Комисиската дебата во однос на уставните измени, наместо предвидените десет дена, се сведе само на еден ден. Пропустот на комисијата (како исклучително битно собраниско тело и во делот од системската регулаторна и контролно-надзорна функција) – е колосален! Имено, се пропушти една од битните алки во веригата на фактите, вистината, правото и правдата, владеењето на правната држава и практикувањето на процедурите во полн капацитет, со што се праќа јасна и недвосмислена порака дома и надвор. Но што всушност требаше да направат членовите на собраниската комисија за уставни прашања и што јавноста и граѓаните, а и демократската светска јавност, очекуваа од нив? Или, со други зборови, кои се петте стратегиски грешки што свесно или несвесно ги направија народните избраници од Комисијата за уставни прашања?
Пет стратегиски грешки на парламентарната комисија за уставни прашања
Додека пред извесно време македонските функционери си ги зголемија платите за 78 проценти, а меѓу нив спаѓаат и народните избраници, во македонското собрание вчера десеткратно беше намалена суштинската дебата поврзана со уставните измени. Ваков парадокс на кратење на демократијата веројатно се нема случено во ниту една држава во светот, најмалку во земја-кандидат за влез во ЕУ. Народот вели нѐ изеде туѓиот срам, но недостигот од желба за дебата во собраниската комисија за уставни прашања е навистина срам и пораз за целата држава. Ваквиот однос на пратениците, и од власта и од опозицијата, ја доведува во прашање и контролната, надзорната и регулаторната системска улога што Собранието односно телата во него треба да ја имаат и која е една од нивните најважни задачи.
Фундаменталните системски улоги на собраниските комисии
Дека Собранието особено неговите комисии не ја вршат својата фундаментална улога потврдуваат и низа извештаи и истражувања на релевантни домашни и странски институции. Според истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието, спроведено во март и април годинава, перцепцијата на мнозинството граѓани е дека Собранието не ја извршува докрај својата надзорна улога и Владата има целосна контрола над Собранието.
-Како надзорен орган со широки овластувања и ингеренции, Собранието треба да врши надзорна, контролна и регулаторна улога и во работењето на други органи, министерства, во правосудството итн. За жал, реалноста покажуваа дека Собранието воопшто не ја исполнува оваа своја исклучително важна надзорна функција – велат аналитичарите.
Според нив, коренот на проблемот е во сегашниот изборен модел, што се манифестира во нефункционалност на Собранието и недостигот од самостојност на пратениците.
Пратениците треба да ги застапуваат интересите на граѓаните.Тие не се гласачка машина и не треба да бидат орудие во ничии раце. Тоа, според соговорниците, се народни избраници, кои вршат многу одговорна задача, за која, патем, земаат висока плата, и треба секогаш да ги штитат интересите на граѓаните и на својот народ. За жал, сето ова вчера не го видовме. Но што, всушност, требаше да направат членовите на собраниската комисија за уставни прашања и што јавноста и граѓаните очекуваа од нив.
Пет превиди на комисијата во фокусот на нашата опсервација
– Прво и пред сѐ да отворат широка и конструктивна расправа во однос на предлогот за уставните измени. Таа расправа да трае колку што е предвидено, односно најмногу десет дена, со цел секој пратеник и член на оваа комисија да може аргументирано да ги изнесе своите ставови и на тој начин да се обиде да ги разубеди колегите и јавноста во оправданоста или неоправданоста на истите тие. Не е доволно само лидерите на партиите генерално да се осврнат на насоките на предметот на расправа. Напротив, од членовите на комисијата, парламентарци, се очекува во детали да го претресат прашањето што е на дневен ред, и тоа пред очите на севкупната јавност.
– Второ, во текот на тие 10 дена да направат широки консултации и со својата база, од каде што се избрани, односно со своите избирачи, кои им дале пратенички мандат. Да го слушнат и опипаат пулсот на граѓаните и да ги чујат предлозите на избирачите, што мислат тие во однос на предложените уставни измени. За тоа практично постојат и народните канцеларии, за средби и консултации на пратениците со базата. Истото тоа да го пренесат и во комисијата како своевиден индикатор за пулсот на своите избирачи.
– Трето, да повикаат и да се консултираат поширок круг домашни и странски експерти (да поканат на работна средба во комисијата). Тоа можеа да го направат во рамките на работата на комисијата, да повикаат низа експерти и со вкрстени прашања од сите членови на комисијата, да добијат низа објективни одговори што би придонеле за пратениците и за јавноста, за да се добие целосна претстава за тоа што ќе донесат уставните измени. Секако, препорачливо е извонредни светски експерти од пријателските земји, на пример од ЕУ, како и од САД. Добро да ги сослушаат сите нивни аргументи, но истовремено стриктно да се држат и до принципите на меѓународното право
– Четврто, да прочитаат и анализираат какви се уставите и нормативните акти во другите држави и како е дефинирана таму улогата на носечкиот државотворен народ и на малцинствата. Сите овие примери и искуствени практики да се земат предвид за подобрување на текстот на амандманите, нивно евентуално усвојување или целосно отфрлање.
– Петто, по една таква сеопфатна, аналитичка и опширна анализа и дебата, секој пратеник член на комисијата, поединечно или како пратеничка група или како интегрална комисија, да испрати моќна и аргументирана порака пред домашната и меѓународната јавност до какви ставови (макар и противречни) се дошло и кои се најдобрите решенија за Македонија, а доколку има и различни ставови, тие да се забележат и да им се претстават на другите пратеници, односно на јавноста.
Веројатно има уште неколку точки што може да се наведат, но и овие се доволно. За да се види што можеше, а се пропушти да се направи. Во вторникот пратениците и Собранието се лизнаа и паднаа на својот терен и на својот испит. Направија пет стратегиски колосални превиди. Шанса за поправен секако има. Да не дозволиме да ја пропуштиме и таа.