Повод за редакциска опсервација: Директниот едночасовен разговор на американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Путин
- Разговорот, кој траел околу еден час и бил опишан како „искрен и деловен“, според Кремљ, бил фокусиран на две клучни точки. Прво, како брзо да се запре војната со Иран, и второ, како да се создадат услови за политичко решение на војната во Украина. Резултатите од едночасовниот телефонски разговор се одразија и на глобалните енергетски пазари на нафта и природен гас. Но важно е и дека и европските влади внимателно го следат секој сигнал од Вашингтон и од Москва
Телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин повторно ја отвори најголемата геополитичка дилема на денешницата. Имено, „дали се подготвува голем дипломатски пакет што би можел истовремено да ја сопре војната на Блискиот Исток и да го замрзне конфликтот во Украина“? Разговорот, кој траел околу еден час и бил опишан како „искрен и деловен“, според Кремљ, бил фокусиран на две клучни точки. Прво, како брзо да се запре војната со Иран, и второ, како да се создадат услови за политичко решение на војната во Украина. Резултатите од едночасовниот телефонски разговор се одразија и на глобалните енергетски пазари на нафта и природен гас. Но важно е и дека и европските влади внимателно го следат секој сигнал од Вашингтон и од Москва.
Што всушност може да стои зад затворените врати на оваа нова „телефонска дипломатија“?
1. Некои претпоставки за рускиот план, базирани на медиумски извештаи
Според советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, Путин предложил неколку идеи за брз политички и дипломатски крај на конфликтот со Иран, базирани на контакти со лидери од Персискиот Залив, иранското раководство и други регионални сили. Главната логика на рускиот пристап е класична геополитичка рамнотежа. Во преден план, тоа е организирање регионална конференција за прекин на огнот, при што Москва предлага дипломатска рамка во која би учествувале Иран, Израел, заливските монархии, а се разбира и Русија, САД и Кина. Целта е брз прекин на огнот и гаранции за безбедност на морските маршрути, особено во Ормускиот Теснец. Москва сака и безбедносни гаранции за Израел, и во врска со тоа и Кремљ и Вашингтон јавно се согласуваат дека Иран не смее да има капацитет да го уништи Израел, што е една од ретките точки на консензус меѓу двете сили. Москва, според руски медиумски извори, има една специфична идеја за „деескалација преку економски стимул“. Предлогот на Кремљ што најмногу го привлекува вниманието на јавноста е „можноста за делумно укинување на санкциите на некои земји“, како инструмент за добар почеток за дипломатски компромис. Последниов предлог и Трамп го потврди на својата прес-конференција, но ниту тој не беше прецизен за кои држави се работи, за симнување или за ублажување на санкциите.
2. Некои претпоставки за американската стратегија и план, втемелени на западни медиумски извори
Американскиот претседател навестил дека некои санкции може привремено да бидат укинати додека конфликтот се стабилизира. Во игра се неколку сценарија. Имено, во првото влегува предвид „делумно укинување на енергетските санкции“, а основана претпоставка е дека Вашингтон размислува за ублажување на санкциите кон Русија, кон Иран и кон Венецуела. Целта е да се стабилизира глобалниот пазар на нафта, кој силно реагира на конфликтите на Блискиот Исток. На пример, медиумите веќе регистрираа дека еден сигнал веќе се појавил со најавата на САД дека ќе направи „триесетдневна пауза на санкциите за индиското купување руска нафта“. Според западните медиуми, во суштина, „и Вашингтон и Москва имаат заеднички интерес, а тоа е да не се случи колапс на глобалните енергетски пазари“.
Тивкиот дел од телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин: Украина
Иако тежишниот дел од разговорот меѓу двајцата светски лидери, како што пишуваат и западните и руските медиуми, беше блискоисточната воена и енергетска криза, многу аналитичари сметаат дека меѓу другото, не можело а да не се искористи можноста за да се разговара за војната во Украина. Руските медиуми дискретно цитираа извори од Кремљ дека наводно „Путин му објаснил на Трамп дека руските сили напредуваат успешно“. Во дипломатските кругови се споменуваат неколку можни формули што можеле да бидат предмет на подолгиот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин. Имено, примарната варијанта за постигнување мир би била т.н. замрзнат конфликт, што би значело веднаш обостран прекин на огнот, актуелна состојба на линиите на фронтот и нивно замрзнување, како и преговори за статусот на териториите. Се разбира првиот чекор за оваа варијанта мора да биде прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, прекин на нападите во Црно Море и размена на заробеници. Но за сето ова, аналитичарите тврдат дека стои договор за поголема геополитичка размена и постоење на еден поширок пакет, кој вклучува намалување на санкциите за Русија, гаранции за неутралност на Украина и стабилизација на Блискиот Исток.
Меѓутоа, аналитичарите не испуштаат од вид уште еден клучен играч во целата оваа глобална игра, а тоа е Кина, што сигурно било и предмет на размена на мислење во телефонскиот разговор на двајцата светски лидери. Според нив, „во свет во кој војните се водат истовремено на неколку фронта, еден телефонски разговор меѓу двајца лидери, плус доколку им се придружи уште еден, од Далечниот Исток, односно од Пекинг, може повеќе да ја промени геополитиката отколку десетици дипломатски самити. Р.С.
Улогата на Европа при решавање на светските предизвици и во Европа и на Блискиот Исток
Либерален Брисел е најголемиот губитник
Во многу анализи се забележува една чувствителна појава. ЕУ, поточно бриселските либерални елити предводени од Урсула фон дер Лајен, речиси и да не учествува во директните разговори по клучни светски прашања за војна и мир. Европските лидери, како на пример Емануел Макрон, се обидуваат да создадат дипломатски канал со Кина и со Русија, но реалноста е дека главните одлуки се носат во Вашингтон и во Москва. За Европската Унија ова открива еден стратегиски одговор: новиот светски поредок ќе се креира без Европа на масата за преговори. Р.С.

































