ЕДЕН ОД ПРОЦЕСИТЕ НА НОВАТА ЕВРОПА – РЕМИГРАЦИЈА
- Не зборуваме за прифаќање мигранти, туку за прифаќање македонски иселеници. Тоа е голема разлика. Притоа го анализираме примерот со егзодусот на Романците од Обединетото Кралство (покрај Полјаците и Бугарите). Романија им подаде рака на своите иселеници затоа што стана очигледно дека си требаат едни на други. Македонија го направи тој прв чекор со повикот до дијаспората. Иако на почетокот се крена голем ѕид кон овој предлог, сепак тој може брзо да се надмине и да се следат примерите на една Романија или алијата на Израел. Притоа треба да учиме и од Британците или од Холанѓаните, кои сѐ почесто ја избираат Македонија како пензионерска дестинација – подобро и многу поевтино е да се живее тука
Повикот на македонскиот премиер до дијаспората да размислуваат да се вратат во Македонија наиде на еден голем ѕид кај голем дел од јавноста. Но ако ги погледнеме моменталната состојба во светот и процесите што забрзано се одвиваат, неговиот повик треба да најде барем неколку прозорци на тој ѕид што инстинктивно се подигна по неговиот повик. Стравот од несакани мигранти е реален по сето она што го видовме во повеќе западноевропски земји.
Постојат два сосема различни концепти на владеење – едниот е тој до мандатот на претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека кога не би бил тоа што е, значи шеф на држава, и тој би заминал некаде во странство. Вториот е на сегашната власт – премиерот и претседателката на државата, кои подаваат раце кон дијаспората и, освен нејзино вклучување во градењето на подобро македонско општество (вклучување на далечина), ете, упатен е и повик за нејзино враќање. Има ли логика? Сѐ ли е така црно во Македонија? Зошто би се вратиле? Дилеми, но и големи можности. Ни во светот не е сѐ наместено како на филм.
БАЛКАНСКА АНАЛИЗА ЗА ПЕЧАЛБАРСКИОТ СИНДРОМ
Во тек е голем егзодус на странци од Обединетото Кралство, а пред сѐ масовно заминуваат од таму Романците, Полјаците, Бугарите како најмногубројна имиграција, а потоа и други, како Шпанци или Италијанци. Романија е типичен пример за „балканска анализа“, затоа што од падот на режимот на Николае Чаушеску пред триесетина години, земјата ја напуштиле над пет милиони Романци. Само во Обединетото Кралство по подобар живот отишле еден милион. Но работите се менуваат, и тоа брзо. Секоја година над 40.000 Романци се враќаат во својата татковина, а постојат неколку главни причини за тоа: Обединетото Кралство излезе од ЕУ, стандардот опаѓа, а цените растат, особено на станарините, стапката на криминал се зголемува, постои сѐ поочигледен расизам и нетрпеливост кон странци, а се влошуваат услугите во здравствениот систем. Токму во здравствениот систем постои и посебна група европски номади – функционираат на пример редовни чартер-летови од Германија, чии граѓани одат на неколкудневен здравствен туризам во Унгарија, најчесто да поправаат заби. Доаѓаат и кај нас, иако за ова не се зборува многу.
Ова се едни од главните причини зошто Романците ја бараат среќата во својата татковина, но главната е што токму Романија сега за нив станува ветената земја. Државата им нуди обработлива земја, им нуди поволни земјоделски кредити, им финансира бизниси. Романците можат да го стават сето ова на нивната национална вага и да мерат – дали е подобро да живееш со семејството во Англија или во Романија, која е многу побезбедна земја, но, ете, тоа е општество во кое владее корупција. За многумина, изборот е логичен – дома си е дома, меѓу своите, во својата култура.
ДРАМАТИЧЕН ВЛЕЗ ВО 2026 Г. – УШТЕ ЕДЕН ИНДИКАТОР ПЛУС
И само што влеговме во 2026 година, која, ете почна драматично со американска интервенција во Венецуела, според нашите анализи очекуваме еден од клучните процеси да биде решавање на проблемот со мигрантите и на европска почва. Дали тоа ќе биде успешен процес или проект е неизвесно, но според она што сега се калкулира станува збор за сериозен план со законски платформи во заднина. Една од тие платформи за заштита е сериозна промена на Европската конвенција за човекови права во делот на азилот и миграциите. Втората компонента е заедничкиот план за создавање безбедни зони за одбиените азиланти и нелегалните мигранти, каде што од нашиот регион е спомнато само Косово. Билатералниот договор на Италија со Албанија засега е под блокада од тамошниот уставен суд. Македонската влада демантираше билатерален договор со Лондон, според кој, нашата земја би била еден безбедносен центар за протерани азиланти од Велика Британија.
Годинава се очекува голем бран протерувања од САД. И тоа нема да биде изненадување, зашто такво нешто видовме во мандатот на Барак Обама, кој беше именуван „како шеф на депортациите“, епитет добиен откако додека беше во Белата куќа беа забележани три милиони депортации. Трамп веќе има склучено договори со неколку земји што ќе ја играат улогата на „трети земји“ што ќе ги прифаќаат протераните. Истото го прави и Австралија, чија влада постигнала таен договор со островската држава Науру каде што за сума од 2,5 милијарди австралиски долари во наредните три децении ќе се испраќаат протераните од Австралија.
