Фото: „Нова Македонија“

Најновото истражување на „Евробарометар“ ги детектира грижите на Европејците

Според анкетираните граѓани на ЕУ, за Европа да ја консолидира својата позиција во светот и да се приспособи на актуелниот
политички и економски контекст, политиките на Унијата треба да се фокусираат на:
1. одбраната и безбедноста (37 отсто)
2. конкурентноста, економијата и индустријата (32 отсто).
Меѓу прашањата на кои Европскиот парламент треба да им даде приоритет се:
1. инфлацијата, зголемувањето на цените и трошоците за живот (41 отсто од испитаниците)
2. одбраната и безбедноста (34 отсто)
3. борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост (31 отсто)

Мнозинството Европејци во време на геополитичка неизвесност веруваат во наративот дека „Европската Унија треба да игра поголема улога во заштитата на граѓаните од глобални кризи и безбедносни ризици“. Ова го регистрира најновиот извештај на „Евробарометар“. Такво мислење имаат изградено 68 отсто од испитаниците, додека девет од десетмина Европејци очекуваат земјите членки да се обединат во поголема мера, а повеќе од три четвртини (77 отсто) веруваат дека на ЕУ ѝ се потребни повеќе ресурси за да се справи со актуелните глобални предизвици). Приоритетите на граѓаните ги одразуваат нивните загрижености за актуелната политичка и економска состојба.
Според испитаниците, ЕУ би требало да се фокусира на одбраната и безбедноста (37 отсто), конкурентноста, економијата и индустријата (32 отсто) за да ја консолидира својата позиција во светот и да се приспособи на актуелниот политички и економски контекст. Меѓу прашањата на кои Европскиот парламент треба да им даде приоритет се инфлацијата, зголемувањето на цените и трошоците за живот (според 41 отсто од испитаниците), одбраната и безбедноста (34 отсто) и на борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост (31 отсто). Инфлацијата и трошоците за живот веќе беа големи грижи за време на последните европски избори, како што покажа постизборното истражување на „Евробарометар“, а економската состојба продолжува да биде голема загриженост за многумина европски граѓани.

Се бара и поголема транспарентност

Со цел за подобро инвестирање во она што е важно, речиси осум од десет Европејци веруваат дека зголемениот број проекти треба да се финансираат од ЕУ како целина, а не од поединечни земји членки (78 отсто). Според 91 отсто од граѓаните, Европскиот парламент мора да ги има сите информации и ресурси потребни за правилно следење на трошењето на ЕУ. Понатаму, 85 отсто од Европејците веруваат дека распределбата на средствата на земјите членки треба да биде условена од нивното почитување на владеењето на правото и на демократските принципи. Мнозинството испитаници низ сите земји членки го делат овој став.
– Европските граѓани сакаат Европа да се фокусира на безбедноста и економијата. Тие очекуваат ЕУ да биде стабилна и да зборува со силен, обединет глас во услови на денешниот несигурен свет. Нашите приоритети и следниот долгорочен буџет на ЕУ затоа мора да ѝ овозможат на Унијата да се справи со новите геополитички реалности. Парламентот ги слушна, а сега мора да ги претвориме зборовите во дела, да инвестираме во она што е важно и да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани – изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, при објавувањето на анкетата.

Членството во ЕУ влијае врз животот на граѓаните

Речиси три од четири испитаници (72 отсто) рекле дека активностите на ЕУ имале влијание врз нивниот секојдневен живот, при што 50 отсто го сметаат ова влијание за „позитивно“, 31 отсто „ниту за особено позитивно ниту за негативно“, а 18 отсто мислат дека е „негативно“.
ЕУ се смета за место на стабилност, а 73 отсто од Европејците веруваат дека нивната земја имала корист од нејзиното членство во ЕУ. Главните причини што се наведени се придонесот на ЕУ за одржување на мирот и за зајакнување на безбедноста (37 отсто), подобрената соработка меѓу земјите членки (36 отсто) и придонесот на ЕУ за економски раст (29 отсто).
Анкетата на „Евробарометар“ за пролетта 2025 година на Европскиот парламент беше спроведена од 5 до 29 мај 2025 година во 27-те земји членки на ЕУ од страна на истражувачката агенција „Вериан“. Анкетата беше спроведена лице в лице со испитаниците, а беа спроведени и видеоинтервјуа во некои земји членки (Данска, Малта, Холандија, Финска и Шведска). Вкупно беа спроведени 26.410 интервјуа. Резултатите за ЕУ како целина не се пондерирани според населението на секоја земја.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција


Мнозинството анкетирани граѓани го поддржуваат становиштето за проширување на ЕУ

Новообјавената анкета на „Евробарометар“ открива дека 56 отсто од граѓаните на ЕУ се за понатамошно проширување на европскиот блок. Поддршката е особено висока кај младите: околу две третини од испитаниците на возраст од 15 до 39 години веруваат дека (потенцијалните) земји кандидати треба да ѝ се приклучат на ЕУ откако ќе ги исполнат потребните услови.
Мнозинството (56 отсто), исто така, верува дека нивната земја би имала корист од идното проширување. Најшироко признаените предности вклучуваат посилно глобално влијание, поголем пазар за бизнисите во ЕУ, повеќе можности за работа и поголема солидарност и безбедност. А 67 отсто од граѓаните велат дека не се чувствуваат добро информирани за проширувањето.
Истовремено, испитаниците изразуваат загриженост поврзана со миграцијата, корупцијата и криминалот, како и финансиските трошоци за проширување. Тие ја нагласуваат важноста да се обезбеди земјите кандидати да го почитуваат владеењето на правото, да се борат против корупцијата и да ги заштитат основните права, сите основни елементи на кредибилниот процес на пристапување базиран на заслуги. Н.М.