Мапирање на целите на САД во Иран: Погодените воени цели во Иран ги идентификуваат американските политички цели
- Комбинацијата од воени, институционални и нуклеарни цели укажува дека операцијата не била ограничена само на воено и тактичко неутрализирање туку се разбира дека имала поширока стратегиска рамка: воспоставување друг режим во Иран по најбезболен пат, за најкратко време и со најмалку жртви (на обете страни), да не се води долга и исцрпувачка војна, потоа, комплетно ставање под контрола од страна на САД на уште една земја на Блискиот Исток со која во иднина ќе се развиваат сосема подруги билатерални односи и Вашингтон да ги координира тие политики и регионално и пошироко на Блискиот Исток
Според официјалните изјави од Вашингтон, нападите биле насочени исклучиво кон воени цели, со јасна намера да се ослабат ракетните капацитети и потенцијалната нуклеарна инфраструктура на Техеран.
Но со најновиот бран американски напади врз иранска територија, со нивниот обем, а особено со нивната прецизност, се идентификуваат целите и пораките што ги испраќа Соединетите Американски Држави не само кон Иран туку и кон целиот свет.
Три категории цели
Досегашните информации укажуваат на околу 30 погодени локации, кои можат да се групираат во три главни категории.
1. Ракетни бази и балистичка инфраструктура
Првата и најобемна категорија се однесува на ракетните бази во Западен Иран, особено во регионот на Керманшах, Карај и Хорамбад. Овие подрачја со години, според западните разузнавачки извештаи, се поврзуваат со „развој и складирање балистички ракети“, кои претставуваат клучен столб на иранската стратегија за одвраќање.
Со целењето на овие бази, САД испраќаат јасна порака дека приоритет им е неутрализирање на ракетните капацитети што би можеле да ги загрозат американските интереси и сојузници во регионот. Воздушните и поморските напади сугерираат прецизна операција со цел да се минимизираат колатералните штети, но истовремено да се предизвика максимално стратешко слабеење на иранската воена инфраструктура.
2. Државни и безбедносни институции во Техеран
Втората категорија ги опфаќа владините згради (најбрзо што може физички да се елиминираат највисоките личности – претставници на режимот на Иран) во главниот град Техеран. Објектите на напад се Министерството за разузнавање, Министерството за одбрана, канцеларијата на врховниот лидер и објекти поврзани со раководење и командување со нуклеарната програма.
Иако САД тврдат дека целите биле исклучиво воени, нападите врз институции од ваков ранг имаат и силна политичка димензија. Тие не се само обиди за физичко уништување инфраструктура туку и порака за подготвеност да се ликвидираат високите носители на државните, воени и верски функции и да се создадат услови за државен преврат во Иран, со минимални колатерални штети за граѓаните на Иран и нивните домови и други индустриски добра, кои би биле неруинирани за да послужат како отскочна штица за раст и развој на Иран, но од наредната политичка и државна номенклатура што ќе соработува со Вашингтон.
3. Нуклеарни и чувствителни воени локации
Третата категорија на воени цели се однесува на „сомнителни или стратешки чувствителни нуклеарни објекти“, меѓу кои се споменуваат локации во Ком и Бушер, како и воениот комплекс Парчин, која е една од најчувствителните воени зони во земјата.
Нападите врз овие објекти директно се поврзуваат со долгогодишната загриженост на Вашингтон околу иранската нуклеарна програма. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп јавно изјави дека целта е „уништување на нивните проектили и целосно разорување на ракетната индустрија“, потенцирајќи дека Иран „никогаш не смее да има нуклеарно оружје“.
Стратегиска порака
Комбинацијата од воени, институционални и нуклеарни цели укажува дека операцијата не била ограничена само на воено и тактичко неутрализирање, туку се разбира дека имала поширока стратегиска рамка: воспоставување друг режим во Иран по најбезболен пат, за најкратко време и со најмалку жртви (на обете страни), да не се води долга и исцрпувачка војна, потоа, комплетно ставање под контрола од страна на САД на уште една земја на Блискиот Исток со која во иднина ќе се развиваат сосема подруги билатерални односи и Вашингтон да ги координира тие политики и регионално и пошироко на Блискиот Исток.
Во суштина, мапата на погодените цели открива дека станува збор за операција со јасна воено-политичка логика, но и со гласна порака до другите светски сили за националните американски интереси. Р.С.
