И овие договори не се ништо ново, оти такви постоеле и порано. Во тој контекст најинтересен за анализи беше договорот меѓу ЕУ и Турција, исто така платен во милијарди, за Анкара да ги чува сириските бегалци во бегалските кампови на нејзина територија. Така беше спречена мигрантска поплава на Европа, која можеше да предизвика големи социо-политички потреси.
МИГРАНТСКАТА МЕТЛА НЕ Е САМО ЕВРОПСКО ДЕСНИЧАРЕЊЕ
Ако сакаме да повлечеме една линија на равенство, тогаш ќе кажеме дека овие планирани депортации, за што не знаеме колкави цифри ќе стојат зад нив, не е европско десничарење, туку станаа политики на владејачките елити без разлика дали се леви или десни. Десничарскиот екстремизам веќе е прифатен и од таканаречените умерени политички сили, па дури и од неолибералите, кои ја губат моќта, зашто и така се добиваат гласови на избори! Најдалеку во овие планови отидоа во Велика Британија, каде што премиерот Кир Стармер само скокна во водата на Реформската партија на Најџел Фараж, кој вети протерувања на стотици илјади мигранти доколку дојде на власт. Многу е блиску до освојување на власта. Постојат повеќе причини за да се спроведе ваков обемен план на чистење на британското oпштество, а освен враќање на британските вредности, аргументот на Фараж е штедење. Штедење милијарди фунти, кои сега, според него, одат за социјална помош за мигрантите од кои повеќето нема да можат да се интегрираат во општеството и нема да ги прифатат британските вредности.
Следна држава што оди по оваа патека е Германија, каде што доколку на власт дојде Алтернатива за Германија (АфД), сериозно поддржана од политичката опција на Трамп, тој процес ќе биде драстично подлабок. Се очекува да пресече и Франција, каде што, според државните статистики, во земјата има над 700.000 нелегални имигранти, иако некои сметаат дека таа цифра е поголема. Колку поголема? Во некои европски градови, на пример во Белгија, бројот на новородени припадници на мигрантски семејства ги надминуваат тие на домородното население. И сето ова придонесе да се смени перцепцијата кон мигрантите во најголемиот дел европски земји. Анкетите покажуваат дека до 60 проценти од испитаниците се за депортации и засилен режим кога се во прашање границите и влезот на нови мигранти.
Сепак, треба да се земе предвид и финансиста состојба во Унијата, но и во Европа пошироко, која е особено отежната со финансирањето на руско-украинската војна, но и со сечењето на папочната врвка со Америка. Милитаризацијата на Европа, односно прелевањето на милијардите од здравствениот, социјалниот, образовниот буџет кон воениот ќе создаде поголеми незадоволства кај населението, но и сѐ поголема омраза кон странците. Историјата покажала дека тоа е неизбежно. Случајот со Романците што се враќаат во нивната татковина го потврдува тоа.
Македонија не би смеела да ги остави раселените Македонци на пуст остров
Во едно вакво светско милје, или како што народот вели „светот врие“, јасно е дека кај голем дел од иселените Македонци ќе се јави, ако ништо повеќе, дилемата дали можеби сега е време да се вратат назад во Македонија? Тоа е реална дилема кај многу наши иселеници. Македонија, на пример, можеби не е најидеалното место за живеење, но е привлечна за многу, на пример, Англичани или Холанѓани, кои решиле своите пензионерски денови да ги живеат како наши соседи. Купуваат имоти, повеќе во селата, реновираат стари куќи, особено им е привлечен охридскиот крај, и за многу помалку пари си создаваат солидно место за живеење. Тоа го видовме и во Бугарија, Шпанија или во Португалија. Полека тие ја откриваат и Македонија.
И Македонија, иако полека, сепак се менува, се менува свеста кај населението за она што е вистински приоритет на една влада, а не занимавање со кафеанска политика. Она што го прави Владата, а се гледа и од стратегијата за дијаспората, е темпирано во извонредно погодно време и на сите што имаат дилеми или планови им нуди можност да го остварат својот сон токму во Македонија. Земјата каде што се родени или земјата на нивните татковци и дедовци. Бидејќи таа стратегија е отворена и се гради заеднички со дијаспората, јасно е дека таа нема да биде готова за месец или два, или набрзина зготвена кајгана, затоа што станува збор за еден важен стратегиски план. Ако сакаме некоја споредба, тогаш можеме како пример да го земеме долгогодишниот проект на Израел и неговата алија, план за враќање на еврејската дијаспора во својата земја. Можеме да копираме некои добри практики од нив, а можеме да ги земеме предвид и нашите претходни пропаднати обиди. Каде згрешивме? Подобро е да знаеме каде грешевме, за да успее овој проект. Зашто рековме – се очекува многу Македонци раштркани низ светот да бидат ставени на пуст остров, на немирно море или на удари на ветрот на светските промени. Тие треба да почувствуваат дека имаат своја татковина. Македонија овој пат треба да даде, а има што да даде. Затоа во голем дел од најавените реформи и инвестиции треба на ум да ги имаат и македонските иселеници. Тие, доколку се вратат во позитивна клима, ќе бидат голема додадена вредност на македонското општество и со капитал и со пари и со знаење и со бизниси.


































