. (Дали тоа го имаат Македонците во Бугарија и во Грција?) Билатерален договор е постигнат и со Унгарија, а најболно помина со Австрија, при што мораше да се откаже од словенечкото малцинство во Корушка. Пред само неколку години австрискиот претседател рече дека неговата земја многу погрешила. Жртви дадоа и Хрватска и Словачка, но ништо не може да се спореди со тоа што го даде Македонија. Во Лисабон 1992 година Европа кажа никогаш нема да примиме држава со името Македонија. Проектот е на пат целосно да биде остварен.
Дешифрирање на Бербок
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок смета дека уставните измени се клучен чекор за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. По средбата со својот колега, македонскиот министер Тимчо Муцунски во Берлин, таа порача дека последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер е додавање на Бугарите во Уставот.
– Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Сега има избори во Бугарија, и потоа има шанса што треба заеднички да се искористи – изјави германската министерка.
Таа смета дека ЕУ одлучува едногласно и не станува збор за неправда врз Македонија.
Каде е проблемот во изјавата на Бербок? Речиси и да нема, освен што ние не сме заборавиле што сѐ сме дале како држава, па затоа кога некој ќе ни каже „уште ова“, тоа не значи дефинитивно. Секогаш има простор да се бара нешто ново, а Брисел никогаш не дава гаранции дека нема да го прави тоа. Гаранции во ЕУ не постојат.
Васко Наумовски: „Земјата води целосно нова и различна надворешна
политика“!
Министерот Тимчо Муцунски на средбата со Бербок изразил убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји. Притоа тој нагласил дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратегиски и безбедносен интерес, како за регионот така и за постојаните заложби на ЕУ.
Тука, секако, треба да се бара поентата и да се постави прашањето – дали ЕУ навистина е сигурна дека во период на напната геополитичка слика треба да се остави Македонија да виси во меѓупростор или треба да се стави итно во возот за Брисел? Очигледно никому не му одговара оваа позиција и двете страни да газат на тенок мраз.
Премиерот Мицкоски од Берлин, пак, порача дека го потенцирал ставот на Владата, дека и како народ и како држава во изминатите децении имаме премногу дадено и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно и преку исполнување на критериумите да покажеме дека заслужуваме членство во ЕУ.
Дали е ова новиот дипломатски ветер во надворешната политика на Македонија? Професорот и поранешен амбасадор Васко Наумовски се согласува со ова и смета дека земјата води „целосно нова и различна надворешна политика“.
– Конечно македонската власт бара да се цени она што го сработи, а не како своите претходници да ги прифаќа сите билатерални уцени и условувања, кои удираат по националните интереси и сега се директна пречка на европскиот пат. ЕУ мора да се води од Копенхашките критериуми, а дел од нив не е спорот со Бугарија. Поради тоа сосема е логична пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека заслужуваме да ги отвораме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку брзо ќе ги затвораме.
Секако дека оваа е една нова епизода во нашата надворешна политика – изјави во јавноста Наумовски.
Во секој случај, базичната порака од највисокиот државен врв е дека ќе се бараат начини да се излезе од ваквата состојба, но нема да се прифаќаат ултиматуми. Можеби, сепак, геополитиката диктира и порадикални потези и иницијативи на Скопје. Повеќе можности им се на располагање без разлика што сега се вика гласно оти во ЕУ одлуките се носат со консензус. Можат да се донесат и поинакви одлуки, и тоа со консензус и тие да бидат во корист на Македонија и нацијата.
Албанскиот премиер Еди Рама реши да даде дел од поморската граница со Грција, за тоа опозицијата го обвини дека ја продал земјата, даде дел од својата територија за прифаќање и населување емигранти (според „злите јазици –муџахедини“), при што се изградени два азилантски кампа, кои од вчера почнаа да се полнат, како резултат на договор со Италија. Во Албанија се создаде и ново малцинство – Бугари, за првпат во историјата на таа земја. Со тоа Рама избегна најмалку две вета – од Грција и од Бугарија
Како Албанија се извади од ветата?
Албанија завчера ѝ кажа збогум на Македонија!? Според некои аналитичари, таа отиде чекор напред кон Брисел откако премиерот Еди Рама, иако на врат има многу проблеми – политички, криминални, економски, а опозицијата е во континуиран протест токму поради тие прашања, сепак даде многу за да добие малку – почеток на преговори. Малку затоа што никој не знае дали и кога тој процес на преговори ќе заврши, зашто и Унијата е во процес на барање нов идентитет. Особено сега кога се наѕира крај на украинско-рускиот конфликт и се исцртува новата карта на Европа сосе Унијата. Рама реши да даде дел од поморската граница со Грција, за тоа опозицијата го обвини дека ја продал земјата, даде дел од својата територија за прифаќање и населување емигранти (според „злите јазици – муџахедини“), при што се изградени два азилантски кампа, кои од вчера почнаа да се полнат, како резултат на договор со Италија. Во Албанија се создаде и ново малцинство – Бугари, за првпат во историјата на таа земја. Со тоа Рама избегна најмалку две вета – од Грција и од Бугарија. Но како што ќе се одвива сега процесот на чешлање на поглавјата, и Атина и Софија дополнително ќе ја притискаат Тирана и ќе бараат концесии. Товар што го остава и на идната влада.
Затоа колку и да звучи добрососедски изјавата на Рама со која упати низа критики за досегашниот однос на некои земји членки на ЕУ кон Македонија, поради блокадите изминатите години, и рече дека за тоа жали и е направена голема штета за државата врз база на историски прашања, сепак тој позитивно одговори на барањата на Софија. Х.И.